Машка поворка Мечкари од Прилеп
Машка поворка Мечкари од Прилеп е духовно културно наследство со Националка класификација на културно наследство: Машки поворки (мечкари), 3.1.4.1.1.2.
Според кажувањата на информаторите, овие поворки се изведуваат во последните двесте години, цел 19 и 20 век.[1]
Опис на доброто
уредиНајголемиот број од маскираните машки поворки во Македонија се изведуваат во периодот од Божиќ до Водици. Мечкарите се раритетна машка поворка во Македонија чија изведба тесно е поврзана Велигденските празнувања, со празникот Прочка и особено со започнувањето на Велигденските пости. Мечкарите се поворка која е карактеристична за Прилепскиот регион. Во Прилеп денес оваа поворка е составен дел на кареневалските настани кои симболично го означуваат последниот ден пред започнувањето на Велигденските пости. Во литературата самиот термин карневал е тесно поврзан со конзумирањето на месото. Според некои истражувачи терминот карневал се изведува од латинското caro-carnis - месо и ја означува последната недела пред постот или безмесната недела (dominica carnis privil) по која следува carne levamen и carnelevale (со значење да се дигне, да се тргне месото) од што со метатеза на буквите доаѓа carnevale, односно карневал. Ваквото толкување секако може да се доведе во врска со празнувањето на Прочка како последен ден пред големите Велигденски пости, тој ден во Прилеп како и на многу други места во светот луѓето преку маскираните поворки и со низа постапки како што е на пример простувањето со најблиските, се подготвуваат да го започнат постот со цел да се очистат од гревовите што ги направиле во текот на изминатата година.
Самиот карневал започнува во раните утрински часови на празникот Прочка кога учесниците се маскираат со своите традиционални маски. Нивната маска спаѓа во редот на антропоморфизираните маски и се нарекува Мечкар. Оваа традиционална маска е составена од два дела едниот се става на лицето, а другиот на телото. Делот што го облекуваат на телото е направен од пресни кожи на заклани овци, говеда, а понекогаш кози и јарци што го прави нивниот изглед поинтересен. Крзното од животните е свртено однадвор, додека ѕвонците и клопотарците ги врзуваат на половината и на нозете. Делот што го ставаат на лицето е направен од ткаенина, најчесто црна, со отвори за очите, устата и носот, на која се ставаат вепарски заби, а се користат и препарирани животни. Но, исто така на маските на лицето (суратите) се наредени низи од монистра и лскавци и други светликави елементи пулејки, стари пари, пуфки и др.. Употребата на овие елементи во маската мечкар им го дава епитетот шарени бидејќи нивните лица се залепени со разнобојни делови и монисти, а на телото им висат разнобојни колани, што во овие маски ја прави евидентна разнобојноста која претставува знак на животот. Токму таа разнобојност асоцира на свадбата, односно будењето на природата како симетрична спротивност на безбојноста, односно погребот и умирањето на природата. Тоа доаѓа од фактот дека Прилепскиот карневал како и повеќето други карневали се темели врз митското сознание во него метармофозите имаат длабок одраз, тие се фокусирани околу некаква променлива точка; при пресекување на границите, при превртување на ден во ноќ и обратно: при смена на календарското време и сезонските критични периоди, што несомнено е времето кога се одигрува Прилепскиот карневал. Овие светкави елементи на нивната маска имаат своја определена функција, бркање на злите духови, а истата функција ја имаат и нивните ѕвона кои стануваат поизразити при движењето на мечкарите. На главата се става кожа од овца со крзното однадвор, а некои ставаат и рогови од вол. За изработката на маските се користат кожи од вол за изработка на брадата и опашката. Изработка на една маска се потребни најмалку 4-5 кожи, а за нејзино целосно оформување е потребен околу еден месец. Како и во сите карневали и овде маскираните лица носат реквизити, кои се присутни и во другите карневали како што се стапови, ѕвонци, и клопотарци. Она што прави впечаток е тоа што оние ликови што се наоѓаат во фазата на метаморфоза визуелно и знаково можат да бидат маркирани како полу или како наполно метаморфизирани во една или во друга квалитетна состојба. Во карневалите таков метаморфизиран лик е ликот на мечката што коинцидира на некој начин со ликот на Мечкарот. Култот на мечката е еден од најдревните и најразвиените, тој се појавил напоредно, најверојатно во исто време кај различните народи.
