Александар Цандовски

Александар Цандовски (с. Барово, Демир Капија, 6 април 1936 – Скопје, 23 ноември 2020) — македонски теолог и свештеник, професор и еминентен познавач на македонското црковно пеење, еден од основоположниците на македонските црковни општини во дијаспората.

Животопис

уреди

Протопрезвитер Александар Цандовски е роден на 6 април 1936 година, во с. Барово (Демиркаписко). Основното образование, од прво до четврто одделение завршил во родното село, а од петто до осмо одделение, во с. Горна Бошава. Во 1951 година се запишал во Богословијата во Призрен, која ја завршил во 1956 година.

Истата година се вработил како учител во основното училиште во с. Граниково,[1] а држел предмети и во училиштето во с. Бојанчиште, Кавадаречко. Во 1958 година се запишал на Историската катедра при Филозофскиот факултет во Скопје.

Архиепископ Доситеј го повикал да го следи при архиерејските богослужби, веднаш по неговото доаѓање за поглавар на МПЦ.[2] Така, од 1958 до 1961 година, освен што бил архиепископски пцалт, истовремено бил и учител во Основното училиште „Св. Кирил и Методиј“, во Скопје.

Кон крајот на 1961 година е вработен како референт за просветна дејност во Македонската архиепископија, каде што заедно со д-р Славко Димевски го подготвувале Службениот весник на МПЦ. Во 1965 година, при крајот на своите студии започнал да работи во Институтот за национална историја. Во тој период учествувал на сите позначајни црковни настани повразани со возообновувањето на Охридската архиепископија во лицето на Македонската православна црква.

Во 1969 година е ракоположен во чин ѓакон од страна Архиепископот Доситеј. На барање на Митрополитот Кирил станал секретар на Американско-канадско-австралиската епархија[3] и во август 1969 година заминал за Торонто, Канада.

Во 1972 година, Александар Цандовски се враќа во Македонија и од страна на Архиепископот Доситеј е ракопроизведен во чин протоѓакон,[4] а набргу потоа е назначен за епархиски секретар на Скопската епархија и на таа функција останува сѐ до 1980 година.

Во 1979 година, заедно со Митрополитот Кирил снимил фрагменти од Божествената златоустова литургија на Атанас Бадев.[5][6]

Од 1980 до 1987 година, бил професор во Македонската православна богословија по предметите црковно пеење и црковна историја на Македонскиот народ.

По упокојувањето на Архиепископот Ангелариј, бил поставен на должноста шеф на Кабинетот и личен ѓакон на новоизбраниот Поглавар на МПЦ, Архиепископот Гаврил. Тие функции ги извршувал и во времето на Архиепископот Михаил (1993-1999).

Во 1993 година, како вокал учествувал во снимањето на албумот „Христос воскресе“,[7] а во 1998 година учествува во снимањето на Литургијата од свети Јован Златоуст.[8] Како извонреден познавач на црковниот мелос, долги години работи на дешифрирање на македонските црковни напеви.

На 8 декември 2000 година, во храмот „Св. вмч. Димитриј“ во Скопје, од страна на Архиепископот Стефан бил ракоположен во чин свештеник, а на 19 јануари 2001 година бил произведен во протојерејски чин.[9]

Од 2002 до 2004 бил повторно на мисија помеѓу македонскиот народ во дијаспората, служејќи во МПЦО „Свети Климент Охридски“ во Канбера, Австралија. При крајот на 2004 година, престојувал во САД, каде што одредено време служел во МПЦО „Свети Климент Охридски“ во Њујорк.

Починал на 23 ноември 2020 година, на 84-годишна возраст.

Библиографија

уреди
  • „Македонското црковно пеење“ (соавтор)

Наводи

уреди
  1. Монографија Педесет години Македонска православна богословија „Свети Климент Охридски“ (1967 – 2017). Скопје: Македонска православна богословија. 2017.
  2. Стојчев, Кокан (20.7.2007). „Со далечнинско не може од Македонија да се управува со епархиите во Австралија, Канада и во Америка – (интервју со протоереј Александар Цандовски)“. Македонско сонце. 681: 36–38. Проверете ги датумските вредности во: |date= (help)
  3. „Весник“. Службен лист на Македонската православна црква. (март-април), година XII (2): стр.43. 1970.
  4. „Весник“. Службен лист на Македонската православна црква. (мај-август), година XIV (3 и 4): стр. 86. 1972.
  5. „Света божествена литургија од Свети Јован Златоуст“. 1979.
  6. „Божествена Литургија од Свети Јован Златоуст - фрагменти - Хор при црквата „Свети Димитриј" - Скопје“. www.muzichkiregistar.com. Посетено на 2021-02-05.
  7. „Христос воскресе - Хорот на ангелите“. www.muzichkiregistar.com. Посетено на 2021-02-05.
  8. „Македонска музика 3 - Различни изведувачи“. www.muzichkiregistar.com. Посетено на 2021-02-05.
  9. „Весник“. Службен лист на Македонската православна црква. година XLIII (1): стр.18. 2001.