Мем
Мем — постулирана целина на културни идеи, симболи или практики, кои можат да бидат пренесени од еден ум до друг преку пишување, говор, гестови, ритуали или други имитирачки феномени. Зборот е спој од „ген“ и грчкиот збор μιμητισμός (/mɪmetɪsmos/) за „нешто имитирано“. Поддржувачите на концептот ги сметаат мемите како културни аналози на гените, во тоа дека се само-копираат и реагираат на селективни притисоци.
Британскиот научник Ричард Докинс го создал зборот „мем“ во „Себичниот Ген“ (1976) како концепт за расправање на еволуционите принципи при објаснување на ширењето на идеите и културните феномени. Примерите за меми дадени во книгата вклучуваат мелодии, лесно-преносливи досетки, мода и технологијата за градење на лакови.
Мем-теоретичарите велат дека мемите еволуираат преку природна селекција (на начин аналоген како на биолошката еволуција) низ процесите на варијација, мутација, натпревар и наследство кои влијаат на копирачкиот успех на некој конкретен мем. Мемите се шират низ однесувањата кои тие ги создаваат во своите домаќини. Мемите кои се пропагираат помалку ефикасно можат да исчезнат, додека други можат да преживеат, да се рашират и (за подобро или полошо) да мутираат. Теоретичарите покажуваат дека мемите кои најделотворно се копираат се шират најдобро, и некои меми можат да се копираат делотворно дури и кога се штетни по благосостојбата на нивните домаќини.
Домен во науката наречен меметика се појави во деведесеттите години за да ги истражува концептите и преносот на мемите во термини на еволуционен модел. Критиките од најразлични фронтови го предизвикаа постулатот дека научниците можат да ги испитуваат мемите емпириски. Некои коментатори се сомневаат во идејата дека културата може значително да се категоризира во дискретни единици.