Актиномицети

(Пренасочено од Actinomycetales)

Редот Actinomycetales припаѓа на класата на актинобактерии. Опфаќа грампозитивни бактерии кои имаат висока содржина на GC. Овој поим (GC) се однесува на соодносот на ДНК базите гванин и цитозин во самата молекула на ДНК и се користи за класификација на бактериите, при што ги дели грампозитивните бактерии на две класи: актинобактерии и фирмикути. Фирмикутите, за разлика од актинобактериите, имаат ниска содржина на GC.

Скенирање на електронска микрографија на Actinomyces israelii (лажна боја)

Некои фамилии од овој ред се богати со видови и играат важна улога во природата, додека други се патогени за луѓето и животните.

Одлики

уреди

Најпознатите претставници се аеробни и често образуваат спори. Важна одлика на Actinomycetales е формирањето на филаменти. Овие издолжени и разгранети клетки образуваат плексуси, кои се познати и како мицелии. Името на актиномицетите (зрачни "габи") доаѓа од надворешната сличност на овие клеточни структури со мицелиите на габите. Меѓутоа, не сите видови даваат мицелии, како на пример Mycobacterium bovis, чија морфологија е стапчеста, потоа кокоидниот род Arthrobacter и некои други. Некои плексуси се среќаваат само во одредени стадиуми од растот.

Редот Actinomycetales е поделен на различни групи. Една можност за поделба е таа која ги дели на облигатни аеробни (оксидативни актиномицети) и видови кои се спсобни да вршат ферментација (анаероби). Последните се наоѓаат главно во фамилијата Actinomycetaceae, на пример родовите Actinomyces и Arcanobacterium. Факултативните анаероби обично ги населуваат мукозните мембрани на животните и луѓето, додека облигатните аероби најчесто се среќаваат во човековата животна средина.