Семрежна пристапност

Интернет-пристапност (англ. web accessibility) е практика преку која се овозможува мрежните места да бидат достапни за луѓето кои користат широк опсег на софтверски производи и уреди-кориснички агенти, не само стандардни прелистувачи (анг. web browsers). Ова е особено важно за луѓето со хендикеп како што е нарушување на видот. Со цел да пристапат на вебот, некои корисници имаат потреба од специјален софтвер или уреди покрај стандардниот прелистувач, или специјални прелистувачи. Дизајнирањето за пристапност е поткатегорија на добриот дизајн за употребливост.

Plage braille comportant une ligne de 40 caractères brailles et plusieurs touches spéciales
Пример за помошна технологија: Брајова табла опремена со вграден компјутер, кој работи автономно.
Plage braille comportant une ligne de 40 caractères braille
Оваа Брајова табла обезбедува само една линија Брајови знаци и се користи со компјутер за прикажување на неговиот екран.

Потребите кои пристапноста треба да ги задоволи се:

  • Визуелни: нарушувања на видот како слепилото, различни видови на слабо гледање и нарушен вид, како и различните видови далтонизам (слепило за бои).
  • Моторни/подвижност: на пр. тешкотија или неможност да се користат рацете, меѓу кои и тресења, спорост на мускулите, губење на контрола врз мускулите итн., поради состојби како Паркинсоновата болест, дистофија на мускулите, целебрална парализа, мозочен удар...
  • Когнитивни/интелектуални: пречки во развојот, потешкотии со учењето (дислексија, дискалкулиа итн.), како и различни когнитивни нарушувања кои од различни причини влијаат на помнењето, вниманието, развојната „зрелост“, вештини за решавање проблеми и примена на логика, итн.
  • Слушни: глувост или нарушување на слухот, како и наглуви луѓе.
  • Напади: фотоепилептични напади предизвикани од стробоскопски или ефекти на блескаво светло.

Придобивки од веб-пристапност

уреди

Обрнувањето внимание на пристапноста при дизајнирањето мрежни места често ја зголемува употребливоста за сите корисници. Добриот дизајн исто така овозможува полесен пристап за автоматизирани софтверски програми кои ги читаат содржините на мрежните места, како на пр. за машините за пребарување.

Еден важен аспект на пристапноста е што овозможува на луѓето да пристапат до содржините на начин кој најмногу им одговара. Ова може да биде од полза за сите корисници, а не само за лицата со хендикеп: на пр. некои корисници може да сакаат да ја менуваат големината на текстот затоа што користат мал екран на мобилен телефон, или имаат потреба да ја користат тастатурата за контрола на компјутерот бидејќи немаат глувче или не сакаат да го користат. Графичките содржини воглавно се бесполезни за машините за пребарување.

Различни мрежни места повлекуваат различен степен на загриженост за пристапноста. На пример:

  • Мрежно место кое обезбедува информации за хиперкинетичко растројство со дефицит на внимание (ADHD) треба да биде лесно пристапен за луѓе кои имаат ADHD.
  • Владино мрежно место наменето за општата јавност или адресар со ресурси за луѓе во кризни состојби треба да има предвид колку што е возможно повеќе хендикепи, со цел да биде достапен за сите граѓани.

Многу луѓе со делумно нарушување на видот или дислексија ќе имаат потреба да ги променат боите на текстот или позадината за да може полесно да читаат. Корисниците со дислексија или ADHD ќе имаат потреба да ги запрат подвижните слики на екранот оти им го нарушуваат вниманието. Луѓе со ADHD може да бидат збунети или одвратени од мрежни места кои се богати со врски оти може да имаат потешкотии со тоа што пред нив се поставени премногу опции.

На пример, линковите кои може да се активираат само со кликнување на глувчето не може да ги користат луѓе кои ја користат само тастатурата или читач на екранот за интеракција со компјутерот. Информациите обезбедени само во аудио-формат се непристапни за глуви лица, а информациите обезбедени само во графички формати се непристапни за слепи лица.

Дизајнирањето на мрежни места во согласност со принципите на веб-пристапност е неопходно за да се обезбеди пристап за сите корисници.

Технологија

уреди

Уреди-кориснички агенти

уреди

Најголем дел од луѓето го користат вебот со помош на веб-разгледувач на компјутер. Други начини за пристап на вебот се личен дигитален асистент (Personal Digital Assistant - PDA) или мобилен телефон. Честа појава е машините за пребарување да пристапуваат на содржините од вебот преку специјализирана програма наречена пајак (анг. spider).

