Свадбата на седумте Цигани
„Свадбата на седумте Цигани“ (De bruiloft der zeven zigeuners) е роман од холандскиот писател А. ден Долард. Книгата се вбројува меѓу најпознатите дела на авторот, кој со неговите дела се смета за најголем промотор на Охрид и Охридското Езеро во Холандија. „Свадбата на седумте Цигани“ на македонски јазик е преведена како „Свадба во Охрид“[1].
Историја на книгата
уредиКнигата првпат е издадена во 1939 година, по што доживува други многубројни изданија на холандски јазик, а преведена е и на други европски јазици. Таа е единствената книга од А. ден Долард што е објавена на македонски јазик.
Дејството на романот е концентрирано во Охрид и околу Охридското Езеро, каде авторот престојувал често и долго, при што инспирацијата ја црпел од непосредното контактирање со месното население и живеејќи го нивниот начин на живот.
Уште со првото објавување книгата го привлекла вниманието на холандската читателска публика, која веќе имала голем интерес кон делата на авторот. Кај читателите се јавил интерес и кон местата кои се спомнуваат во книгата, а со тоа таа побудила интерес за посета на Македонија. Како последица се јавуваат бројните посетители од Холандија кои со децении се меѓу најбројните туристи во Македонија.[2][3]
Содржина
уредиКнигата се состои од 18 делови: Алкохол (Alcohol), Црквичката на карпата (Het kerkje op de klip), Љубов меѓу цвеќиња (Liefde tussen distels), Ѕвезди над Охрид (Sterren boven Ochrid), Сребрениот појас (De zilveren gordel), За лудите и светците (Van dwazen en heiligen), Бранко не се двоуми повеќе (Branko twijfelt niet meer), Господин Анте нарачува музичари (Heer Ante bestelt muzikanten), Танцот во ноќта (De dans door de avond), Зорка (Zorka), Нада (Nada), Вера (Vera), Љубица (Ljubitsa), Мила (Mila), Марја (Marja), Јелка (Jelka), Бегството во Албанија (De vlucht naar Albaniё), Душка (Doesjka).
Насловите ја одразуваат целокупната содржина на книгата: протагонистот на романот (Бранко) е во постојано друштво со алкохолот, но во црквичката на карпата („Св. Јован Богослов“ во Охрид) ја запознава Душка; кај нив се раѓа љубов меѓу цвеќињата, која расте покрај езерото со ѕвездите над Охрид; Душка става сребрен појас и со Бранко оди во местото „за лудите и светците“, а тоа е манастирот на св. Наум; поради големата љубов кон Душка, Бранко не се двоуми повеќе, дали да се ожени или не, па господинот Анте нарачува музичари; со танцот во ноќта кај Бранко се будат спомените на жените во кои претходно бил вљубен: Зорка, Нада, Вера, Љубица, Мила, Марја, Јелка; несигурноста пред брачните обврски го тераат на бегство во Албанија; доаѓа Душка и го враќа во Охрид, во својот живот.[3]
Цитати од книгата
уреди- „Освен тоа, вреди од Париз да се дојде на Балканот, само за да се види Охрид. Каква прекрасна местоположба врз стрмниот рид! И градот, каква ли прекрасна мешавина од обичаи и векови...“
Личности
уреди- Бранко Марковиќ е професионален фотограф кој за потребите на новата книга за византиската уметност на проф. Сигоњ треба да направи фотографии од македонските цркви. Веднаш по пристигнувањето во Охрид, тој во Канео ја запознава Душка. По природа тој е со нестабилен карактер, сите негови врски со жените пропаѓаат, и по секоја неуспешна врска утехата ја бара во алкохолот.
- Душка Боровиќ студира филозофија и секој летен одмор го минува во родниот Охрид. Така го запознава Бранко Марковиќ, во кого се вљубува и со кого е готова да започне нов заеднички живот. Кога тој бега од свадбата, таа оди по него и така го покажува својот цврст и непоколеблив карактер.
- Анте Боровиќ е таткото на Душка. Тој е против свадбата на неговата ќерка и Бранко.
- Пјер Сигоњ (во македонскиот превод се јавува како Чигоне) е професор по историја на уметноста, кој на Балканот сака да ги истражува византиските цркви и манастири за неговата идна книга. Во Белград го советуваат дека најдоброто место за неговата работа е Македонија, а Бранко Марковиќ го препорачуваат како најдобар фотограф кој истовремено ја познава земјата и како таков може да биде и добар водич.
- Седумте Цигани се седуммина цигански музичари, кои Бранко Марковиќ ги среќавал низ својот поранешен живот. Секој еден од нив го запознал одделно од другите, во различна кафеани кога бил и со различна жена.
- Отец Мирон е калуѓер од манастирот „Св. Наум“, кого Бранко го запознава при неговата посета на манастирот.
Превод на македонски јазик
уредиПрвото објавување на македонски јазик книгата го доживеала во 2006 година. Книгата е издадена во Охрид од страна на „ВИС ПОЈ“. Преводот е на Виолета Лопстра - Стојаноска.
Во македонскиот превод се забележани низа отстапувања од оригиналот[1][4]:
- легендарното и нашироко познато име на книгата „Свадбата на седумте Цигани“ е заменето со помалку впечатливиот и непознат наслов „Свадба во Охрид“;
- некои делови (народни песни со нотни записи) се отстранети од содржината на романот и претставени како посебен додаток во книгата, по поговорот;
- променети се некои имиња на личности и места: професорот Сигоњ е претставен како Чигоне, а поимот Zuid-Slavië (Југо-Славија), koj e старото холандско име за Југославија, е преведен како Западна Славија...