Првороден грев
Првороден грев — гревот на Адам и Ева во Еден со кој прародителите ги лишиле своите потомци од непосредно општење со Бога, прикажан во третата глава од книгата Битие. Црквата го користи овој поим за да го објасни учењето изложено во Рим 5,12-21 и 1 Кор 15,22, во кој Адам се идентификува како човекот преку кој смртта влегува во овој свет. Овој грев се наследува, и секој човек се зачнува и раѓа во овој грев, а се ослободува од него преку Крштевањето.
Онтологија на првородниот грев
уредиТроичниот Бог, создавајќи го светот го создал и човекот како круна на секое создание. Создавајќи ги првите луѓе, прародителите Адам и Ева, како единство на душата и телото, Бог им дал слобода на избор да бидат во заедница со Него (Бога) или да ја отфрлат таа заедница. Отфрлањето на таа заедница е грев или егзистенцијално промашување. Тоа им го дал преку слободата на изборот, давајќи им заповед од секое дрво во Рајската градина да јадат, освен од дрвото за познавање на доброто и злото, укажувајќи им дека во оној ден во кој ќе вкусат од него - ќе умрат.
Прародителите со својот слободен избор, а наговорени од ѓаволот, кој отпаднал од Бога уште пред создавањето на материјалниот свет, јадејќи од забранетиот плод одлучиле да бидат без Бога; како последица на тоа - лишени од благодатта Божја, смртта добила власт над нив. Така настанал првородниот грев од луѓето се ослободуваат преку светата тајна крштение. Смртта и болестите како последица на гревот и како некоја генетска инфекција (sui generis), се пренесуваат и на другите поколенија. Како последица на тоа настанала смрт на сите полиња па и биолошката смрт која подразбира разделба на душата која е соединета со Духот Божји од телото, телото пак без душата се враќа во земја и се распаѓа, додека душата по благодат Божја, останува бесмртна.