Плакат

(Пренасочено од Плакати)

Плакат — оглас напишан или втиснат на лист хартија и обесен или залепен на јавно место. Форматот на плакатот најчесто е таков што овозможува употреба на букви доволно големи за да можат да се прочитаат од прилична далечина.

Плакат за настан

Освен текстот, плакатот речиси редовно содржи и ликовни елементи, концепирани и изведени така што да го привлечат вниманието на оние на кои им се обраќа, а со визуелната компонента не само да ја помогнат и дополнат перцепцијата на содржината, туку и директно или асоцијативно да дејствуваат врз сензибилитетот на приемачот на пораката.

Поради сите погоре наведени специфики, плакатот е делотворен медиум за јавно информирање. Се него се служат политичарите, културните и стопанските организации, за да ги пропагираат своите идеи или да ги постигнат своите цели.

Плакат со Германска пропаганда

Претходници на плакатот биле отпечатени летоци и театарски огласи што се јавиле уште од 16-от век. Ликовниот дел им бил најнапред дрворез, а потоа бакрорез. Во денешна смисла, плакатот датира од втората половина на 19-от век. За неговата појава во времето на францускиот импресионизам решително било запознавањето на Западот со јапонската обоена графика и изумот- усовршувањето на литографијата.

Афирмациски плакат

За творец на модерниот илустриран плакат може да се смета Тулуз-Лотрек. Натаму, него го развиле голем број на ликовни уметници: во Франција: Грасе, Стеинлен, Пиви д Шаван, Бонар; во Англија: Бердслеј, Харди; во САД: Пенфилд, Бредли, Рид; во Германија: Унгер, Хејне, Штук, Холвејн, Арпке, Пецолд и други.

Новите технолошки постапки дале мошне богати изразни можности.

Литографскиот камен е заменет со плоча од алуминиум или цинк- цинкографија. Потоа е воведен офсетниот печат, а во нашево време сито-печатот. Големо значње за плакатот има и фотографијата, особено фотографијата во боја. Исто така, важна била обновата на типографијата кон крајот на 19-от век, под влијание на Морис и движењето "Уметност и графика" во Англија.

Плакатот често се употребува во масовните агитации. Особено значајна била неговата прогресивна улога во Русија, за време на Октомвриската револуција, а и во подоцнежните пропагандни активности, како и за време на војната против германскиот завојувач. Познати се плакатите на Мајаковски, Мур, Иванов, како и на групата Кукриникси.

Од Втората светска војна плакатот е најчесто заедничко дело на група во која, освен авторот-дизајнер, учествуваат и пропагандист (денес маркетинг агент), пишувач на текстови, типограф и печатар.