Достапна е широка палета на техники и технологии кои го олеснуваат пристапот на вебот за луѓе со хендикеп, како и за сите други корисници. Овие може да се поделат на две (неексклузивни) класи: првата е технологии што овозможуваат, наменети за надминување на хендикеп од голем размер, како слепило, а втората е технологии што помагаат, кои се однесуваат на помали нарушувања.

Технологии што овозможуваат се:

  • Веб-разгледувачи што произведуваат звук, кои на глас ги читаат текстуалните содржнини.
  • Софтвер за препознавање на говор, што може да прифати изговорени наредби до компјутерот, или да овозможи диктирање.
  • Брајов терминал, кој се состои од Брајов приказник што се менува кој го претвора текстот во браево писмо, најчесто преку подигање и спуштање на мали клинови низ дупчиња на рамна површина, во комбинација со обична (QWERTY) или брајова тастатура.

Технологии што помагаат

уреди

Покрај специјализираните уреди-кориснички агенти, компјутерската пристапност ја зголемуваат и низа технологии што помагаат. Овие технологии се од голема помош за луѓето со хендикеп кои го користат вебот. На пример:

  • Софтвер за препознавање на говор, кој може да биде полезен за оние кои имаат потешкотии во користењето на глушец или тастатура.
  • Софтвер за зголемување на екранот, кој го зголемува она што е прикажано на мониторот од компјутерот, со што го прави полесно за читање за луѓето со нарушен вид.
  • Додатоци за тастатурата кои овозможуваат полесно и поточно чукање за луѓето со потешкотии при контрола на движењето.
  • Софтвер за читање од екранот, кои може да ги прочитаат (преку синтетизиран говор) или одбрани елементи прикажани на мониторот (како помош за луѓето со потешкотии при читањето или учењето) или пак сè што е прикажано на мониторот (за слепи или луѓе со нарушен вид).
  • Софтвер за автоматско преведување, кој овозможува читање на мрежни места на странски јазици, особено за лицата кои се дијагностицирани со потешкотии во учењето.

Технологии за машински превод

уреди

Софтверот кој може автоматски да преведе содржини од еден природен јазик во друг се нарекува софтвер за машински превод. Пример за ваква апликација е Бабел фиш на Алта виста, мрежни места кој може да преведе делови текст или цели мрежни места од и на англиски и најважните европски јазици. Во општ случај, ваквите преводи се несовршени. Подобри резултати се добиваат со комерцијални софтверски пакети кои се купуваат и инсталираат директно на компјутерот на корисникот.

Арно ама, за ваквите технологии да бидат целосно ефективни при разгледувањето на вебот, од клучна важност е самите мрежни места да се дизајнирани пристапно. Како крајна цел на напорите за пристапност на содржините е универзалната пристапност, со која сите содржини од вебот би се направиле пристапни за сите луѓе, преку уреди-кориснички агенти.

Иницијатива за веб-пристапност

уреди

Конзорциумот В3Ц (World Wide Web Consortium – W3C) ја има покренато Иницијативата за веб-пристапност (Web Accessibility Initiative - WAI) со цел да се развијат насоки и ресурси за веб-пристапност. Преку неа се обезбедуваат материјали за поддршка со кои се овозможува разбирање и спроведување на веб-пристапност.

Во 1999 година Иницијативата ги објави Насоките за пристапност на веб-содржини (Web Content Accessibility Guidelines) WCAG 1.0, кои се општоприфатени како дефинитивно упатство за како се прават пристапни мрежни места. Од 2003 година Иницијативата работи на второто издание на овие насоки, WCAG 2.0, која во моментов е во фаза на работна верзија.

Законски обврски за веб-пристапност

уреди

Сè поголем број земји имаат воведено законски решенија кои или директно се однесуваат на потребата мрежните места и другите форми на комуникација да бидат пристапни за луѓе со посебни потеби, или се однесуваат на поопштите побарувања против дискриминацијата на луѓето со посебни потреби.

