Ана Зипел, исто така напишана како Сипел или Сипела (починала на 29 април 1676 година), била наводна шведска вештерка, една од најпознатите на судењето на вештерките на Катарина во Стокхолм за време на шведската манија на вештерки „Det stora Oväsendet“ („Големата Бучава“) од 1668–1676 година; Ја нарекувале „ Кралицата на Блокула “ и заедно со нејзината сестра Брита Зипел била најпознатата вештерка во шведската историја, позната по својата горда одбрана.

Заедно со нејзината сестра, Брита Зипел, и нејзината пријателка и деловна партнерка Ана Мансдотер, таа била првата жена во Стокхолм која била обвинета за киднапирање на деца во Вештерскиот Сабатот на Сатаната во Блокула.

Заднина

уреди

Ана Зипел била богата жена од средната класа. Нејзините браќа биле спортски инструктори на кралскиот двор, а нејзиниот сопруг Бенгт Брак поседувал неколку пекарници, имоти и мелница. Таа продавала лекови направени од нејзината блиска пријателка, независната и привлечна шапкаџика, Ана Мансдотер. Таа ја поддржувала својата сиромашна сестра Брита Зипел, иако не биле блиски. За разлика од нејзината сестра Брита Зипел, таа била почитувана и достоинствена жена. Таа имала место во високото општество и, според сведоците, била во пријателски односи со сопругата на градоначалникот Тегнер, сопругата на капетанот на градот, Маргарета Ремер и госпоѓата де ла Вале, сопруга на познатиот архитект Жан де ла Вале од кралската куќа. Свесна дека обвиненијата за волшебство не се прифаќаат против членовите на повисоките класи, Ана подоцна го изјавила ова во судскиот процес против неа.

Ана била опишана како висока, горда жена со елегантно држење на телото, а изгледа дека била заинтересирана за модата. Децата ја опишувале како „Кралицата на Блокула“, облечена во скапа облека, во дијаманти и со коса во кадрици. Тинејџерките тврделе дека таа ги облекла за брак со Ѓаволот во пеколот. Можно е да била обвинета поради нејзината сестра и нејзината пријателка. Нејзината сестра, Брита, била обвинета за волшебство двапати претходно, а нејзината пријателка Ана Мансдотер ја нарекувале „Вип-ап-мед-насан“ („Угоре-со-носот“) поради нејзината провокативна самодоверба, неперцепирање на озборувањата и јавното мислење и нејзиниот бизнис со продажба на лекови на богати луѓе. Ана Мансдотер, исто така, ги научила ќерките на Ана Зипел да шијат.

Обвинение

уреди

Дете ја покажало на улица, врескајќи „Таа беше таа што ме одведе кај Ѓаволот!“ пред да се онесвести. Луѓето тврделе дека нејзините лекови биле навистина магични напивки. Нејзината поранешна слугинка се појавила со низа тврдења: Зипел ја испраќала на мистериозни мисии среде ноќ, Зипел се сретнала со Ана Мансдотер во нејзината соба во текот на ноќта, Ѓаволот редовно го полнел подрумот на Зипел со пари, дух на куче ја чувал нејзината градина, а таа се капела секогаш кога правела лекови. Слугинката, исто така, ја обвинила Зипел дека и ја побарала првата крв од менструацијата, велејќи и да го намачка телото со неа и да ја искористи за да и напише име на челото. Собарката, исто така, тврдела дека била болна три години откако го напуштила работниот однос на Зипел. Сопругот на Ана Зипел исто така бил обвинет дека киднапирал деца на Блокула.

Кога децата на нејзината сестра и таа биле испрашувани, тие тврделе дека ги однела на Сабатот на Сатаната. Децата на нејзината сестра уште повеќе сакале да вперат прст кон неа отколку кон нивната мајка, велејќи дека таа ги однела кај Ѓаволот кога нивната мајка била изнемоштена. Пријателката на Зипел, Ана Мансдотер, исто така била обвинета за киднапирање деца и за стружење на златото од црковните ѕвона на нејзиниот пат кон Блокула. Ана Зипел се сметала за многу моќна вештерка. Кога ја одвеле во затвор, таа плукнала маж кој и викал и тој паднал мртов. Починал и чуварот во затворот кој ја погледнал во лице.

Судење

уреди

Ана Зипел се однесувала со големо достоинство за време на судењето, бранејќи се со бестрашност и самодоверба. Против неа сведочеле 50 сведоци. Таа изјавила дека таа и нејзиниот сопруг го стекнале своето богатство со напорна работа и содружништво и дека таа и нејзината пријателка Ана Мансдотер имале голема вештина во правењето лекови. Таа рекла дека е горда на начинот на кој се однесувала со нејзините деца и нејзините слуги и дека луѓето дошле со овие обвинувања поради љубомора. Таа рекла дека не е важно колку луѓе сведочеле против неа — таа сè уште била невина — и дури и ако сите свештеници и епископи во кралството сведочеле против неа, тоа немало да го промени тој факт.

Таа ги негирала сите обвиненија упатени против неа, нејзината сестра и нејзината пријателка, нарекувајќи ги обвинувања од зло и агресија. Кога трите жени биле осудени на обезглавување и палење на клада, таа одговорила: „Па! Сè уште сум невина! Бог да ви прости за пресудата која штотуку ја донесовте!“

Погубување

уреди

За време на погубувњето, Ана изгледала како да ја изгубила сета волја за борба. За разлика од нејзината сестра, Брита Зипел, која се борела при секој чекор и привлекла големо внимание кога била изнесена, Ана била опишана како целосно вкочанета, како да не знаела што и се случило. Таа била изнесена последна. Таа не рекла ништо, не ги слушала свештениците и не се ни помрднала. Помошниците на џелатот ја воделе до платформата како да е кукла. На платформата и била отсечена главата, нејзиниот труп бил прикован на скала, а скалата пуштена на кладата.

Поврзано

уреди

Наводи

уреди
  • Алф Аберг (1989). Хаксорна. De stora trolldomsprocesserna i Sverige 1668-1676. Гетеборг: Novum Grafiska AB. ISBN 91-24-16385-6 (на Шведски јазик)
  • Ankarloo, Bengt, Satans raseri: en sannfärdig berättelse om det stora häxoväsendet i Sverige och omgivande länder, Ordfront, Стокхолм, 2007 година (на Шведски јазик)
  • Widding, Lars, När häxbålen brann: en dokumentär berättelse, Norstedt, Стокхолм, 1980 година (на Шведски јазик)
  • Jan Guillou, Häxornas försvarare, Piratförlaget 2002 (ISBN 916420037X ) (на Шведски јазик)
  • Fogelström, Per Anders, En bok om Söder, Bonnier, Стокхолм, 1953 година (на Шведски јазик)
  • https://web.archive.org/web/20070618062943/http://www.edu.vanersborg.se/Bsgweb/kvinnoboken/2006/haxor.htm (на Шведски јазик)
  • Stig Linnell: Ur Stockholms spökhus. Häxorna i Katarina, ['Од куќите на духови на Стокхолм. Вештерките на Катарина'], 1998 (на Шведски јазик)