Кучевиште

село во Општина Чучер-Сандево

Кучевиште — село во Општина Чучер-Сандево, во областа Црногорија, во околината на градот Скопје.

Кучевиште

Поглед на селото Кучевиште

Кучевиште во рамките на Македонија
Кучевиште
Местоположба на Кучевиште во Македонија
Кучевиште на карта

Карта

Координати 42°6′34″N 21°25′4″E / 42.10944° СГШ; 21.41778° ИГД / 42.10944; 21.41778
Регион  Скопски
Општина  Чучер-Сандево
Област Црногорија
Население 4.119 жит.
(поп. 2021)[1]

Пошт. бр. 1011
Повик. бр. 02
Шифра на КО 25078, 25578
Надм. вис. 535 м
Кучевиште на општинската карта

Атарот на Кучевиште во рамките на општината
Кучевиште на Ризницата

Географија и местоположба уреди

 
Поглед на селото

Селото се наоѓа во северниот дел на Скопската Котлина, на територијата на Општина Чучер-Сандево, на југозападната падина на Скопска Црна Гора.[2] Селото е ридско, чии куќи се издигаат на надморска височина од 530 до 620 метри. Од градот Скопје, селото е оддалечено 15 километри.[2]

Кучевиште по својата големина, но и важност, имало улога на главно село во областа Црногорија, на падините на планината Скопска Црна Гора. Поседува поволна местоположба и атарот изобилува со шуми и пасишта во северниот дел, а во јужниот дел се наоѓа обработливо земјиште. Низ него поминува и Кучевишка Река. Мештаните со вода за пиење се снабдувале од чешми, но и од изворот Бигор кај Кучевишкиот манастир.[3]

Месностите во атарот ги носат следниве имиња: Момин Камен, Манастир, Испосница, Чукар, Видине Њиве, Бао-брег, Бела Бара, Стрмник, Вуча Рупа, Бањашница, Мало Лединче, Голема Ледина, Кључ, Кључка Река, Маџар Ливада, Рајкино Куќарче, Лесковица, Седло, Станчиќева Ливада, Над Бразду, Мочалиште, Свињарски Куќарци, Баздова Куќарица, Гиновце, Роса, Крстова Река, Просеченик, Скендерица, Бел Камен, Стојанова Река, Пржи-гра, Карула, Царева Ливада, Царева Чешма, Урвич, Попова Ливада, Стоји-камен, Рудина, Браздиште, Забел Вакафски, Рајовске Плоче, Под Село, Танасија, Грамада I, Крушје, Глаушевац, Грамада II, Под-крст, Голиово, Чавринац, Крива Њива, Радишко Горње, Радишко Доње, Јурије, Бутељ, Езеро, Бошњане, Куќине и Мачковац.[3]

Селото има збиен тип, издолжено од север кон југ. Северниот дел на селото е особено збиен. Кучевиште е поделено на маала, кои се именувани по главните родови, како Комненовско, Нешовско, Каровчевско, Бојќиќевско, Гурмешовско и други.[3]

Историја уреди

 
Жители од Кучевиште во 1900 година

Кучевиште се смета за стара населба во областа на Скопска Црна Гора. Првпат е споменато под името Клчевиште во 1348 година како село на жупанот Радослав. Тогаш, една половина од селото, која дотогаш припаѓала на познатиот средновековен манастир „Св. Никита“, била предадена на манастирот „Св. Архангели“ кај Призрен. Истата година споменато е дека во селото постоела црквата „Св. Богородица“, која постои и денес, во средишниот дел на селото. Веројатно, таа е подигната од жупанот Радослав. Меѓутоа, бидејќи црквата слави Вознесение Христово, истата често е нарекувана „Св. Спас“.[3]

Во 1348 година, цар Душан на манастирот „Св. Архангели“ кај Призрен им ја дал и месноста Гиновци, сместена во северниот планински дел на атарот на Кучевиште, Подоцна, таа месност е користена од Албанците од селото Брест.[3]

