Насочување (информатика)

(Пренасочено од Рутирање)

Видови на
насочување

anycast

broadcast

multicast

unicast

geocast

Насочување (англ. routing) се однесува на сметачките мрежи. Потребно е да се одреди патека по која ќе се пренесуваат податоците низ сметачката мрежа.

Насочувањето е процес во кој се насочуваат пакетите од своето извориште до крајното одредиште преку соодветни мрежни јазли. Овие активности ги извршуваат уреди наречени насочувачи (routers). Насочувачите го извршуваат насочувањето врз основа на насочувачки табели во кои се чуваат најдобрите патеки (routes) за различни мрежни одредишта. Така да насочувачките табели, нивното создавање и одржување се од големо значење за ефикасно насочување.

Насочувањето се разликува од премостувањето (bridging). Во големите мрежи неопходно е присуство на насочувачи. Во помалите мрежи може и рачно да се ажурираат насочувачките табели, но кај поголемите мрежи кои се со доста комплексна мрежна топологија која исто така и доста често се менува, рачната поднова на насочувачките табели е практично невозможно.

Насочување - Во пакетски комутирана мрежа насочувањето е процес на избор на пат (патека) преку кој ќе се праќаат пакетите, а насочувач е сметач кој го врши тој избор на пат за пакетите.

Насочување се врши со помош на т.н насочувачки табели (table-driven routing). Притоа, најчесто применуваниот начин на насочување е насочување делница по делница (next-hop routing), бидејќи ваквиот тип на насочување бара записи во насочувачките табели само за посредниците на насочувачите кои се поврзани директно со разгледуваниот домаќин или насочувач преку IP-мрежа. Притоа, во секоја насочувачка табела може да има:

  • Основни патеки (default routes)
  • Патеки специфични за одредена мрежа или домаќин.

Множество од правилата според кои се пополнуваат насочувачките табели и се разменуваат информациите меѓу мрежните јазли (насочувачи) се нарекуваат IP-насочувачки алгоритам. Постојат различни алгоритми за насочување, при што за даден алгоритам за насочување може да бидат создадени и повеќе различни протоколи за насочување (со различни одлики).

Насочувачките табели обично содржат информации само за одредишните мрежни адреси, но не и за одредишните домаќински адреси, бидејќи бројот на мрежи е многупати помал од бројот на домаќини на интернет. Во спротивно, насочувачките табели би биле премногу големи. Меѓутоа, можно е да се постават патеки и за IP-адреса на домаќин, што се применува во случаи кога се сака да се дозволи на конкретен домаќин да има пристап до некои ресурси (на пример, администратор на мрежата), или да се забрани на некој домаќин да има пристап до мрежата (на пример, злонамерен домаќин).

IP-адресата на следниот скок се користи само за да се одреди физичката адреса, по што насочувачот образува рамка со таа физичка адреса и во товарот на таа рамка го сместува IP-податограмот. За дојдовните податограми (datagrams) (упатени кон даден домаќин) важи:

  • Ако до домаќинот дојде податограм, тогаш тој ја проверува со IP-програмот одредишната адреса и ја споредува со сите свои IP-адреси – ако постои таква IP-адреса на некој од посредниците на домаќинот, тогаш пакетот се обработува во складот на IP-протоколот.
  • Еден домаќин може да има и повеќе IP-адреси, односно даден домаќин има онолку IP-адреси колку што има физички мрежни посредници кон интернет (на пример, една или повеќе мрежни картички, модем, Wi-Fi-картичка и сл.).

Поврзано

уреди