Умилкување песни на македонскиот поет Петре М. Андреевски.[1]

„Умилкување“
АвторПетре М. Андреевски
ЗемјаМакедонија
Јазикмакедонски
Жанрпоезија
Петре М. Андреевски

Покажувајќи ја неговата сентименталност, Андреевски прави зачеток на некоја чудна неомеѓеност помеѓу листот хартија и перото, како да заснова епоха на евоции од минатото, како да си ја оголува душата[2]. По својата исклучителна искреност, музичка ритмика, надоврзување на своевидна традиција на македонскиот поетски дух, Петре М. Андреевски покрај бројниот поетски опус, со оваа песна се вивнува во најистакнатите поетски изблици и творечки проблесоци не само во македонското поетско милје туку е еден вид на антологиски дел од современиот поетски израз во светски рамки. Со крајна едноставност и смиреност, ги презентира сите негови брановидни искачувања и падови низ душата за да го достигне оној апсолутот. Упростениот рев ти дава истовремено бегање од реалноста, прибрежување на свој остров и поттикнување на заумната свесност.

Умилкување

Ќе ги отпретам сите горештини од твојата глава,

ко суво дрво на сува рида реките ќе ги заковам.

Ќе те претплатам на вечна љубов и вечни времиња

ќе те љубам и губам и во пости и пред гости

само да ме сакаш.

Ќе ги поткупам сите човечки сетила и патила.

Сите светлосни преѓи песијазол ќе ги врзам,

сите денови и ноќи на својот почеток ќе ги вратам,

ќе ти дадам сè што е солено и молено

само да ме сакаш.

Ќе спијам во движење, сенката своја ќе ја прескокам

ќе ги затнам сите извори, сè што гори ќе отворам.

Ќе направам да не се знае кај е лево и десно,

ќе ти наберам ѕвезди, ќе ти влепам шлаканица

само да ме сакаш.

Ќе ги шпионирам сите крадци на твоите часови.

Ќе ги исфрлам од употреба страните на светот

и светот, по црна ноќ, одмижанка ќе го истрчам

и ќе те фалам и кудам под сите небеса

само да ме сакаш.

Кај ќе стасам ќе разделам топло од студено,

на шеќерот ќе му забранам да се споредува со тебе,

не ќе оставам растојание што ќе биде меѓу нас,

со ова што го велам и слепо и глуво ќе исцелам

само да ме сакаш.

По својата лиричност, исповесност, директно лирско обраќање оваа песна содржи една од најтоплите поетски воздигања за љубовта, за сакањето, за смислата на животот изразен преку молитвеното обраќање кон сакањето, кон љубовта.

...„Поезијата не може да се објасни со зборови, не е проза за да се раскажува, не е случка за прераскажување. Прочитаната поетика бара естетска пауза, средување на мислите, формирање ковчег во умот од емоциите што се будат при нејзиното читање… Затоа што и да напишам, ќе побудам предвреме формирани мислења и затоа ќе ве оставам сами да ја почувствувате и доживеете поезијата на Андреевски“...

Често оваа песна покрај во пишуваната форма, може да се проследи и во извонредната интерпретација на режисерот Владо Цветановски, кој не само што беше од истото место на Петре, с. Слоештица, туку во македонскиот театар преку поетски израз и специфична театарска и режисерска визија ја постави единствената претстава - „Сите лица на Петре М. Андреевски[3].

Наводи

уреди