За Кучевиште има пишани документи и од турскиот период. Споменато е во 1445 година, кога соседното село Мирковци било доделено на Исхак-беговата џамија од Скопје. Во 1779 година, селото припаднало на скопскиот вакуф Хума Шах Султан, поради што било ослободено од даноци.[3]

Селото отсекогаш била значајна населба, односно претставувало средиште на областа Црногорија. За него се вели дека било најголемо село „од Вардар па нагоре“, додека „од Вардар па надолу“, тоа било Драчево. Поради тоа, селото поседувало училиште од 1780 година, кое било отворено во Кучевишкиот манастир. Од 1813 година, училиштето работело во самото село.[3]

Во XIX век, селото е дел од нахијата Кара Даг во Скопската каза во Отоманското Царство.

Опширен и детален опис за Кучевиште и неговите жители, нивниот дух, стопански занимања и живот во XIX век, во својата книга „Материјали по изучувањето на Македонија“ од 1896 дава македонскиот револуционер Ѓорче Петров, кој запишал дека во тоа време Кучевиште имало 250 куќи со 1500 жители со што било и најголемото село во Скопско. Улиците му се доста уредени и поплочени со калдрма, сите куќи му се заградени со авлии (дворови). Според внатрешниот изглед тоа е најубавото село во Скопска Црна Гора. Има и мала чаршија од 5-6 дуќани.[4]

На 6 октомври 1944 година, во Кучевиште била создадена Шеснаесеттата македонска ударна бригада.

Стопанство уреди

Атарот на селото е мошне голем и зафаќа простор од 39,4 км2. На него преовладуваат шумите на површина од 2.238 хектари, на обработливото земјиште отпаѓа 1.162 хектари, а на пасиштата 445 хектари.[2]

Селото, во основа, има мешовита земјоделска функција.[2]

Сточарството, особено овчарството, било главна стопанска гранка на жителите на Кучевиште до крајот на турската власт, но и до крајот на Втората светска војна. Дотогаш, во селото постоеле бројни куќни задруги, кои броеле над 15 члена. Се користеле пасиштата на Скопска Црна Гора, особено месноста Цареви Ливади.[3]

Мештаните ја користеле и шумата на самата планина, па така од исечените стабла правеле вили, лопати, плугови, а воедно и продавале огревно дрво во Скопје.[3]

Селаните по Првата светска војна добиле плодна земја во Скопската Котлина, особено околу селата Белимбегово, Јурумлери, Петровец и Идризово. Меѓутоа, по Втората светска војна, селаните започнале да се вработуваат во многуте фабрики во градот и со тоа, земјоделската активност е многукратно намалена или целосно напуштена.[3]

За стопанските прилики на Кучевиште, напишал и Ѓорче Петров: планината му е најголема во Скопска Црна Гора, а има и најбогати пасишта. Полето му е плодородно, но и покрај сето тоа населението му било сиромашно поради многуте глоби кои ги плаќаат за своите бесконечни тужби со околните села. Жителите во тоа време се занимавале со земјоделство, сточарство, дрводелство (правеле многу вили, лопати, ковчези, а во градот носат греди и огревно дрво) и лозарство.[4]

Население уреди

 
Фотографија од деца од Кучевиште на испраќање на загрепскатa минералошка експедиција во 1934/1935 година

Според опширните османлиски дефтери за населението на Скопската Каза од 1832/33 година, селото било христијанско, со 117 христијански домаќинства. На овој попис биле забележани 452 мажи христијани, со 38 новороденчиња. Се проценува дека селото во тој период имало 980 жители, со што било најголемо село во таа каза.[5] Стефан Верковиќ во 1857 го бележи со 1360 жители.[6]

Население во минатото
ГодинаНас.±%
19481.789—    
19531.887+5.5%
19611.874−0.7%
19711.942+3.6%
19811.904−2.0%
ГодинаНас.±%
19911.710−10.2%
19941.869+9.3%
20023.167+69.4%
20214.119+30.1%

