Римските собранија (лат.: Comitia) биле поделени на три вида ― куриатско (лат.: Comitia curiata), центуриско (лат.: Comitia centuriata) и трибутско собрание (лат.: Comitia tributa) во зависност од тоа дали граѓаните се собирале организирани по курии (лат.: Curiae)[1], по центурии (лат.: Centuriae) или по триби (лат.: Tribus). Сите римски собранија имале законодавна и судска власт, а освен тоа биле одговорни и за изборот на магистратите, кои имале извршна власт. Иако формално, собранијата постоеле сè до III век од нашата ера.

Како претходница на трите наведени видови, некои антички извори го споменуваат и собранието наречено comitia calata (што отприлика би значело = "свикани собранија" од calare = свикување), но неговата функција, како и самото постоење, не е потврдена со сигурност. Според некои истражувачи, ова собрание од најраниот период го свикувал врховниот свештеник - "понтифекс максимус" (pontifex maximus) за на насобраните граѓани да им го соопшти Календарот за таа година заедно со деновите во кои би можеле да се извршуваат правните работи (практика која кон крајот на IV век п.н.е. ја прекинал Гнеј Флавиј), за да се изберат некои свештенички колегиуми (flamines) и rex sacrorum, или пак, насобраните граѓани да послужат како сведоци при објавувањето на тестаментите. Меѓутоа, самото име на ова собрание упатува на неговиот неорганизиран, незадолжителен карактер, а неговите претпоставени функции се сведуваат исклучиво на религиска улога (чинот на сведочење при оставање на завештение имал религиски карактер). Тоа дава повод да се помисли дека едноставно се работело за насобрани граѓани, а не за организирана институција на државната власт.

Наводи

уреди
  1. Abbott, Frank Frost (1901). A History and Description of Roman Political Institutions. Elibron Classics (ISBN 0-543-92749-0)