Асен Чаракчиев
Асен Тодоров Чаракчиев, подоцна Кожаров — филозоф, политичар, комунист, деец на ВМРО (Обединета) и на Бугарската комунистичка партија (БКП).
Животопис
уредиАсен Чаракчиев е роден на 19 јули 1911 година во Неврокоп, тогаш во Османлиската Империја, денес Гоце Делчев во Бугарија. Во 1931 година се приклучува на Бугарскиот комунистички младински сојуз и на Македонската народна студентска група и пишува во нејзиниот орган „Македонски студентски лист“,[1] а од 1932 година е член на Бугарската комунистичка партија (БКП) и секретар на обласниот комитет на ВМРО (Обединета) за Бугарија.[2]
Во 1934 година Васил Хаџикимов го протерува од редакцијата на весникот „Македонска борба“.[3] Во 1935 година заедно со Васил Ивановски започнува да го издава нелегалниот весник „Македонска револуција“. На 15 август истата година, Чаракчиев е уапсен заедно со други дејци на ВМРО (Обединета). На судскиот процес во јули 1936 година Чаракчиев се изјаснува како Македонец по народност и тврдо стои на тоа дека постои македонска нација, дека Пиринска Македонија има право на самоопределување и дека треба да се отцепи од Бугарија. Пред судот, Чаракчиев отфрла дека ВМРО (Обединета) има организациски врски со БКП, но не крие дека е комунист. Во писмо до Софискиот областен суд, заштитувајќи го постоењето на македонската нација, се користи со аргументи дека изјаснувањето на Македонците како Бугари предизвикува сомнеж кај соседните држави и кај другите народности во Македонија кон македонската борба. Во судскиот процес, Чаракчиев е осуден на 5 години затвор и глоба од 50.000 лева за антидржавна и прокомунистичка дејност чија цел е со насилство (вооружено востание) да го промени државното уредување и да ја повреди територијалната целост на Бугарија.[4] Чаракчиев излегува од затвор во 1940 година и продолжува да дејствува.
На 24 јануари 1943 година Чаракчиев се жени за Лилјана Милошева.
Чаракчиев повторно е уапсен во март 1944 година. По превратот од 9 септември 1944 година, тој станува секретар на Обласниот комитет на БКП во Горна Џумаја и влегува во новото раководство на Македонскиот научен институт, а подоцна и во раководството на македонските емигрантски организации.[5] Во 1948 година завршува филозофија на Софискиот универзитет како вонреден студент. Од 1949 до 1951 година е професор по филозофија на Државна политехника во Софија (денес Технички универзитет). Од 1949 до 1960 година работи како соработник во Централниот комитет на БКП. Извесен период е и член на кабинетот на Тодор Живков.[6]
Од 1960 до 1962 година е директор на „Бугарска енциклопедија“ во БАН. Од 1962 година е виш научен соработник во Институтот за филозофија. Од 1952 до 1972 година со кратки прекини е научен секретар и заменик главен уредник на списанието „Филозофска мисла“, кое се издава во Софија. Од 1963 до 1966 година е претставник на ЦКП на БКП во списанието „Проблеми на мирот и социјализмот“ во Прага. Од 1966 до 1969 година е заменик директор на Институтот за историја при ЦК на БКП. Од 1966 до 1981 година е директор на Институтот за современи социјални теории при БАН. Во 1968 година го менува своето презиме во Кожаров. Во 1973 година станува доктор по филозофски науки, а во 1977 година професор. Во 1971 година е одликуван со орден НРБ I степен, а во 1981 година со орденот „Георги Димитров“.[7]
Библиографија
уреди- Титовият терор във Вардарска Македония, Изд. на ЦК на Македонските културно-просветни дружества в България, 1949
- Характер и движещи сили на народно-демократичната революция в България, София, 1956
- Действеността на мисленето, София, 1961
- Монизъм и плурализъм в идеологията и политиката (1972, на английски 1973, на немски и руски 1974)
- Социалните сили, извършили социалистическата революция в България (на английски и френски), София прес, 1968
- Законът – основна форма на мисленето, в науката, философията, идеологията. Академие Ферлаг, Берлин, 1973
- Правата на човека и идеологическата борба днес (1977, на английски, немски и руски 1978)
- Системата йога в съвременния свят, Наука и изкуство, 1989
Наводи
уреди- ↑ Гребенаров, Александър. Легални и тайни организации на македонските бежанци в България (1918 – 1947), МНИ, София, 2006, стр.237
- ↑ Шанданов, Петър. Богатство мие свободата, Гутенберг, 2010, стр.315.
- ↑ Гребенаров, Александър. Легални и тайни организации на македонските бежанци в България (1918 – 1947), МНИ, София, 2006, стр.245
- ↑ Добринов, Дечо. ВМРО (обединена), Университетско издателство „Св. Климент Охридски“, София, 1993, стр. 232, 235 – 236.
- ↑ Гребенаров, Александър. Легални и тайни организации на македонските бежанци в България (1918 – 1947), МНИ, София, 2006, стр. 374, 390.
- ↑ Христо, Христов (2009). Тодор Живков. Биография. София: Сиела. стр. 132. ISBN 978-954-28-0586-1.
- ↑ Енциклопедия България, том 3, Издателство на БАН, София, 1982, стр. 464 – 465.