Во САД, Делот 508 од Актот за рехабилитација ги обврзува сите федерални агенции и нивните подизведувачи да овозможат на вработените и сите други граѓани со посебни потреби пристап до информациите (вклучително и мрежните места) во иста или слична мерка како пристапот овозможен за сите други. Законот Акт за Американците со хендикеп од 1990 година забранува дискриминација врз основа на хендикеп, а Делот 255 од Актот за телекомуникации од 1996 година ги обврзува производителите да ги прават телекомуникациските производи и услуги достапни во сите случаи, освен кога тоа бара надминување на значителни потешкотии или значително ги зголемува трошоците. Примената на последните два закони во однос на пристапноста е комплицирана и зависи од поставување преседани. На 7 септември 2006 година судијата Мерилин Хал Пател во случајот на Националната федерација на слепите против Корпорацијата Таргет пресуди дека продажен синџир со физички продавници може да биде тужен ако неговото мрежно место е непристапно за слепи лица.

Австралија

уреди

Во 2000 година, еден слеп Австралиец доби на суд против Организациониот комитет на Олимписките игри во Сиднеј со примена на Актот против дискриминација на луѓето со хендикеп од 1992 година, бидејќи Комитетот не го направил нивното мрежно место пристапно за слепи лица. Комисијата за човекови права и еднакви можности има објавено насоки за веб-пристапност поврзани со тој закон [1]. Сите влади на австралиските држави имаат јавни политики и насоки за пристапност на мрежните места во јавна сопственост, кои се достапни на мрежното место на организацијата Вижн Острелија [2] Архивирано на 30 декември 2006 г..

Ирска

уреди

Во Ирска, како додаток на Актот за хендикеп од 2005 година во јули 2006 година Националната управа за хендикеп објави Код на пракса за пристапни јавни сервиси [3] Архивирано на 4 март 2007 г.. Се работи за практичен водич со кој се помага на владините служби и над 500 јавни тела да ги исполнат своите законски обврски.

Ревизија на пристапноста на мрежните места

уреди

Сè поголем број организации, компании и консултантски куќи нудат услуги на ревизија на пристапноста на мрежни места. Овие ревизии се еден вид испробување на системи преку кој се откриваат проблемите со пристапноста кои се присутни на дадено мрежно место и нудат совети и насоки за чекорите кои треба да се преземат за да се исправат тие проблеми.

При ваквите ревизии се користат низа методи:

  • Автоматски алатки за откривање на некои од проблемите
  • Ревизии од технички експерти, специјалисти за веб-дизајн и пристапност, кои испитуваат претставителен примерок од страници и нудат детални повратни информации и совети врз основа на нивните наоди.
  • Испробување со корисници, под надзор на технички експерти, при што на обични корисници им се задаваат задачи што треба да ги извршат со користење на мрежното место, по што се прави анализа на проблемите на кои наидуваат корисниците.

Секоја од овие методи има свои јаки и слаби страни:

  • Автоматските алатки може да обработат голем број страници за релативно кус временски период, но може да откријат само некои од проблемите со пристапност присутни на даденото мрежно место.
  • Ревизиите од технички експерти може да откријат голем број од проблемите, но процесот одзема доста време и многу мрежни места се преголеми за една личност да може да ги испита сите страници.
  • Испробувањето со корисници комбинира елементи од испробување на употребливост и пристапност. Како такво е од голема полза при откривање проблеми кои на друг начин може да бидат превидени, но мора да се користи внимателно за да се избегне влијанието на субјективниот вкус на испробуваните корисници на дизајнот.

Во идеален случај, за анализа на пристапноста на едно мрежно место треба да се користи комбинација на сите три методи.

Библиографија

уреди
  • Clark, Joe (2003). Building Accessible Websites. New Riders Press. ISBN 0-7357-1150-X.
  • Thatcher, Jim; Cynthia Waddell, Shawn Henry, Sarah Swierenga, Mark Urban, Michael Burks, Paul Bohman (2003). Constructing Accessible Web Sites (Reprint. изд.). Apress (Previously by Glasshaus). ISBN 1-59059-148-8.CS1-одржување: повеќе имиња: список на автори (link)
  • Slatin, John; Sharron Rush (2002). Maximum Accessibility: Making Your Web Site More Usable for Everyone. Addison-Wesley Professional. ISBN 0-201-77422-4.
  • Paciello, Michael (2000). Web Accessibility for People with Disabilities. CMP Books. ISBN 1-929629-08-7. Архивирано од изворникот на 2012-12-26. Посетено на 2007-02-16.
  • Bangeman, Eric (2006-09-10). „Judge: ADA lawsuit against Target can proceed“. Ars Technica. Посетено на 2006-09-26. Проверете ги датумските вредности во: |date= (help)