Нони
Нони — во римскиот календар, референтен ден во месецот, на 5-ти или 7-ми во зависност од месецот.
Потекло на зборот
уредиНа латински поимот се нарекува nonae (само женски род множина). Според римскиот писател Варон поимот потекнува од латинскиот збор nonus „деветти“, што ја определува положбата на ноните во однос на идите, или обновувањето на Месечината во текот на месец Ianuarius.[1]
Одлики
уредиНоните се 8. ден пред идите, нивниот датум се менува во зависност од месецот:
- 7. ден во текот на полните месеци, што содржат 31 ден (Martius, Maius, Quintilis и October);
- 5. ден други месеци : месеците пократки од 31 ден (Ianuarius, Februarius, Aprilis, Iunius, Sextilis, September, November и December) и можниот интеркаларен месец Mercedonius.
Идите се во средината на месецот и се случуваат на 13. или 15. ден од месеците. Поради нивната оддалеченост, идите и ноните од истиот месец ја носат истата нундинска буква, означувајќи го нивното место во римската седмица.
Денот што му претходи на ноните се бележи како pridie nonas (скратено како Prid. Non.). Останатите денови кои следат по календите и пред нив се бележат со помош на број, броејќи наназад од ноните (самиот референтен ден е вклучен во броењето). Така, датумот на денот по календите е означен како ante diem sextum nonas за полните месеци, ante diem quartum nonas за другите месеци (скратено како a.d. VI Non. или a.d. IV Non.), што значи „на шестиот [или четвртиот] ден пред ноните“. Датумот на денот пред pridie nonas е ante diem tertium nonas (скратено како a.d. III Non.), „на третиот ден пред ноните“. Следниот ден по ноните се обележува на сличен начин, наназад од идите: ante diem octavum idus.
Историја
уредиМожно е на почетокот на римскиот календар, ноните да одговараат на првата четвртина од Месечината. Ова соодветсвување веројатно престанало поради последователните промени на календарот.
Ноните е денот кога Rex sacrorum ги прогласува празниците на месецот. Ноналиите (nonalia sacra, на латински) се верско чинодејство што се одржува на ноните.
Како и календите и идите во секој месец, ноните се сметаат за неповолни денови за венчавка.[2] Според Светониј, и поради сличноста на зборот со негација, Август се воздржувал од преземање важни работи за време на ноните.[3]