Црква „Св. Димитрија“ - Поменово

црква во Поменово, Велешко

Св. Атанасијправославна црква во велешкото село Поменово, Општина Чашка. Му припаѓа на Велешкото архијерејско намесништво во Повардарската епархија на МПЦ - ОА.

Свети Димитрија

Непознат светец над врата на црквата

македонска православна црква
Епархија Повардарска
Архијерејско намесништво Велешко
Парохија Изворска
Местоположба

Карта

Координати 41°30′58″N 21°39′47″E / 41.51611° СГШ; 21.66306° ИГД / 41.51611; 21.66306
Место Поменово
Општина Чашка
Држава Македонија
Општи податоци
Покровител Димитрија Солунски
Изградба XVII век
Архитектонски опис
Стил поствизантики

Архитектура уреди

Храмот е правоаголна еднокорабна градба со полукружна апсида на исток и трем на запад. Изградена е од дробен камен, а покривот изворно бил направен од камени плочки. Сводот во наосот е срушен, а црквата е покриена со плочи од вештачки материјал. Влезот е од западната страна, над кој има ниша со претстава на покровителот Свети Димитрија Солунски на коњ како прободува војник.[1]

Живопис уреди

Во нишата на источната фасада над олтарната апсида има остатоци од првобитниот живопис од XVII век. Претставен е светец, облечен во светлокафеав химатион. Светецот е на средна возраст со кратка бела коса и брада, и во левата рака држи затворен свиток. Според типолшките особености, можно е да се работи за Апостол Петар. Сочувана е и оригиналната камена чесна трпеза, сместена во тремот.[1]

Според натписот над западниот влез во наосот, фреските од наосот и олтарот се одново пресликани во 1852 г.[1] На источнот ѕид во олтарната апсида, во првото подрачје, е Архиерејската литургија, од северната страна се насликани Свети Јован Златоуст и Свети Григориј Богослов, а од југ Свети Василиј Велики и Свети Атанасиј. Во конхата на апсидата е допојасната претстава на Богородица со Христос во конусовиден медалјон на градите. Во проскомидијалната ниша е насликан Свети Стефан. Од двете страни на апсидата е претставено Благовештението. Над Богородица е пророкот Давид, а над Архангел Гаврил е пророкот Соломон. Меѓу пророците е претставата на Светото Тројство. На јужниот ѕид во олтарот е насликан Свети Никола, а во првото подрачје над него е Рождеството Христово. Во наосот, на јужниот ѕид, следат од исток кон запад во првото подрачје, под прозорецот, Свети Илија како храни гавран во пештера, Вознесението Илиево, Светите врачи Кузман и Дамјан и Свети Трифун. Во второто подрачје е Крштението Господово, Влегувањето во Ерусалим и Тајната вечера. На западниот ѕид, јужнјо од влезот, е претставен Архангел Михаил како му ја вади душата на богатиот, над влезот е натписот, а северно од него се светите Константин и Елена. Над првото подрачје е Успението Богородично, а во горниот дел е Вознесението Богородично in corpore. На северниот ѕид, во првото подрачје, се насликани светите маченички Петка и Недела, проследени од Свети Меркуриј, Свети Василиј Велики, Свети Јован Златоуст, Свети Григориј Богослов, а во олтарот е Видението на Свети Петар Александриски. Во второто подрачје на северната стена од запад кон исток се насликани обесениот Јуда, Христос пред Пилат, Распетието Христово, Оплакувањето Христово и во олтарот Мироносците на Христовиот гроб и Воскресението Христово.[2]

Од живописот од XIX век на иконостасот се зачувани Архангел Гаврил на проскомидијалната врата, царските двери со Благовештението по средината и пророците Соломон и Давид во горното подрачје, и архијереите Свети Василиј Велики и Свети Јован Златоуст под Архангел Гаврил и Свети Спиридон и Свети Григориј под Богородица. Од престолните икони сочувани се „Исус Христос“, „Свети Харалампиј“, „Свети Димитрија на коњ го убива војникот“ и „Света Недела“ со приметно натсликување. Другите два реда икони од иконостасот не се во црквата.[3]

Поврзано уреди

Наводи уреди

  1. 1,0 1,1 1,2 Николовски, Дарко (2017). „Прилог кон проучувањата на поствизантиската уметност во Општина Чашка, Велешко“ (PDF). Патримониум. Скопје: КАЛАМУС. Χ (15): 279.
  2. Николовски, Дарко (2017). „Прилог кон проучувањата на поствизантиската уметност во Општина Чашка, Велешко“ (PDF). Патримониум. Скопје: КАЛАМУС. Χ (15): 280.
  3. Николовски, Дарко (2017). „Прилог кон проучувањата на поствизантиската уметност во Општина Чашка, Велешко“ (PDF). Патримониум. Скопје: КАЛАМУС. Χ (15): 281.