Преврската е додаток кој се става на рана за да се потпомогне заздравувањето и/или за да се спречи повторна повреда. Таа е создадена за да биде во директен контакт со раната по што се разликува од завојот кој првенствено се користи за да ја држи преврската на место. Некои организации сметаат дека се исти (на пример, британската фармакопеја), а дел од луѓето термините меѓусебно ги заменуваат. Преврските најчесто се користат при прва помош и медицинска нега.

Основни примени на преврската

уреди

Преврската може да има повеќе намени во зависност од видот, сериозноста и местото на кое се наоѓа раната. Сепак, сите намени се насочени кон поттикнување на заздравувањето и заштита на раната од понатамошни повреди. Главни намени на преврската се:

  • Го сопира крварењето – помага да се затвори раната за да се забрза процесот на коагулација
  • Го апсорбира ексудатот – ја впива крвта, плазмата и други течности кои ги лачи раната и ги собира на едно место
  • Ја олеснува болката – можно е некои преврски да ја намалат болката, а други да имаат плацебо ефект
  • Ја чисти раната – го отстранува некрозното ткиво и туѓите тела од раната
  • Ја заштитува раната од инфекции и механичко оштетување, и
  • Го поттикнува заздравувањето – преку гранулација и епителизација

Видови преврски

уреди

Во минатото, преврската била обично парче материјал, понекогаш ткаенина, но била користена и пајажина, животински измет, листови и мед. Сепак, модерните преврски[1] подразбираат газа (која може да е импрегнирана со агенс кој ја помага стерилноста или го забрзува заздравувањето), фолии, гелови, пени, хидроколоиди, алгинати, хидрогелови и полизахаридни пасти, гранули и зрна. Голем број на преврски со гази имаат слој на нелеплива фолија над газата која впива за да се спречи преврската да се залепи на раната. Преврските можат да бидат импрегнирани со антисептички хемикалии, како кај тупферот со борна киселина, или како при првите хируршки преврски со медицинско рицинусово масло.[2]

Во 60-ите години од 20-иот век, Џорџ Винтер го објавил своето контроверзно истражување за заздравувањето преку влажноста. Пред тоа, општо правило било дека за да се спречи инфекција на рана, таа треба да биде што е можно најсува. Винтер покажал дека раните кај кои се одржува влажноста заздравуваат побргу од оние кои биле изложени на воздух или прекриени со традиционални преврски.

Можат да се користат различни видови на преврски за да се постигнат различни цели:

  • Контролирање на влажноста, така што раната е влажна или сува. Пример за преврска за задржување на влажноста е Аквасел (Aquacel) која претставува хидрофибер наменет за делумно тешки изгореници.
  • Заштита на раната од инфекција
  • Отстранување на некрозното ткиво, и
  • Одржување на оптималната pH вредност и на температурата за да се поттикне заздравувањето

Затворените преврски кои се направени од супстанци отпорни на влага, како што се пластика или латекс, можат да се користат за да се зголеми стапката на апсорпција на одредени топични лекови во кожата.

Употреба на преврски

уреди

Ставањето на преврска е вештина од прва помош иако голем број луѓе ја отпочнуваат праксата без вежбање, особено за помали повреди. Скоро сите модерни преврски се спакувани во стерилна обвивка со датум на производство за да се обезбеди нивната стерилност. Ова е важно бидејќи преврската ќе дојде во директен контакт со раната, а стерилноста е потребна за да се исполни целта „заштита од инфекција“.

Порано се правеле импровизации кога биле потребни преврски. Ова сè уште може да се забележи и денес во понеразвиените области и во итни случаи. Преврската може да се состои од што било вклучувајќи и ткаенина или вишок материјал кои ќе исполнат некои од основните принципи на преврската, на пример запирање на крварењето и впивање на ексудатот.

Ставањето и менувањето на преврската е вообичаена задача при медицинска нега.

„Идеална“ преврска за рана би била преврска која е стерилна, погодна за заздравување преку влажнење и која ќе и овозможи на кожата да дише. Со ова ќе се намали ризикот од инфекција, ќе и помогне на раната побргу да заздрави и ќе ги намали лузните.

Наводи

уреди
  1. „www.dressings.org“. SMTL. Посетено на 2007-02-24.
  2. „Report upon the Use of a Mixture of Castor oil and Balsam of Peru as a Surgical Dressing“. pubmedcentral. Посетено на 2007-01-26.[мртва врска]