Според податоците на Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Кучевиште живееле 1.200 жители, сите Македонци.[7] Според секретарот на Бугарската егзархија Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“), во 1905 година во Кучевиште имало 1.440 жители, патријаршисти.[8]

Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија во 1931 година, селото имало 1.450 Македонци.[9]

Кучевиште е големо село, кое што во 1961 година имало 1.874 жители, од кои 1.163 биле Македонци, 698 Срби и 13 останати, а во 1994 година 1.869 жители, од кои 1.467 биле Срби, 367 Македонци и по четири жители Турци и Роми.[2]

Според пописот од 2002 година, во селото Кучевиште живееле 3.167 жители, од кои 1.460 Македонци, 1.564 Срби, 15 Власи, 4 Роми, 1 Бошњак и 33 останати.[10]

Наглиот раст од над 1.000 жители помеѓу последните два пописи (во 1994 и во 2002 г.) се должи на вклучувањето на жителите од новосоздадената населба Кучевишка Бара, која лежи во атарот на селото Кучевиште.

Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 4.119 жители, од кои 2.404 Македонци, 18 Албанци, 14 Турци, 7 Роми, 15 Власи, 1.323 Срби, 84 Бошњаци, 74 останати и 180 лица без податоци.[11]

Низ годините ова било вкупното население и етничка припадност на населението во Кучевиште:

Година Македонци Албанци Турци Роми Власи Срби Бошњаци Ост. б.п. Вкупно
1948 1.789
1953 352 0 0 7 0 1.518 10 1.887
1961 1.163 0 0 698 13 1.874
1971 599 0 0 0 1.281 62 1.942
1981 917 0 0 0 0 912 75 1.904
1991 323 0 0 0 0 1.161 226 1.710
1994 367 0 4 4 0 1.462 32 1.869
2002 1.460 0 0 4 15 1.654 1 33 3.167
2021 2.404 18 14 7 15 1.323 84 74 180 4.119

* Извор: Државен завод за статистика на Македонија (1948-2021), според податоци од официјалните пописи во соодветните години

Родови уреди

Селото Кучевиште е населено со жители од православна христијанска вероисповед, чие потекло е староседелско, како и доселеничко од други делови на Македонија или соседни села на Скопска Црна Гора и во долината на Биначка Морава (некои се денес во рамки Косово).[3]

Родови во селото се:

  • Староседелци: Бојкикевци (слават Свети Никола), од кои една родовска гранка се нарекува Поповци од која пак потекнувале селските свештеници меѓу кои и познатиот митрополит Натанаил Кучевишки и Црничани (слават Св.Архангел).
  • Доселеници:
    • Доселенички родови од север и северозапад се: Белинци (слават Митровден) дошле од раселеното селиште Гиновци во долината на Белинска Река на Скопска Црна Гора, каде и денес една месност се нарекува Белинско Гумно; Комненови (слават Св. Ѓорѓи) доселени од сега албанското село Мијак во долината на Биначка Морава, Рајчини и Шегманови (слават Свети Никола) потекнуваат од соседното сега албанско село Брест на Скопска Црна Гора; Рајовци (слават Св. Ѓорѓија) се доселиле од денешното албанско село Шашаре во долината на Биначка Морава; Неделчини (слават Св. Ѓорѓија) се доселиле од селото Пожарање во долината на Биначка Морава; Ниникеви (слават Митровден) се доселиле од селото Никовци во долината на Биначка Морава; Славкови (слават Св. Ѓорѓија) дошле од селото Славковци (?) во долината на Биначка Морава.
    • Доселенички родови дојдени од југ се: Каровчеви (слават Света Петка) се сметаат за многу стар род кој во Кучевиште се доселил од сега раселеното село Бошњани кое се наоѓало во Скопското Поле; Чакалови и Колеви (слават Св. Петка) и тие се доселени од споменатото Бошњани; Пигулови (слават Свети Никола) се доселиле од некое село во Скопска Блатија; Џајкови (слават Св. Ѓорѓија) потекнуваат од домазет дојден од Љубанци, Усовци (слават Св. Ѓорѓија) се доселиле од скопското село Усје.
    • Родови со непозната старина на доселување се: Нешкови (слават Св. Архангел) се најголемиот селски род, а една нивна родовска гранка се нарекува Жабовци; Гурмешови и Шијакови (слават Митровден) поедини родовски гранки на првиот род се нарекуваат Агови и Шутаковци; Пиркови, Путеви, Емширови и Салчови, слават Св. Петка; Маркови, Мазневци и Вељови, слават Св. Никола; Видини, наречени според некоја баба Вида, Киранџијци и Чекови од кои потекнува познатиот кошаркар Ѓорѓи Чековски слават Св. Ѓорѓија; Дуранци слават Св. Богородица Пречиста; Тенови слават Митровден.

