Сиромаштијата (англиски: Poverty) — недостиг на неопходни производи како храна, облека, живеалиште и здрава вода за пиење, што резултира со низок животен стандард. Сиромаштијата подразбира како состојба кога основните потреби се поголеми од можностите за нивно задоволување.

Можат да се разликуваат три типа на сиромаштија: апсолутна, релативна и субјективна. Апсолутна сиромаштија претставува неможност да се задоволат основните егзистенцијални потреби. Релативна сиромаштија е недостаток од ресурси кои ги оневозможуваат поединците и домаќинствата да практикуваат определен режим на исхрана, да учествуваат во определени општествени активности и да живеат во животни услови кои се вообичаени за општествата на кои им припаѓаат. Субјективната сиромаштија ги одразува поединечните перцепции на луѓето за нивните заработувачки.

Сиромаштијата е една важна димензија на социјалната исклученост. Сиромашните луѓе често се исклучени и маргинализирани во економските, социјалните и културните активности.

Сиромаштијата во светот уреди

Според податоците на „Еуростат“, во 2012 година, стапката на сиромаштија во ЕУ-28 и во ЕУ-23 изнесувала 16,7%, а во новите членки на ЕУ, таа се движела од 14,5% во Словенија, преку 19,5% во Хрватска, 21% во Бугарија и 22,4% во Романија. Истовремено, стапката на сиромашни или социјално исклучени лица (т.н. индикатор АРОПЕ) во 2013 година изнесувал 24,5% во ЕУ-28 и 23% во ЕУ-23, додека во новите членки на ЕУ, овој индикатор изнесувал: 48% во Бугарија, 29,9% во Хрватска, 20,4% во Словенија и 40,4% во Романија.[1]

Сиромаштијата во Република Македонија уреди

Според Државниот завод за статистика (ДЗС), во 2013 година, стапката на сиромаштија во Македонија изнесувала 24,2%, а претходно, таа изнесувала 26,2% во 2012 година и 27% во 2010 година. Според, ДЗС, во 2013 година, прагот на сиромаштија за четиричлено семејство со две деца на возраст под 14 години изнесувал 147.578 денари годишно, т.е. 12.298 денари месечно или 3.074 денари месечно по член на семејството, односно 102 денари дневно. Притоа, стапката на сиромаштија пред социјалните трансфери била уште повисока и изнесувала 41%, а сиромаштијата била најголема (49,9%) кај семејствата со двајца возрасни и три или повеќе деца. Набљудувано по одделни категории, стапката на сиромаштија изнесувала 29,9% кај самохраните родители со издржувани лица, 11,1% кај вработените, 43,7% кај невработените, 10,9% кај пензионерите и 29,2% кај другите економски неактивни лица. Најпосле, стапката на сиромашни или социјално исклучени лица (АРОПЕ) изнесувала 48,1%.[1]

Во Македонија, во 2013 година, дури 41% од населението живеело под линијата на сиромаштијата, т.е. со помалку од пет долари на ден, со што Македонија се наоѓала на второто место во Централна и Источна Европа, веднаш по Албанија.[2]

Според податоците на Државниот завод за статистика,[3] стапките на сиромаштија во Република Македонија во периодот 1994-1996 година, мерено според критериумот 60% од медијалните еквивалентни трошоци, се:

Година Стапка на сиромаштија (%)
1994 9,0
1995 16,2
1996 18,3

Според податоците на Државниот завод за статистика,[4][5] стапките на сиромаштија во Република Македонија во периодот 1997-2011 година, мерено според критериумот 70% од медијалните еквивалентни трошоци, се:

Година Стапка на сиромаштија (%) Индексот на длабочина на сиромаштијата
1997 19,0 4,6
1998 20,7 5,1
1999 21,0 5,7
2000 22,3 6,0
2001 22,7 5,4
2002 30,2 9,3
2003 30,2 9,4
2004 29,6 9,4
2005 30,0 9,7
2006 29,8 9,9
2007 29,4 9,7
2008 28,7 9,2
2009 31,1 10,1
2010 30,9 10,9
2011 30,4 9,3

