Медицината во Стар Рим

Медицината во Стар Рим е комбинација на разни техники и методи, која била под влијание на старогрчката медицина.

Вовед

уреди

Зачетоците на медицинската наука и медицинската пракса во Рим се поврзуваат со еден настан од почетокот на третиот век пред нашата ера. Во 293 г.п.н.е. во градот Рим се проширила епидемија на чума. Како што обично се случувало во моменти на голема опасност по градот, Сенатот побарал помош во Сибилските книги , кои претставувале збирка на пророштва и прописи против уроци, донесени главно од градот Куми(грчка колонија во јужна Италија). Според препораките од толкувањето на Сибилските книги, во градот бил воведен култот на Асклепијад, кого Грците го сметале за исцелител и син на Аполон. Така Римјаните во 291 г.п.н.е. на островот на реката Тибар подигнале храм посветен на овој бог, кој тие го нарекувале Ескулап. Новиот култ кон овој бог помогнал во развојот на римската медицина. Првите лекари во Рим биле Хелени. Плиниј постариот во своето дело Naturalis historia го споменува спартанскиот хирург Архагат кој дошол во Рим во 219 г.п.н.е. Тој во почетокот предизвикувал восхит кај Римјаните со својата вештина и сигурност во вршењето операции, но ширењето и новините на неговите интервенции им влевале страв на оние што верувале во примитивната домашна хирургија. Така, по извесно бреме Архагат бил прогласен за ,,џелат. Долго време потоа, лекарската дејност според "грчките вештини" во Рим ја практикувле исклучиво странци. Плиниј споменува дека шест века Римјаните немале свои лекари. Лекарите во Рим доаѓале од Magna Graecia, Јужна Италија каде што "цутеле" медицинските школи, потоа од Хелада, па дури од исток. Овие лекари имале различно образование и им припаѓале на различни опшествени слоеви. Покрај научници, какви што биле Асклепијад и Гален, имало и лекари-аристократи, лекари-робови итн.

 
Гален-научник

Лекарите имале свои стручни здруженија(collegia) со седишта-scholae medicorum, но во нив не се изведувала настава. За наставата се грижеле самите лекари приватно. Во Атенеј, кој во Рим го основал Веспазијан, се држеле јавни часови по медицина, од платени професори. Постоеле амбуланти(tabernae medicae) во кои лекарите ги примале пациентите за совет и вршеле хирушки интервенции, а понекогаш тие претставувале некој вид приватни клиники. Висината на платата на лекарот зависела од неговиот општествен статус, како и од неговата популарност меѓу пациентите. Лекарите во римското општество имале привилегирана положба. Цезар им дал римско државјанство на сите странци кои се занимавале со медицина во Рим. Хадријан ги ослободил лекарите од задолжителните јави должности, бидејќи со својата професија веќе и служеле на државата. На најугледните лекари им била давана титулата archiatrus. Некои од лекарите биле поставувани на високи функции или биле испраќани да управуваат со некаква римска провинција. Лекарите биле ослободени и од плаќање данок. Единствено бројот на лекарите бил ограничен: еден законик од последните години на владеењето на Антонин Пиј дозволува најмногу пет лекари во малите градови, а најмногу десет во главните градови на провинциите. Асклепијад бил еден од најбараните лекари во Рим и учител во врвен авторитет. Во медицината ја применувал теоријата на атомската физика. Според него, здравјето зависело од правилното движење на атомите, а болеста го спречувала тоа движење. Затоа, лекарот морал да интервенира, дури и со гимнастичка терапија. За Асклепијад постои и една анегнота според која, кога тој присуствувал на еден погреб, видел дека мртвиот е само привидно мртов и го вратил во живот. Најпрочуен од сите лекари кои живееле во Стариот Рим бил Гален (130-200 година). Тој ги завршил студиите во Хелада и Александрија, а во Рим за првпат дошол во 162 година, но набргу го напуштил. Потоа, по покана на Марк Аврелиј и Вер во 169 година се вратил во Рим и таму останал сè до својата смрт. Неговите дела се засноваат врз оригинални размислувања за анатомијата и физиологијата, патологијата, фармацевтската и хирушката терапија. Тој му посветил големо влијание и на толкувањето на делата на Хипократ. Неговите списи претставувале енциклопедија на медицината до средниот век.

Но, и покрај развојот на медицинската наука, сепак не се намалила верата во исцелителната моќ на боговите, пред се, на Ескулап. Верниците минувале цели ноќи во храмовите посветени на овој бог со надеж дека ќе оздрават. Така, еден грчки епиграф од Рим од II век од н.е. наведува многу чудотворни оздравувања што се случиле во храмот Ескулап: еден слеп човек прогледал, откако Ескулап му се јавил на сон, на некој Луциј(кој имал воспаление на белите дробови), Ескулап му кажал да земе пепел од три олтари, да ги измеша со вино и да го стави на градите-овој оздравел и јавно му се заблагодарил на богот и славел со народот. Сепак, ваквите народни верувања не го спречиле развојот на медицинската наука.