Општествени установи уреди

 
Општинската зграда на Општина Чучер-Сандево во селото
  • ОУ „Кирил и Методиј“, деветгодишно основно училиште во селото со настава на македонски и српски наставен јазик
  • Пошта (1011)
  • Месна заедница

Самоуправа и политика уреди

Селото влегува во рамките на Општина Чучер-Сандево и која не била променета при новата територијална поделба на Македонија во 2004 година.

Во периодот од 1996 до 2004 година, селото било дел од тогашната Општина Чучер-Сандево.

Во периодот од 1962 до 1996 година, селото било сместено во големата општина Кале.

Во периодот од 1955 до 1962 година, селото било дел од тогашната општина Бутељ. Потоа, оваа општината била распуштена и била префрлена во општината Кале.

Во периодот 1952-1955, селото било седиште на тогашната Општина Кучевиште, во која покрај селото Кучевиште, се наоѓале и селата Побожје и Танушевци. Во периодот 1950-1952, селото исто така било седиште на некогашната општина Кучевиште, во која влегувале селата Кучевиште и Побожје.

Избирачко место уреди

Во селото постојат избирачките места бр. 2470 и бр. 2471 според Државната изборна комисија, сместени во просториите на основното училиште.[12]

На претседателските избори во 2019 година, на овие избирачки места биле запишани вкупно 1.435 гласачи.[13]

Културни и природни знаменитости уреди

 
Поглед на главната селска црква „Воведение на Пресвета Богородица“ (многу позната и како „Св. Спас“
Археолошки наоѓалишта[14]
Цркви[15]
Манастири

Личности уреди

Родени во Кучевиште
  • Митрополит Натанаил Кучевишки (1820-1906) — егзархиски митрополит
  • Блажо Нешков (1920-1942) — македонски партизан, борец за слобода на Македонија и учесник во НОВ
  • Блажо Чековиќ (1920-1942) — македонски партизан, борец за слобода на Македонија и учесник во НОВ
  • Танаско Чековиќ (1923-1945) — македонски партизан, борец за слобода на Македонија и учесник во НОВ
  • Бојко Усов (1918-1945) — македонски партизан, борец за слобода на Македонија и учесник во НОВ
  • Стево Усов (1914-1944) — македонски партизан, борец за слобода на Македонија и учесник во НОВ
  • Диме Пигулов (1905-1944) — македонски партизан, борец за слобода на Македонија и учесник во НОВ
  • Драган Марков (1919-1944) — македонски партизан, борец за слобода на Македонија и учесник во НОВ
  • Драган Ниниќ (1920-1944) — македонски партизан, борец за слобода на Македонија и учесник во НОВ
  • Душан Комненовски (1927-1945) — македонски партизан, борец за слобода на Македонија и учесник во НОВ
  • Милан Комненовски (1921-1942) — македонски партизан, борец за слобода на Македонија и учесник во НОВ
  • Крсто Црнички (1920-1944) — македонски партизан, борец за слобода на Македонија и учесник во НОВ
  • Љубе Рајовски (1917-1945) — македонски партизан, борец за слобода на Македонија и учесник во НОВ
  • Љубе Славковски (1923-1945) — македонски партизан, борец за слобода на Македонија и учесник во НОВ
  • Љубомир Рајчевски (1918-1945) — македонски партизан, борец за слобода на Македонија и учесник во НОВ
  • Милан Штрбанов (1902-1944) — македонски партизан, борец за слобода на Македонија и учесник во НОВ
  • Никола Киранџиски (1920-1944) — македонски партизан, борец за слобода на Македонија и учесник во НОВ
  • Стојан Тенов (1923-1945) — македонски партизан, борец за слобода на Македонија и учесник во НОВ
  • Тодор Нешков (1918-1944) — македонски партизан, борец за слобода на Македонија и учесник во НОВ
  • Трајан Нешковиќ (1920-1945) — македонски партизан, борец за слобода на Македонија и учесник во НОВ
  • Трајко Белински (1914-1944) — македонски партизан, борец за слобода на Македонија и учесник во НОВ

