Меморијален центар „Коџаџик“

музеј во Македонија

Меморијален центар „Коџаџик (познат и како Спомен-куќа на Али Риза Ефенди) — куќа во селото Коџаџик, Македонија. Куќата е прогласена за споменик на културата на Македонија.[1]

Меморијален центар „Коџаџик“
Поглед кон спомен-куќата
Карта
Општи податоци
Статусспоменик на културата
Видкуќа
МестоКоџаџик
ЗемјаМакедонија
Координати41°26′53″N 20°36′00″E / 41.44806° СГШ; 20.60000° ИГД / 41.44806; 20.60000
ЗавршенаXIX век

Куќата претставува родна куќа на Али Риза Ефенди, татко на Мустафа Кемал Ататурк, основоположникот на современа Турција.

Местоположба уреди

Родната куќа на Ататурк се наоѓа на североисточниот крај од селото Коџаџик, на карпест и стрмен терен, со поглед кон тврдината Коџаџик.[1]

Животопис на Али Риза уреди

Таткото на Кемал Мустафа, Али Риза Ефенди, е роден во куќата на својот татко Казли Хафез Ахмед, кој бил на служба во турската војска. Али Риза останал да живее во куќата во Коџаџик до втората половина на XIX век, додека кон крајот на XIX век се иселил со Солун и се оженил со Зебеиде Ханим, која потекнувала од старо турско семејство од Лангаса, близу Солун. Во Солун е роден нивниот син Кемал Мустафа. Али Риза, воден од желбата да ја сочува врската со родната земја, го испратил сино во војното училиште во Битола.[1]

Историја за куќата уреди

Куќата во која живееле семејството на Али Риза, според скромните археолошки остатоци на ниво на темелни партии и аналогиите со некои сочувани куќи во околните села, веројатно била изградена во истиот манир, како и останатите од тој период, со горенаведените архитектонски и градежни елементи.[1]

На самото место, покрај остатоците од куќата на Али Риза, наречена уште и „куќа на семејството Ататурк“ (или „семејна куќа), во непосредна близина се наоѓаат и остатоците од друг станбен објект наречен „роднинска куќа“. Заедно, остатоците од тие две градби претставуваат единствена целина, како сведоштво за потеклото и животот на семејството Ататурк во селото Коџаџик. На тој простор, западно од градби, се наоѓа и спомен-обележјето, кое било подигнато пред обновата на двете куќи.[1]

Спомен-обележјето, подигнато во 2004 година, се наоѓа на најниското ниво на самото возвишение, со пристапни скали, камена ограда и плато со спомен-плоча. На мермерната спомен-плоча, на македонски и турски јазик е испишан следниот текст: „Куќата на Али Риза Ефенди во с. Коџаџик има специфично историско значење како станбен објект кој припаѓа на предците на Мустафа Кемал Ататурк”.[1]

Обнова во 2014 г. уреди

Врз темелите на старата куќа е изградена спомен-куќата на семејството на Ататурк. Овој меморијален комплекс се простира на повеќе од 20.000 метри квадратни каде се изградени двете автентични куќи, семејната и роднинската, а во самиот двор е изграден и амфитеатар. Овој меморијален споменик е изграден од Министерството за култура и турската агенција ТИКА. Овој музеј е отворен на 19 мај 2014 година со меѓудржавна свечена церемонија.[2]

Архитектура уреди

Ѕидовите на двата објекта пред нивната обнова биле од кршен необработен и полуобработен камен, измачкани со кал. Во двата објекта, подот не постоел, додека од зачуваните ѕидни остатоци се оцртувале влезовите во објектите.[1]

Галерија уреди

Поврзано уреди

Наводи уреди

  1. 1,0 1,1 1,2 1,3 1,4 1,5 1,6 „Меморијален центар Koџаџик“. Управа за заштита на културното богатство на Република Македонија. Архивирано од изворникот на 2018-07-08.
  2. „Спомен-куќа посилна и од спомените и од реалноста“. Призма. Архивирано од изворникот на 2015-07-11.

Надворешни врски уреди