Атентат врз Славчо Ковачев
Атентатот врз Славчо Ковачев бил извршен на 13 септември 1924 година од страна на Мирчо Кикиритков во Софија. Убиството на Ковачев бил дел од општиот план за ликвидација на одреден број на македонски револуциoнери обвинети за убиството на Тодор Александров, наредбата за убиствата, според Кикиритков, била изречена од страна на Ванчо Михајлов [1].
За извршување на задачата Страхил Развигоров, еден од блиските соработници на Михајлов, требало да му го посочи Ковачев, бидејќи Мирчо Кикиритков не ја познавал посочената мета. Славчо Ковачев живеел на улицата Цар Борис, спроти романската црква. На тој петочен ден, 13 септември, атентаторите се сместиле на масата во една кафеана и го набљудувале патот откаде требало да се појави жртвата. По четиричасовно чекање, околу 12 часот, Развигоров посочил еден човек, којшто доаѓал по улицата Пиротска, но атентаторот се нашол во состојба на двоумење, бидејќи и други луѓе оделе по тротоарот и отежнато било препознавањето на Ковачев. Но состојбата во корист на Кикиритков се подобрила кога од вратата на куќата во која живеел Славчо Ковачев излегле неговите деца и на нивниот повик, кој бил кобен за него, Ковачев се стрчал кон нив со што го издал својот идентитет.
Во тој момент Мирчо Кикиритков му застанал зад грбот и испукал три куршуми, при што уште првиот куршум бил смртоносен за Славчо Ковачев. Кикиритков се наведнал над паднатиот и од непосредна близина пукал уште трипати. Атентаторот се обидел да побегне по улицата Егзарх Јосиф, но тука бил пресретнат од началникот на првиот полициски участок, на кого му се предал.
Само по два дена, во недела, било организирано бегство од страна на ВМРО, при што заедно со Кикиритков побегнале и терористите Владо Черноземски и Стефчо Каркалашев. Мирчо Кикиритков не знаел во што се состоело обвинувањето врз убиениот Ковачев и наполно верувал во исправноста на решенијата издадени од раководството на Организацијата, така што сметал дека треба да ги исполни безусловно. Тој истакнал дека до неговото затворање не знаел дека е убиен Тодор Александров. Во спротивно имал намера да ги убие и децата на Славчо Ковачев [2].