Чарлс Венергрен
Свен Чарлс Ото Венергрен (7 февруари 1889 - 3 јануари 1978 година) бил поранешен шведски тенисер кој се натпреварувал на Летните олимписки игри во 1912 и 1924 година.
Тениска кариера
уредиВенергрен бил доста успешен во тениската игра и во 1911 година го освоил шведското меѓународно првенство на возраст од само 22 години. Тој ги победил Гунар Сетервол, Хокон Лефлер и Карл-Олоф Нилен по што на крајот ја освоил и титулата. Истата година тој бил прогласен за национален шампион во поединечна конкуренција на својата земја. Овој успех тој подоцна го повторил уште пет пати во својата блескава кариера.
Чарлс ја претставувал својата земја на Летните олимписки игри 1912 година, натпреварувајќи се во поединечна конкуренција, но и во игра на двојки во машка конкуренција.[1] Тој заедно со Карл-Олоф Најлен стигнал до четврт финалето во конкуренција на машки двојки, губејќи од Хари Китсон и Чарлс Винслоу од Јужна Африка, кои подоцна го освоиле златниот медал. Во поединечна конкуренција, тој ги добил своите први три натпревари, а загубил во четвртото коло од грофот Лудвиг фон Салм-Хогстраетен, кој ја претставувал во тоа време државата Австрија.
Тој играл на Светското првенство на покриени терени во 1913 година кое се одржало во Стокхолм, Шведска. Чарлс, загубил уште на почетокот од подоцнежниот шампион Ентони Вајлдинг. Во 1915 година го освоил државното првенство во игра во двојки во затворени игралишта, заедно со партнерот Нилен, а пак на отворено во 1916 година, играл со парнерот Џон Седерстром. Тој бил некогашен дански шампион во игра во затворени терени кога настапувал со домашната данска миленичка Агнете Голдшмит и тоа во 1921 година во конкуренција на мешани двојки. Во 1924 година, бил второпласиран на шведското државно првенство и во поединечна конкуренција и во игра на двојки, кога загубил и во двете конкуренции од Хенинг Милер.
Исто така во 1924 година, учествувал на неговите втори Олимписки игри, натпреварувајќи се во поединечна машка конкуренција, но и во игра на машки двојки. Настапувал и во игра на мешани двојки. Го добил својот прв натпревар во поединечна конкуренција, но го загубил натпреварот од второто коло. Негов партнер во игра на машки двојки бил Хенинг Милер. Тие стигнале до четврт финалето, каде што загубиле од подоцнежните освојувачи на бронзениот медал, Жан Боротра и Рене Лакост од Франција. Во мешани двојки, бил партнер со Лили Стромберг-фон Есен и тие го загубиле натпреварот уште во првото коло на овие олимписки игри.
Во 1926 година, Венергрен бил избран во тимот на Шведска, кој ќе игра против поранешните шампиони од Дејвис купот, а тоа бил француски тим. Играл во поединечна конкуренција против Жак Брињон, а во двојки против Брињон и Жан Ришар ле Беснере, но загубил и во двата натпревари. Чарлс играл во конкуренција на мешани двојки, но во двојниот натпревар загубил од мешаната двојка на Франција составен од ле Беснере и Брињон.
Венергрен, исто така, бил национален шампион во мешани двојки, настапувајќи во 1927 година заедно со Сигрид Фик. Во Дејвис купот, имал еден настап и тоа во 1928 година, играјќи во пар со Суне Малмстром против тимот на Чехословачка, што успеале да го загубат.
Личен живот
уредиВенергрен е роден на 7 февруари 1889 година во семејството на татко му Карл Ото Венергрен, трговец на големо, и мајка му Марија Линд. Некаде од почетокот на 1916 година тој покрај тенисот бил претседател и на едно одделение за даночни прашања како и проценител на компанијата Ленстурлес. Таму тој имал задача првенствено да го надгледува управувањето со банкарските заштеди. Се оженил со Сигрид Ингеборг Акснер со која имале две деца, синот Бертил и ќерката Маргарета. Неговиот син подоцна станал шведски парламентарен омбудсман и судија на шведскиот Врховен управен суд. Бертил имал објавено неколку книги поврзани со тематиката на правни прашања.
Наводи
уреди- ↑ „Charles Wennergren“. Olympedia. Посетено на 8 June 2021.
Надворешни врски
уреди- Чарлс Венергрен на официјалното мрежно место на Дејвис купот