Ханка (езеро)
Езеро Ханка (руски: о́зеро Ха́нка) или езеро Ксинкаи (поедноставен кинески: 兴凯湖; традиционален кинески: 興凱湖; пинјин: Xīngkǎi Hú), е слатководно езеро на границата меѓу Приморскиот регион на Русија и провинцијата Хеилонгјанг во североисточна Кина (на 45° северна географска ширина и 132° 25 источна географска должина).
Етимологија
уредиНа картата на големиот географ Јохан Матијас Хасе од 1739 година се гледа дека има река што истекува од езерото Ханка. Таа река е именувана како Усури и Шур.
Истражувачот, натуралистот и писател Владимир Арсениев (1872-1930), во врска со името на езерото, напишал: „Во династијата Љао, езерото Ханка се викало Беицин-хаи, но сега е познато како Ханка, Хинкаи или Синкаи-ху , што во превод значи „Езеро на благосостојба“. Мора да се претпостави дека името Ханка потекнува од друг збор, имено ханхаи, што значи „шупливо“ - име со кое Кинезите го нарекувале секое ниско место. Подоцна, Русите го смениле ова име за нивна употреба со сегашната форма во езеро Ханка“.
Физичко-географски одлики
уредиЕзерото Ханка, најголемото езеро во Приморски крај на Русија, се наоѓа во центарот на низината Канкан на границата со Народна Република Кина. Од кинеска страна се наоѓа провинцијата Хеилонгјанг. Северниот дел на езерото е на кинеска територија. Езерото е во облик на круша, со продолжение во неговиот северен дел. Површината на водата е многу променлива, во зависност од климатските услови. Максималното проширување достигнува 5.010 км2 (1.930 квадратни милји), минималното проширување е 3.940 км2 (1.520 квадратни милји). Должината на езерото е околу 90 км (56 милји), максималната ширина е 67 км (42 милји). Постојат 24 реки што се влеваат во езерото Ханка и со само еден одлив: реката Сончача, која го поврзува езерото со Усури, а потоа и системот на реката Амур.[1]
Езерото Ханка е плитко, со просечна длабочина од 4,5 метри (15 стапки), најголемата длабочина е 10,6 m (35 стапки). Неговиот просечен волумен е 18,3 км3 (4,4 кубни милји), иако може во текот на годината да се наполни до 22,6 км3 (5,4 кубни милји). Водата во езерото е доста матна, што се објаснува со фактот на чести ветрови и силно бранување. Во просек, приливот на вода е околу 1,94 km3 годишно, а одливот околу 1,85 km3
На северниот (кинески) брег лежи малото езеро Ханка (кинески:兴凯湖, Xiaoxingkai Hu; руски: о́зеро Малая Ха́нка, озеро Малаја ханка), одделено од големо езеро со тесен песочен дел.
Езерото Ханка замрзнува во втората половина на ноември и се топи во месец април.
Фауната и флората во езерото Ханка е богата и разновидна. Во 1971 година Конвенцијата Рамсар му дала на езерото статус на мочуриште и тоа од меѓународно значење. Во април 1996 година бил потпишан договор помеѓу владите на Руската Федерација и Народна Република Кина за воспоставување на меѓународен руско-кинески природен резерват околу езерото, од резерватот „Канкај“ на територија на Русија и резерватот „Сингкаи-Ху“ на територијата на Кина.
Мочуриштата на сливот на езерото Ханка претставуваат единствен природен комплекс. Низината на Приханка како област всушност, крајбрежјето на езерото претставува прилично мочурлив и недостапен терен. Околу езерото има разновидни екосистеми, како што се ливади, ливадска шума, шумско-степска и степска растителна заедница. Во самото езеро има многу видови риби и водни без'рбетници, од кои многу се ретки па дури и ендемски. Во езерото живеат 52 видови риба, меѓу нив има крап, костур, сребрен крап, сом и змиска глава. Разновидни птици во текот на топлите месеци се гнездат и застануваат околу езерото или на неговите брегови.
Одводниот слив на езерото зафаќа површина од 16.890 км2 (6.520 квадратни милји), од кои 97% се на руска територија. Се напојува од вкупно 23 реки (8 од кинеска страна и 15 од Руска страна). Единствениот одлив на езерото е реката Сончача.
Максималната месечна просечна температура е 20 °C (68 °F) во месец јули, додека минималната месечна просечна температура е −21 °C (−6 °F) во месец јануари. Врнежите од дожд се јавуваат главно во лето, со просечни годишни врнежи од 500 – 650 мм.
Наводи
уреди- ↑ „Lake Profile: Khanka (Xingkai)“. LakeNet. Посетено на 11 November 2012.