Култура и спорт уреди

Иселеништво уреди

Од Кучевиште имало малку иселувања, најмногу во периодот меѓу двете светски војни. Најмногу иселеници има во Бошњани (денешна Кучевишка Бара, 25 к.), Радишани (10 к.), Бардовци (2 к.), Скопје (10 к.) и во Драчево (2 к.).[3]

Иселеници и во соседна Србија: Белград (3 к.), Црепај (3 к.) и Качарево (3 к.).[3]

Кучевиште како тема во уметноста уреди

  • „Монахот од Кучевиште што создава ружи“ — песна на македонскиот поет Анте Поповски.[17]

Галерија уреди

Наводи уреди

  1. „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
  2. 2,0 2,1 2,2 2,3 2,4 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија (PDF). Скопје: Патрија. стр. 170. Посетено на 14 февруари 2019.
  3. 3,00 3,01 3,02 3,03 3,04 3,05 3,06 3,07 3,08 3,09 3,10 3,11 3,12 Трифуноски, Јован Ф.; Трифуноски, Јован Ф. (1971). Скопска Црна гора : природна средина, прошлост, насеља, становништво и привреда : (са скицама, фотографијама и картом) = Skopska Crna Gora : antropogeographische Forschungen. Skopje: Универзитет „Св. Кирил и Методиј“. OCLC 637308591.
  4. 4,0 4,1 Петров, Ѓорче (1896). превод: Марио Шаревски (уред.). Материјали по изучувањето на Македонија (2016. изд.). Скопје: Единствена Македонија. стр. 358. ISBN 978-608-245-113-8.
  5. Османлиски документи за историјата на Македонија - пописи од XIX век на христијанското население - Скопски Санџак, каза Скопје. Скопје: д-р Емил Крстески. 2021.
  6. Верковиќ, Стефан (1889). Топографическо-этнографическій очеркъ Македоніи. Санкт Петербург.
  7. Васил К’нчов. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900, стр. 206
  8. D.M.Brancoff. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, рр. 114-115.
  9. „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
  10. „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 14 февруари 2020.
  11. „Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
  12. „Описи на ИМ“. Архивирано од изворникот на 2023-08-17. Посетено на 17 февруари 2020.
  13. „Претседателски избори 2019“. Посетено на 17 февруари 2020.
  14. Коцо, Димче (1996). Археолошка карта на Република Македонија. Скопје: МАНУ. ISBN 9789989101069
  15. Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.
  16. Осветување и поставување на камен - темелник за нов храм во с. Кучевиште. Архивирано од изворникот на 2016-03-05. Посетено на 2015-06-24.
  17. Анте Поповски, Дрво што крвави. Скопје: Детска радост, Наша книга, Македонска книга, Култура, Мисла, 1991, стр. 44-45

Поврзано уреди

Надворешни врски уреди