Тиски цвет
Тиски цвет | |
---|---|
Научна класификација | |
Царство: | Animalia |
Колено: | Членконоги |
Класа: | Инсект |
Ред: | Еднодневки |
Семејство: | Palingeniidae |
Род: | Palingenia |
Вид: | P. longicauda |
Научен назив | |
Palingenia longicauda Оливие, 1791 |
Тиски цвет (латински: Palingenia longicauda) — воден инсект кој спаѓа во редот еднодневки. Познат е како Тиска еднодневка по европската река Тиса, каде може да се сретне и исто така познат како долгоопашна еднодневка или џиновска еднодневка бидејќи е најголемата еднодневка во Европа, 12 cm (5 in) мерено од глава до опашка.[1][2]
За разлика од повеќето еднодневки, возрасните водени цветови никогаш не ја напуштаат водата, постојано ја допираат водата или пловат на површината.[3] Спорото течење на реката и недостатокот на риби кои се хранат на површината на водата го прават ова возможно.[2] Присуството на овие инсекти е знак за чиста незагадена вода. Сега изумрени во многу европски земји, можат да се сретнат во Србија и Унгарија на реката Тиса,[1] како и во Романија, на реката Прут[4] и долниот слив на Дунав.
Парење
уредиПарењето претставува природна појава што се случува по долниот тек на Тиса. Тоа се случува секоја година, обично во средината на јуни, во предвечерните часови, и тоа на деловите од реката со глиновито корито. Магијата ја чинат инсектите кои три години се развивале и живееле како ларви на глиновитото дно на реката, а сега првпат десетици илјади под дневната светлина се појавуваат на површината на водата како ларви во белузлави кожурци. Само за неколку мига овие грди ларви стануваат прекрасни пеперутки ослободени од кошулката која прво пука на грбот од ларвата. Започнува макотрпното преслекување, а со тоа и преобразбата на белиот грд „црв“ во нежен крилест инсект.
Половина од машките тиски цветови се жртви на рибите и жабите, а другата половина на зрелите мажјаци ја започнуваат својата мисија што трае само неколку часа, чија цел е да се продолжи видот. Одеднаш на површината на водата пристигнуваат и женките-ларви и се преобразуваат во крилести мали суштества кои се вивнуваат кон зајдисонцето летајќи над мажјаците. Овие пак под нив, судени и несудени младоженци, ја започнуваат хајката по невестите. Највештите мажјаци успеваат со своите долги нозе да ги обвиткаат женките и да се спојат со нив, со што оплодувањето започнува.
По парењето, женките се издигнуваат над средината од реката и летаат низводно два-три километра за да ги положат своите јајца. Секоја женка од тискиот цвет полага по седум-осум илјади јајца. Од оплодените јајца за две-три недели се појавуваат ларвите и се вкопуваат во глиновитиот дел од коритото на реката. Таму остануваат и растат три години. Нивните татковци ,пак, по завршената мисија на оплодување на женките, го завршуваат својот свадбен лет и паѓаат на површината на водата, каде што умираат. На мртвите љубовници подоцна им се придружуваат и женките, претворајќи ја Тиса во гробница на љубовта.[5]
Наводи
уреди- ↑ 1,0 1,1 „Wild Serbia: The Tisa Mayfly (Palingenia longicauda)“.
- ↑ 2,0 2,1 „Riverfly: Teifi Rivers Invertebrate Monitors: Europe's largest mayfly“. Архивирано од изворникот на 2016-03-25. Посетено на 2015-04-16.
- ↑ Kriska, György; Balázs Bernáth; Gábor Horváth (February 2007). „Positive polarotaxis in a mayfly that never leaves the water surface: polarotactic water detection in Palingenia longicauda (Ephemeroptera)“. Naturwissenschaften. 94 (2).[мртва врска]
- ↑ Bernerth, Haide; Tobias, Wolfgang; Stein, Stephanie; Turowski, Susanne (2002). „Section 4.2: Macrozoobenthos“. Во Literáthy; Péter; Koller-Kreimel, Veronika; Liška, Igor (уред.). Joint Danube Survey: Technical report of the International Commission for the Protection of the Danube River (PDF). стр. 42. Посетено на 2013-01-10.CS1-одржување: повеќе имиња: список на уредници (link)
- ↑ „архивски примерок“. Архивирано од изворникот на 2016-03-07. Посетено на 2015-04-16.
Надворешни врски
уреди- National Geographic: http://ngm.nationalgeographic.com/ngm/0305/feature3/index.html Архивирано на 27 јануари 2008 г.
- The Tisza River Project: http://www.tiszariver.com/ Архивирано на 4 февруари 2002 г.
- Tisza Mayfly Архивирано на 29 април 2013 г., BioFresh Cabinet of Freshwater Curiosities.