Според Милениумските развојни цели, сиромаштијата во Македонија треба да биде намалена на 9,5% до 2015 година. Оваа висина е квантифицирана со преполовување на официјалната стапка на сиромаштија од 19%, измерена во 1997 година.[6]

Сиромаштијата како тема во уметноста и во популарната култура уреди

Сиромаштијата во народната книжевност уреди

  • „Како лисицата го оженила сиромавиот“ - кавкаска народна приказна.[7]
  • „Сиромашната девојка која станала кралица“ – полска народна приказна.[8]
  • „Џинот и сиромавиот“ - кавкаска народна приказна.[9]
  • „Тројцата итри месари и сиромавиот“ - унгарска народна приказна.[10]

Сиромаштијата во книжевноста уреди

Сиромаштијата во популарната музика уреди

  • „По ѓаволите со сиромаштијата“ (англиски: To Hell With Poverty) — песна на британската рок-група Генг оф фор (Gang Of Four) од 1982 година.[16]
  • „Убиј ги сиромашните“ (англиски: Kill the poor) — песна на американската панк-рок група Дед Кенедис (Dead Kennedys) од 1980 година.[17]
  • „Вили и сиромашните момчиња“ (англиски: Willy And The Poor Boys) — албум на американската рок-група Криденс Клирвотер Ривајвл (Creedence Clearwater Revival).[18]
  • „Сиромашни и богати“ — песна од истоимениот албум на македонската рок-група Хахаха од 2012 година“.[19]

Наводи уреди

  1. 1,0 1,1 Александра Филиповска, „Над 830.000 Македонци имале тешкотии со плаќање сметки и рати од кредит“, Дневник, година XIX, број 5755, сабота, 2 мај 2015, стр. 8-9.
  2. Економија и бизнис, година 17, број 187, јануари 2014, стр. 70.
  3. „Blagica Novkovska (2002) "Measurement of the welfare in transition countries: Conditions and perspectives in the Republic of Macedonia", p. 3“ (PDF). Архивирано од изворникот (PDF) на 2006-05-25. Посетено на 2006-05-25.
  4. Државен завод за статистика „Сиромаштија во Република Македонија“ (2007-2011)
  5. „„Извештај на Република Македонија за напредокот во остварувањето на милениумските развојни цели", 2009, 18-20 стр“ (PDF). Архивирано од изворникот (PDF) на 2012-12-24. Посетено на 2010-12-13.
  6. „„Извештај на Република Македонија за напредокот во остварувањето на милениумските развојни цели", 2009, 18 стр“ (PDF). Архивирано од изворникот (PDF) на 2012-12-24. Посетено на 2010-12-13.
  7. Кавкаске бајке. Београд: Народња књига, 1963, стр. 148-158.
  8. Пољске бајке. Београд: Народна књига, 1974, стр. 77-81.
  9. Кавкаске бајке. Београд: Народња књига, 1963, стр. 108-121.
  10. Мађарске бајке. Београд: Народња књига, 1974, стр. 46-54.
  11. Charles Baudelaire, Spleen Pariza. Zgreb: Mladost, 1952, стр. 79-81.
  12. Јован Котевски, Пеплосија. Мисла, Скопје, 1966, стр. 33.
  13. Јован Котевски, Пеплосија. Мисла, Скопје, 1966, стр. 39-40.
  14. Miroslav Krleža, Lirika. Sarajevo: Svjetlost, 1966, стр. 57-58.
  15. Јунак над јунаци, Култура, Скопје, 1967.
  16. Gang Of Four – Another Day/Another Dollar (пристапено на 9.5.2023)
  17. Discogs, Dead Kennedys – Fresh Fruit For Rotting Vegetables (пристапено на 9.9.2022)
  18. YouTube, CCR - Willy And The Poor Boys - Full Album (пристапено на 23.12.2017)
  19. Хахаха, Сиромашни и богати, HMRL 027, Moonlee Records, 2012.

Надворешни врски уреди