Патриоти (навивачка група)
Оваа статија или заглавие има потреба од викифицирање за да ги исполни стандардите за квалитет на Википедија. Ве молиме помогнете во подобрувањето на оваа статија со соодветни внатрешни врски. |
Патриоти Ресен — македонска навивачка група од градот Ресен која ги поддржува сите спортски клубови што го носат името Преспа.
Бодрењето на овие клубови од страна на ресенчани има долга традиција, а било најизразено во фудбалските натпревари против градскиот соперник ФК Братство (кои секогаш претставувале натпревари од висок ризик). Познато е дека уште кон крајот на 80-те години од минатиот век на ресенскиот стадион одекнувала песната “Послушајте Патриоти„ по што подоцна групата го добила своето име. Во 1990 година се појавило првото сино знаме на кое пишувало ПАТРИОТИ, а потоа биле испратени писма до тогашниот ЈУ Спорт магазин по повод формирањето на групата. Во 1991 се случил еден од најголемите инциденти во кои учествувала групата, а тоа е судирот со навивачите на ФК Велешта при што се водела вистинска војна низ ресенските улици после победата на ФК Преспа со резултат од 3-2.
После изградбата на спортската сала во Ресен, навивачката група почнува да ги следи и натпреварите на ракометниот клуб Преспа. Во овој период почнува и доминацијата на РК Преспа (која тогаш го носела името Јафа Промет поради својот спонзор) во македонскиот ракомет која кулминира со шампионската титула во сезоната 1996/97 и настапот како прв македонски тим во Европската Лига на Шампиони во 1997/98. Во овој период се развива и дотогашното меѓуградско соперништво Ресен-Битола и на спортски план во двобоите со РК Пелистер кој претставувал главен соперник за титулата.
По повлекувањето на спонзорот, РК Преспа запаѓа во финансиски проблеми што подоцна резултира со испаѓање од Македонската Ракометна Супер Лига. Во меѓувреме ФК Преспа, која тогаш се натпреварувала во Втората Македонска Лига, од исти причина паѓа во понизок ранг. Со тоа се започнува еден период на неактивност на навивачката група сè до 2006 година кога РК Преспа гради силен тим и успева да избори враќање во македонската ракометна елита по освојувањето на Македонската Прва Лига и победата во бараж натпреварот на гостински терен против РК Весна од Велес на кој навивачката група се упатува со два автобуси и десетина автомобили. Следната сезона, Ресен претставува едно од најтешките гостувања во Македонската Супер Лига по што РК Преспа завршува на четвртото место и обезбедува настап во Европскиот Челинџ Куп. Наредните неколку сезони РК Преспа се соочува со проблеми во играчкиот и стручниот кадар што резултира со лоша игра на тимот, но навивачката група Патриоти, и покрај преполовениот број, е присутна на натпреварите на својот тим до денешен ден.