Тунел под скопското кале

Тунелот под Кале е дел од нацрт-верзијата на деталниот урбанистички план за месноста Тетовска трошарина, како продолжение на булеварот Свети Климент Охридски, усвоен од страна на Советот на општината Центар. Тунелот ќе биде долг 180 метри и ќе минува во близина на Калето. Сообраќајницата ќе има четири коловозни ленти, односно 14 метри широчина и плус околу два метра заштитни тротоари, кои ќе се користат при сервисирањето и одржувањето на коловозите. Движењето на пешаците по овие тротоари нема да биде дозволено, односно тунелот ќе го користат само возила.[1]

Скопско кале

Тунелот постои во генералните урбанистички планови уште од 1965 година, потоа е потврден и во плановите од 1985 и 2002 година. Тој ќе има олеснителна функција во однос на сообраќајниот метеж. Влезот на тунелот би бил во близина на лизгалиштето. Ќе минува под Музејот на современата уметност.

Според проектот на градежниот инженер Лазо Чакаровски, сообраќајницата би требало да тргнува кај Мала станица, односно во близина на зградата на "Нова Македонија", се движи по булеварот Климент Охридски. По вкрстувањето со Партизанска и откако ќе се измине Соборниот храм Св. Климент Охридски улицата се издигнува на мостовска конструкција. Под мостовската конструкција си останува булеварот Климент Охридски по кој како и сега, може да се одвива сообраќај. Улицата ќе лежи на единечни столбови кои предвидено е да се издигнат во средишното зеленило на булеварот Климент Охридски така што новата сообраќајница ќе биде токму паралелна на сегашниот булевар. По издигнувањето после Соборниот храм, сообраќајницата продолжува кон Влада и излегува на Вардар минувајќи низ надземниот паркинг на Владата, покрај "Жабарот" го минува Вардар и во близина на лизгалиштето, каде депресијата на ридот е најниска, со тунел влегува под Кале. Од другата страна на Кале тунелот излегува на крстосницата кај касарната "Илинден" каде е предвидена кружна клучка, и од тука, избегнувајќи ја Топаана излегува на улицата Македонско - косовска ударна бригада, во близина на крстосницата со Џон Кенеди. Оваа нова сообраќјаница предвидено е да биде брза. По неа ќе се вози со 80 километри на час, без застој. Таа нема семафори, ниту пак вкрстувања со други улици, а со неа се скокаат Илинденска, Димитрие Туцовиќ, Загрепска, Лазар Личеновски и улицата Топаанска после тунелот. Со овоие поголеми улици новата сообраќаница би се вкрстувала доколку се гради по земја. По неа би се пренасочил целиот сообраќај запад - исток во Скопје, вклучувајќи ги тука и оние кои од Куманово одат кон Тетово или обратно. Експертите велат дека ова ќе биде улица која ќе биде основа на примарната сообраќајна мрежа во Скопје.[2]

Земјиштето под Калето е меко бидејќи се работи за седиментна карпа, која лесно може да се пробуши и поради тоа нема да има поголем проблем во изградбата. Продолжението на булеварот е замислено со два коловози, колку што има и сегашното решение, а на излезот кај Лазар Личеновски, според градежниот инженер Благој Гајдов, се предлага да се направи надвозник кој ќе го премости тунелот и ќе обезбеди непрекинат тек на улицата. Идејата за тунел под Кале и пробивање на булеварот Свети Климент Охридски постоела уште во 1955 година. Главната придобивка од реализацијата на проектот е растоварување на целиот сообраќај кој минува преку Бит-пазар, а особено метежот на крстосницата кај Судска палата, каде што е проценето дека дневно поминуваат и повеќе од 86.000 возила. Пред неколку години на правецот на булеварот нелегално почнал да се гради објект, тогашните власти издале локација за магацин со управна зграда на претпријатието „Рудине“, на левата страна на Вардар. И покрај пријавите за стопирање на изградбата, таа упорно се граделе без некој да ја санкционира, за најпосле во 2003 година Републичката градежна инспекција да донесе решение за нејзино уривање. Тогаш биле направени пресметки според кои за реализација на овој рпоект би биле потребни околу 16 милиони евра.[3]

Наводи

уреди
  1. Дневник Архивирано на 12 мај 2010 г., Тунелот под Кале нацртан на нова хартија, пристапено на 8 мај 2010 г.
  2. Вест Архивирано на 4 март 2016 г., Скопје останува без експресна сообраќајница: Сите бегаат од тунелот под Кале, пристапено на 8 мај 2010 г.
  3. Време Архивирано на 27 јуни 2009 г., Заборавен проектот кој би го растоварил скопскиот сообраќаен метеж: Од Центар до Чаир преку тунел под Кале, пристапено на 8 мај 2010 г.