Љубовникот (книга од 1984)

„Љубовникот“ (француски: L'Amant) — роман на француската писателка Маргарит Дирас (Marguerite Duras), објавен во 1984 година. Книгата е пишувана од февруари до мај 1984 година во Нуфле ле Шато (во близината на Париз) и во Париз.[1]

Содржина уреди

Романот претставува автобиографска приказна за девојче од 15,5 години, кое во 1930-тите живее во Сајгон, Виетнам. Таткото е смртно болен и поради тоа, тој постојано е отсутен од сите семејни настани и работи, а по некое време, тој заминува на лечење во Франција, каде што умира. Девојчето живее во сиромашно семејство, со несредени односи и со малку љубов и разбирање. Мајката е наставничка, која има болна амбиција за своите деца и веќе ја има испланирано иднината на својата ќерка, која мора да зврши средно училиште, а потоа да учи за професорка по математика. Наспроти тоа, ќерката сака да биде слободна и да пишува, иако мајката не гледа благонаклонето на таа желба. Постариот брат е паразит, кој дури и на возраст од 50 години не е способен самостојно да заработува, крадејќи ја својата сестра и продавајќи го имотот на мајка си за да ги покрие коцкарските долгови. По смртта на сопругот, мајката се сели во Франција, каде купува мал замок на брегот на Лоара, во која живее со гувернантата, грижејќи се за неспособниот син, и најпосле, таму умира. Претходно, нејзиниот помлад син умира од воспаление на белите дробови во 1942 година, а тој настан силно ја потресува неговата сестра.
Инаку, централна тема на романот, кој обилува со многу сеќавања, е врската на малолетната девојка со едне богат Кинез. Еден ден, девојката чекала да ја премине реката Меконг со скеле. Таа носи црна машка шапка и свилен фустан. Додека чека, потпрена на оградата, таа гледа скап автомобил во кој се наоѓа непознат богат Кинез. Тој ѝ приоѓа, нудејќи ѝ да ја однесе со автомобилот во Сајгон. Таму, тие започнуваат да се гледаат и по неколку дена, тој ја носи во својот стан, каде за првпат водат љубов. Кинезот ѝ кажува дека ја сака, но таа му вели дека за нив нема никаква иднина, како и дека таа никогаш нема да го сака и нема да биде само негова. Потоа, таа го запознава љубовникот со семејството, тој ги носи во скапи ресторани, но нејзините никогаш не разговараат со него, ниту го гледаат. По некое време, мајка ѝ запаѓа во лудило, ја обвинува дека е проститутка и ја тепа. Сепак, свесна за сиромаштијата на семејството, таа ѝ дозволува и понатаму да се гледа со него, па дури им кажува на наставничките да не ја казнуваат девојката, кога таа одвреме-навреме не се враќа на спиење во интернатот. Еднаш, Кинезот го посетува болниот татко, но се враќа целосно разочаран, зашто тој не му дава дозвола за врската со неа.
На седумнаесетгодишна возраст, по матурата, девојката го напушта Сајгон и заминува во Париз. При заминувањето на бродот, додека нејзиното семејство ја испраќа, Кинезот седи во својот автомобил, растргнат од тага. Во Франција, таа го губи детето, има неколку разводи и се занимава со пишување. Притоа, таа дознава дека нејзиниот љубовник во меѓувреме се оженил. Еден ден, тој пристигнува во Франција со сопругата и ѝ се јавува по телефон на својата поранешна љубовница, кажувајќи ѝ дека ништо не се променило, дека сè уште ја сака и дека секогаш ќе ја сака.[2]

Осврт кон делото уреди

„Љубовникот“ го означува почетокот на циклусот составен од исповедна проза во кој Дирас пишува за најинтимните настани од својот живот. Истовремено, тој е првата нејзина книга во која таа пишува во прво лице.[3] Во текстот „Црниот блок“, Дирас наведува дека пишувајќи го „Љубовникот“ имала чувство како да открива и така настанало пишувањето кое потсетувало на зборот при алкохолното пијанство, т.е. јасно и разбирливо.[4]

Во „Љубовникот“, Дирас ја применува постапката на монтажата со која ја разурнува класичната постапка на раскажување и обезбедува лесно и брзо воспоставување на времето и просторот на самото дело, така што романот ја воспоставува а не ја раскажува стварноста. Оваа постапка Дирас ја нарекува „écriture courante“, т.е. лизгачко пишување кое потсетува на лизгањето на филмската камера. Ритамот, густината, преместување според асоцијативноста а не по хронологија, сето тоа придонесло книгата да прерасне во мало ремек-дело кое ги надминало тесните граници на екпериментот и стекнало голема популарност кај читателите.[5]

Наводи уреди

  1. Marguerite Duras, Ljubavnik (treće izdanje). Sarajevo: Svjetlost, 1987.
  2. Marguerite Duras, Ljubavnik (treće izdanje). Sarajevo: Svjetlost, 1987.
  3. Nada Bojić, „Pogovor“, во: Margerit Diras, Stvarni život. Sarajevo: Svjetlost, 1988, стр. 148.
  4. Margerit Diras, Stvarni život. Sarajevo: Svjetlost, 1988, стр. 30.
  5. „Od eksperimenta do dokumenta“, во: Marguerite Duras, Bol. Sarajevo: Svjetlost, 1988, стр. 194-195.