Точно на пладне
„Точно на пладне“ (англиски: High Noon) — филм на режисерот Фред Цинеман (Fred Zinnemann) од 1952 година, снимен по сценариото на Карл Форман (Carl Foreman) засновано врз романот „Лимената ѕвезда“ (Tin Star) на Џон В. Канингем (John W. Cunninghama). Главните улоги ги играат: Гари Купер (Gary Cooper), Томас Мичел (Thomas Mitchell), Грејс Кели (Grace Kelly), Лојд Бриџис (Lloyd Bridges), Кејти Џурадо (Katy Jurado) и Ијан Мекдоналд (Ian MacDonald). Овој култен филм се одликува со едноставна приказна, со одлична режија и со невообичаено временско поклопување меѓу траењето на дејствието и на траењето на самиот филм. Низ целиот филм се провлекува интересната музичка партитура на Дмитри Тјомкин. Филмот освоил четири награди „Оскар“, вклучувајќи ја и онаа за најдобра машка улога.[1]
Синопсис
уредиШерифот Кејн (го игра Купер) штотуку се жени и ја напушта работата, зашто утредента во градот треба да пристигне новиот шериф. Меѓутоа, токму тогаш доаѓа веста дека со следниот воз во градот треба да пристигне злосторникот Френк Милер (го игра Мекдоналд) кого Кејн го затворил пред неколку години. На железничката станица веќе се наоѓаат тројца соработници на Френк, чекајќи го него, а со намера да го убијат Кејн. Иако првобитната намера му била да го напушти градот со својата сопруга (ја игра Кели) и да започне нов живот, Кејн решава да остане и да им се спротивстави на злосторниците. Тој бара помош од граѓаните, но сите го одбиваат од различни причини. Така, Кејн мора сам да се соочи со бандата на Френк...