Морски ежови
Морски ежови Период: ордовик — денес | |
---|---|
„Дињест“ морски еж (Echinus melo), најден северозападно од Сардинија | |
Научна класификација | |
Царство: | Животни |
Колено: | Иглокожи |
Потколено: | Иглести |
Класа: | Морски ежови Leske, 1778 |
Поткласи | |
|
Морските ежови (науч. Echinoidea) се класа од типот иглокожи. Оваа класа брои околу 950 современи видови. Претставниците се мали, бодликави, глобуларни животни кои ги населуваат сите светски океани. Нивната черупка („теста“) е заоблена и бодликава, обично од 3 до 10 см,,. Најчести бои се црна и темните нијанси на зелена, маслинеста, кафеава, розова и црвена. Се движат бавно, хранејќи се најмногу со алги. Нивни главни грабежливци се морските видри, одредени видови на јагули и некои други животни. Луѓето ги собираат морските ежови и нивните јајца ги употребуваат во исхраната.
Општи црти во градбата
уредиКожните осикули се тенки плочки кои се споени и образуваат ригидна ендоскелетна теста. Освен тенкиот надворешен епидерм, сите меки органи и ткива се наоѓаат под тестата. Ларвата е билатерално симетрична и се нарекува ехиноплутеус. Тестата е препокриена со мноштво од подвижни боцки. Цевкастите стапала се главните респираторни органи, а мадрепоритот е аборален.
Морските ежови може да се правилни или неправилни. Правилните морски ежови се вистинските морски ежови, со радијална симетрија, речиси сферични тела и долги боцки. Повеќето од нив се епифаунални. Неправилните ежови се т.н. сплескани и срцевидни ежови. Тие се најчесто инфаунални во меките седименти и имаат привидна билатерална симетрија наметната над нивната вистинска, радијална симетрија. Телото обично е зарамнето и боцките се кратки.
Епифауналните видови (правилните морски ежови) имаат апарат за исхрана познат како Аристотелова ламба опремена со пет јаки запци кои се користат за гребење на храната од тврдите подлоги. Ламбата е редуцирана кај инфауналните видови (неправилните морски ежови) бидејќи повеќето од нив се исхрануваат со детритус.
Правилни морски ежови
уредиТелото на правилните морски ежови е сфероидно со еден зарамнет или сплескан пол. Долниот, орален пол, е зарамнет, додека спротивниот, аборален пол, е повеќе заоблен. Повеќето вакви морски ежови се пентамерно радијално симетрични. Двата пола се поврзани со аборално-оралната оска, која ја претставува оската на симетрија. Структурите кои се подалеку од оваа оска се нарекуваат периферни, додека тие близу неа се централни (кај радијално симетричните животни, поимите како антериорно-постериорно, дорзално-вентрално, десно-лево немаат смисла). Пет меридијански амбулакрални оски се протегаат на површината од сферното тело од оралниот до аборалниот пол.
Иако навидум тестата изгледа дека е на површината од телото, таа претставува внатрешен скелет (ендоскелет), бидејќи се наоѓа во дермисот од сврзно ткиво од телесниот ѕид и е препокриена со тенок, незабележителен трепчест епидерм.
На оралната површина се наоѓа перистомален регион кој е ослободен од боцки и во чија средина е сместен усниот отвор. Околу устата се распоредени пет пара на кратки и дебели букални цевкасти стапала, а на работ од перистомот се петте пара на големи, грмушести перистомални жабри. На аборалната површина се наоѓа перипроктот, регион кој го обиколува аналниот отвор. Тој е многу помал од перистомот и околу него е распореден прстен од пет големи осикули наречени генитални плочки, како и од пет помали окуларни плочки. Една од гениталните плочки е изменета во мадрепорит кој е продупчен од бројни трепчести канали кои водат во осниот (осков) канал на водниот васкуларен систем во внатрешноста на телото. Тој лежи на интерамбулакрална оска. Сите генитални плочки, вклучително и мадрепоритот, носат отвор наречен гонопора на кој се надоврзува полов канал или гонодукт.
Дваесетте реда на плочки на тестата се распоредени во пет амбулакри кои се менуваат наизменично со пет интерамбулакри. Секоја амбулакра се состои од два реда на амбулакрални плочки, додека итерамбулакрите се состојат од два реда на интерамбулакрални плочки. Амбулакралните плочки се препознаваат по тоа што секоја од нив носи неколку парови на перфорации за цевкастите стапала познати како подијални пори (секој пар од пори е само за едно цевкасто стапало). Цевкастите стапала служат за движење и респирација. Повеќето од нив завршуваат со широки пијавки кои се користат за процврстување на животното на тврди подлоги.
Надворешни врски
уреди- Морски ежови на Ризницата ?
„Морски ежови“ на Викивидовите ? |
- Проект „Геном на морскиот еж“ (англиски)
- Echinoids.nl