Роберт Ј. Шилер (англиски: Robert J. Shiller) – американски економист, добитник на Нобеловата награда во 2013 година.

Роберт Шилер (2012)

Образование и кариера

уреди

Шилер дипломирал во 1967 година, на Универзитетот на Мичиген (University of Michigan), во 1968 година магистрирал на Масачусетскиот институт за технологија (М.И.Т.) (Massachusetts Institute of Technology, M.I.T.), каде докторирал во 1972 година. Во периодот 1972-1974 работел како доцент на Универзитетот на Минесота (University of Minnesota), а учебната 1974-1975 ја поминал како гостин-професор на Националното биро за економски истражувања (НБЕР) (National Bureau of Economic Research, NBER) и во М.И.Т. Од 1975 до 1980 година работел како вонреден професор на Универзитетот на Пенсилванија (University of Pennsylvania), а во учебната 1980-1981 повторно бил гостин на НБЕР и на Универзитетот Харвард (Harvard University). Во учебната 1981-1982 бил гостин-професор на М.И.Т., а од 1982 година работел како професор на Универзитетот Јеил (Yale University).[1]

Поважни публикации

уреди

Шилер е автор на поголем број трудови во врвните економски списанија, од кои позначајни се:[1]

  • “A distributed lag estimator derived from smoothness priors”, Econometrica (1973)
  • “Do stock prices move too much to be justified by the subsequent changes in dividends?”, American Economic Review (1981)
  • “The determinants of variability of stock market prices” (заедно со S. Grossman), American Economic Review (1981)
  • “Cointegration and tests of present value models” (заедно со J. Cambell), Journal of Political Economy (1987)
  • “The efficiency of the market for single family homes” (заедно со K. Case), American Economic Review (1989)
  • “Comparing information in forecasts from econometric models” (заедно со R. Fair), American Economic Review (1990)
  • “Popular attitudes towards free markets: The Soviet Union and the United States compared” (заедно со M. Boycko и со V. Korobov), American Economic Review (1991)
  • “World income components: Managing and exploiting risk sharing opportunities” (заедно со S. Athanasoulis), American Economic Review (2001)

Исто така, Шилер е автор и на неколку книги:[1]

  • Market volatility, MIT Press (1989)
  • Macro markets: Creating institutions for managing society’s largest economic risks, Oxford (1993)
  • The new financial order: Risk in the 21st century, Princeton (2003)
  • Animal spirits (заедно со G. Akerlof), Princeton (2009)
  • Finance and the good society, Princeton (2012)

Награди и признанија

уреди

Покрај професорската дејност, Шилер извршувал и повеќе други функции: во 2005 година бил избран за потпретседател на Американското економско здружение (American Economic Association); од 1979 година е истражувач на НБЕР; од 1990 до 2004 година бил член на советодавниот панел при Федералната резервна банка на Њујорк (Federal Reserve Bank of New York); во 1991 година бил еден од основачите на фирмата „Кејс Шилер Вајс“ (Case Shiller Weiss, Inc.); во 1994 година бил избран за член на Американската академија на уметностите и науките (American Academy of Arts and Sciences); во 20013 година бил избран за член на Американското филозофско друштво (American Philosophical Society); во 2003 станал колумнист на „Project Syndicate“; во 2006 година станал член на Американското финансиско здружение (American Finance Association); во 2009 година ја добил наградата на „Дојче банк“ за финансиска економија; во 2007 година станал колумнист на „Њујорк тајмс“; во 2012 година ја добил наградата на Чикашката стокова берза (Chicago Mercantile Exchange) и Истражувачкиот институт за математички науки (Mathematical Sciences Research Institute); најпосле, во 2013 година ја добил Нобеловата награда за економија, заедно со Јуџин Фама и Ларс Хансен.[1]

Наводи

уреди
  1. 1,0 1,1 1,2 1,3 American Economic Association, Candidates for Office 2015, August 1, 2014.