Алел

(Пренасочено од Алели)

Алелот (од грчки αλληλος, меѓу себе) претставува алтернативна форма на еден ген. Обично постојат по два алела за даден ген, така што алелот може да се смета за "една половина на генот". Двата алела се наоѓаат на двата хомологни хромозоми (еден на мајчиниот, а друг на татковиот хромозом). Се разликуваат доминантни алели (или алели од див, немутиран тип) и рецесивни (мутирани) алели. Доминантните алели се означуваат секогаш со голема буква (на пример А), додека рецесивните со мала (а). Многу е важно да се познава дали еден ген е хомозиготен (се состои од два исти-доминантни АА или рецесивни аа алели) или, пак, тој е хетерозиготен (се состои од различни, доминантно-рецесивни алели Аа). На пример, доколку црвената боја на цветот кај едно растение е одредена од доминантниот алел А, а белата боја од рецесивниот алел а, тогаш црвена боја на цветот ќе има кај единка со хомозиготни (по доминантен алел, АА) или хетерозиготни (Аа) соматски клетки, додека белата боја на цветот ќе се јави само кај единка со рецесивна генетска градба (аа). Од ова може да се заклучи дека доминантните алели се "надмоќни" над рецесивните, односно при хомозиготност по доминантен алел или хетерозиготност се изразува само својството кое е детерминирано од доминантниот алел.

Еден ген се состои од два алела, од кои едниот се наоѓа на хомологниот хромозом наследен од мајката, додека другиот на хомологниот хромозом наследен од таткото.