Студенчишко Блато

Студенчишко Блато или Студенчишта — блато (мочуриште) веднаш крај Охридското Езеро и непосредно јужно до самиот град Охрид.

Студенчишко Блато
Студенчишко Блато (Студенчишта) -
Студенчишко Блато (Студенчишта) -
Поглед на бара во мочуриштето
Место Охрид
Земја Македонија
Околна водна површина Охридско Езеро
Координати 41°6′1″N 20°48′37″E / 41.10028° СГШ; 20.81028° ИГД / 41.10028; 20.81028
Вид блато
Површина 50 хектари

Местоположба и површина

уреди

Блатото Студенчишта се наоѓа на надморска височина од 694 до 696 метри (средна височина од 695 метри) меѓу Студенчишката Река (денес каналот Студенчишта) и реката Рача (на север и на југ) и меѓу регионалниот пат Охрид-Свети Наум и крајбрежјето на Охридското Езеро (на исток и запад).[1]

Блатото Студенчишта е валоризирано како природна појава сочуван со милениуми и оттука неговото особено значење за Охридското Езеро. Студенчишкото Блато, не така одамна, претставувало интегрален дел од Охридското Езеро. Се протегало северно и јужно од Студенчишка Река (денес каналот Студенчишта) и со многубројни канали било поврзано со Охридското Езеро. Секоја промена на нивото на водата од Езерото директно влијаела и на Блатото. Тоа било населено со различни растителни и животински видови. Многу ципринидни (бели) риби (особено крапот) се мрестеле во Блатото, а се гнезделе и многу водни птици. Денес, влажните хабитати зафаќаат површина од над 50 ha, а блатните и мочуришни терени се протегаат на околу 25 ha, во непосредна близина на Студенчишкиот Канал. Влажните ливади околу Блатото зафаќаат поголеми пространства. Јужните и источните делови од наоѓалиштето се претворени во обработливи површини, ниви, ливади и овоштарници.

Хидролошки одлики

уреди

На теренот на Студенчишкото Блато застапени се литолошки членови, кои имаат функција на хидрогеолошки колектори, хидрогеолошки спроводници и хидрогеолошки изолатори. Нивната хидрогеолошка функција е во директна зависност од литологијата на теренот по вертикала и хоризонтала. Токму поради овие одлики Студенчишкото Блато служи и претставувало како своевидна природна прочистителна станица на Охридското Езеро. Во групата на хидрогеолошки колектори спаѓаат неврзаните карпести маси: песоците и чакалите, потоа тињата и песокливите материјали, кои имаат повисок коефициент на филтрација. Како хидрогеолошки спроводници се јавуваат полуврзаните карпести маси: правови и глини и на места песокливи материјали, кои имаат понизок коефициент на филтрација. Хидрогеолошки изолатори се тријаските варовници, кои ги има во околниот терен, а на предметната локација само на длабочина поголема од 30 метри и имаат слаб коефициент на филтрација (h х 10–7 m/s до h х 10–9 m/s). Литолошките членови во првите десетици метри се одликуваат по тоа што се неврзани седименти, кои имаат висок коефициент на филтрација и водопропустливост, што овозможува брза инфилтрација на подземните води.

Заштита

уреди

Граѓанската иницијатива „Охрид СОС“ и еколошките организации, по повеќе од две години борба со самите локални власти, во текот на април 2017 година се избориле Студенчишкото Блато да остане строго заштитена еколошка зона, во која нема да биде дозволено градење, како што првобитно се предложувало со најавените измени на Генералниот урбанистички план (ГУП) на Охрид во периодот 2014-2024.

Галерија

уреди

Наводи

уреди
  1. „ИНТЕГРИРАНА СТУДИЈА ЗА СОСТОЈБАТА НА ОСТАТОКОТ ОД СТУДЕНЧИШКОТО БЛАТО И ПРЕЗЕМАЊЕ МЕРКИ ЗА НЕГОВА РЕВИТАЛИЗАЦИЈА“ (PDF). Архивирано од изворникот (PDF) на 2016-04-13. Посетено на 2017-05-02.

Надворешни врски

уреди