Последните денови на Ханс
Последните денови на Ханс - роман на македонскиот писател Михајло Свидерски од 2019 година.
Содржина
уредиОсврт кон делото
уредиРоманот „Последните Денови на Ханс“ претставува внатрешна борба и дијалог, тек на свеста на немоќниот старец Ханс, неважна историска личност која припаѓа на избришаното минато, а кој во своето време, била една од најмаркантините личности на векот. Живее повлечен, во мало место со десеттина жители, повлечен од сите светски случувања. Со проблематизирање на моќта за комуникација која би го подразбирала отворениот ум, кој умее неслективно да го препознава човечкото во другиот човек, со сите слабости, но и со сите потенцијали за издигнување од дното, оваа книга доминантно го претставува мисловниот процес на човекот, на битието кое неуморно се бори со изборите, со можноста да застапува ставови, но и со немоќта истите да ги одржува.Покрај личните рефлексии кои се основа на новелата, оваа книга имплицира пошироки теми кои во гранични етапи на промена донесуваат вознемиреност, но и преиспитувања на сопствените вредности, но и слабости. Генрализацијата на прашањата за моќта, за партијата, за семејството, за Бога, за општествениот контекст се сведува на релативизација на сите етички или хумани аспекти разграничени во односот меѓу доброто поврзано со чоечката способност за однос кон другитот човек независно од религијата, етничката припадност или нацијата, но и за злото кога станува збор за понижувањата, страдањата, насилството.
Во духот на модернистичките стратегии на реализација на наративната структура во кусиот роман под наслов Последните денови на Ханс е направен обид запретставување на текот на свеста на едно „ЈАС“, чијашто нестабилност е доминантна одредница. Со оглед на тоа сметаме дека оваа книга настојува да го транспонира пулсирањето на мислите на лик чијшто идентитет останува нејасен, неименуван и туѓ, затоа само можеме да погодуваме колку она што ја совладува внатрешната струја на мислите се приближува до работ на патолошките оптоварувања или до лудилото како специфична состојба што авторот со нарацијата сака да го претстави и со тоа да исчекори од стандардните и реалистички, но и постмодернистички тенденции што се актуелни во македонската романескна историја.[1]
Во рецензијата на романот, рецензентката проф. д-р Славица Србиновска пишува: По аналогија со традицијата на пишување на модернистичките нарации, особено онаа на Артур Шницлер како претставник на виенската модерна книжевност, авторот се обидува во македонската книжевност да го актуализира стилот на пишување во чијшто центар се сместува рефлексијата за себе, за сопствениот приватен круг на живеење, за родителите, за познајниците и во неа да го инкорпорира прашањето за гневот, за стравот, за агресијата, за доживувањата на неизвесноста, за болеста и распаѓањето, но и за смртта и за крајот. Паралелно со пулсирачката свест чијашто перспектива и менталните вибрации ги следиме од почетокот до крајот на романот, читателот ги следи содржините и мислите проследени со идеја за самоуништување, за доживување на понижувања или за агресивна реакција или нагон кон уништување на оној којшто дејствува како авторитетот, оној на таткото, оној на моќта во сите форми во кои таа го притиска кршливиот персоналитет на поединецот и настојува да ја апсорбира. Оставајќи си простор само за себе, свеста на „ЈАС“ што ја читаме контактира со различни фигури, меѓу нив е фигурата на жената, на мајката спротивставена на фигурата на таткото како суров патријарх, фигурата на лажливите и лицемерните, како семејство Вебер итн. Сите овие опкружувачки присуства и постоења се одразени онака како што ги разбира, прифаќа или негира централната свест што има променливи ставови кон нив и низ која се одигрува непрестајниот тек на монологот на себството што ја носи и низ која ја живее реалноста што ја разбира и ја толкува низ сопствената полифона и умножена перспектива исполнета со двосмислености. Од друга страна, таа реалност не добива координати на конкретен простор или на конкретно време, туку останува неопределена, навидум во однос со секоја епоха на заод, на крај или епоха исправена пред промени, како и епоха на нов почеток исполнета со падови и издигнувања.
Со оглед на специфичноста на структурирањето на нарацијата заснована на она што ние го нарекуваме „патологијата на поединецот“ која е во центарот на книгата, тенденциите на авторот се сведуваат на ограничување на какви било дејства врз основа на кои би се материјализирала димензијата на дејствувања, случувања или приказна. Таа почнува со односот кон родителите и брзо се раскршува во атоми што слободно лебдат и донесуваат нови бранувања, а со тоа и нови размисли за луѓето кои го опкружуваат, за светот, повремено осврнувајќи се на фигурите на „слабите“ луѓе како фигури врз кои се згрозува и ги отфрла, врз сопствената фигура во мигови во кои се издигнува и се смета за надреден, суперчовек и повреден или понижен, односно безвреден.
Покрај личните рефлексии што се основа на романот, оваа книга имплицира пошироки теми што во гранични етапи на промена донесуваат вознемиреност, но и преиспитувања на сопствените вредности, но и слабости. Со проблематизирање на моќта за комуникација што би го подразбирала отворениот ум кој умее неселективно да го препознава човечкото во другиот човек, со сите слабости, но и со сите потенцијали за издигнување од дното, оваа книга доминантно го претставува мисловниот процес на човекот,на битието кое неуморно се бори со изборите, со можноста да застапува ставови, но и со немоќта да ги одржува нив. Ликот, според нашите согледувања, така повеќе се вклопува во кругот на оние обременети од разликите и промените, од противречностите и конфликтите, покажува тенденции кон т.н. „чиста“ нација или раса, иако и самиот тоа не е, ниту може да биде.Тој е персоналитет раслоено функционален во мислења што се понекогаш радикални, понекогаш се развиваат во насока на позитивно прифаќање на другите, понекогаш во насока на негација и уништување. Тоа е човекот кој ги манифестира сите симптоми на поединец, на лик со проблематична ментална состојба често ограничена од стравови, па насочена кон агресии, потоа нестабилно наклонета кон насилството, но и жртва на понижувањата што во целина поттикнува размисли за неа како за поединец со патологија препознатлива и во современоста, како и во минатите епохи што носеле нестабилност, војни и страв, осамен, привидно поврзан и растроен врз основа на потеклото што го определило во основите на неговиот развој, уште во самото детство. Михајло Свидерски како автор на македонската романескна сцена ѝ нуди еден исклучително различен и провокативен дискурс и нарација што пулсира со оригинален, нов и витален полифон глас, со цел историјата на македонскиот роман да се збогати и да се дополни со нови визии и провокации што изненадуваат или поттикнуваат обновувања во полето на културата во која живееме, како на рамниште на националната сцена, така и пошироко, на интернационален план.[1]