Етика
Етика — филозофска дисциплина која се занимава со проучување на моралот. Старогрчкиот филозоф Аристотел во своето дело Никомахова етика прв укажува на потребата на засебен филозофски ангажман врз моралот. Зборот „етика“ Аристотел го изведува од старогрчкиот збор етос со значење обичај или навика. Латинскиот еквивалент морес е пак корен на зборот морал. Како и повеќето поими во филозофијата, така и моралот е предмет на најразлични дефинирања. Но земајќи го предвид местото на етиката во еден филозофски систем, човечкото однесување е веројатно нејзиниот соодветен предмет на проучување. Според многумина, прашањето за доброто и злото е централно во етичките иследувања.
Поради проблемот на дефинирање, етиката честопати се преклопува со својата сродна филозофска дисциплина филозофската антропологија, која ја разгледува положбата на човекот во космосот. Теоријата на вредностите, наречена аксиологија, исто така има точки на допир со етиката, но главното разединување помеѓу двете се состои во тоа што етиката се занимава со специфичен вид вредности, односно моралните, за разлика од општиот збир вредности со кои се занимава аксиологијата.
Главната и пошироко прифатената поделба на етиката се состои од четири различни дисциплини: нормативна етика (се занимава со практичните последици и форми на морално делување), дескриптивна етика (уште позната како компаративна етика, се занимава со опис на конкретни дела, постапки, верувања), применета етика (градењето на соодветни системи на морално однесување во рамките на одредена дисциплина е нејзин главен интерес), мета-етика (мета-дисциплина која ги проучува етичките искази и (не)можноста за одредување на нивната вредност на вистинитост). Иако постојат мноштво мисловни текови повод клучните етички прашања, според моралниот стремеж најчесто се издвојуваат неколку поглавни етички текови: евдајмонизмот чиј главен стремеж е среќата; хедонизмот, кај кој задоволството е краен плод на моралното делување; користа соодвествува со утилитаризмот; и конечно прагматизмот, каде изнаоѓањето средства и начини за постигнување на делото е крајниот стремеж. Според изворот на моралот, а и притоа од двете главни сфаќања на моралот, произлегуваат хетерономната и автономната етика.
Оваа статија од областа на филозофијата е никулец. Можете да помогнете со тоа што ќе ја проширите. |