Овој лик зема важно место во митолошките претстави, во кои ликот на мечката е поврзан со божицата Артемида и нејзината сопатничка Калисто, која својот завет на невиност го нарушила соблазнета од Зевс (во некои варијанти Аполон) и за казна била претворена во мечка од страна на Артемида. Според некои истражувачи во тој мит е одразена една од карактеристичните црти на архаичниот брачен ритуал, во кој невестата често се споредува со мечка. Поткрепа на овие размислувања наоѓаме во митологијата во која мечката како и змијата и змејот е носител на плодноста. Аналогно на ова Мечкарите како центарлни ликови во Прилепскиот карневал, ги претставуваат демоните на предците и се носители на новиот живот односно плодородието. Од реквизитите сите носат стапови и ѕвона, а се следени од зурли и тапани. Како и повеќето карневали од овој тип во текот на карневалот се губат сите социјални функции, а однесувањето на учесниците во карневалот е слободно. Во ток контекст Мечкарите за време на своето движење, ги удираат минувачите со стапови и ги посипуваат со пепел од торбите што ги носат. Прилепчани им плаќаат на „мечкарите“ за да си го откупат сопствениот живот, но и за да им бидат простени „гревовите“ што ги направиле во текот на годината. Како резултат на промените кои ги доживуваат обичаите со маски со текот на времето, се појавуваат ликови кои се надвор од традиционалната основа на обичајот. Во таа смисла може да се каже дека тие денес се составен дел од Прилепскиот карневал.
Во игрите што се изведуваат на прагот на новото годишно време се слави привременото ослободување од востанованото уредување, се укинуваат хиерархиските односи и норми. Имајќи ги предвид сите наведени карактеристики ќе кажеме дака овде станува збор за празник во кој е инкорпорирана вечната обнова на придодата.
Овој празник во прилепскиот крај се смета за касапски празник, па заради тоа маскираните дружини ги посетуваат куќите на касапите, следени со зурли и тапани. Во смисла на традицијата треба да се каже дека утредента на првиот ден од постот касапите се собираат на касапски посен грав се верува дека тие тоа го прават за да си ги ,,измијат гревовите“ ги што ги направиле, а се во тесна врска со нивниот занает.
Потекло
уредиГолем број на истражувачи претпоставуваат дека карневалите, особено во онаа форма во која се изведува во Прилеп водат потекло од Дионизиските обреди и другите свечености кои секако биле нивна предходница. Оваа теза се темели врз низата сличности и паралели коишто произлегуваат од елементите кои ги сочинуваат и времето во кое се одигруваат. Хистијанската скарма на овие обичаи е резултат на црковната пракса од времето на воспоставувањето на христијанството кога деновите од паганскиот годишен календарски циклус се врзуваат за некои христијански светци или периоди од христијанскиот календар со цел тие обичаи да се христијанизираат. Во оваа смисла некои истражувачи сметаат дека од средината на декември, па се до почетокот на март, календарот на стариот Рим и календарот на христијанството во голема мерка се поклопуваат. Истражувањата што ги правел Хулио Каро Бароја во однос на стариот римски календар и современите христијански празнувања се базираат на некои европски традиции, но сметам дека можат соодветно да се применат и врз состојбата со карневалите на Балканот и во Македонија. Во оваа смисла можат да се повлечат некои паралели во однос на современите карневали и старогрчките и особено староримските празници.
Според информаторите маскирните поворки во Прилеп постоеле од памтивек, а според некои записи дека маскирни поворки во градот се организирале пред 200 можеби и повеќе години.
Поврзаност
уредиМашките поворки (Мечкари) можат да се поврзат со празниците Прочка и Велигден како непосреден составен дел од нивното празнување. Но, исто така според изгледот на маските, реквизитите што се користат и намената, може да се направи релација со останатите машки поворки кои се познати во Р Македонија и на Балканот во овој период од годината. Во карневалот што на празникот Прочка се одржува во Прилеп, онаков каков денес го познаваме, се задржани архаичните магиски елементи на карневалот преку главните ликови во карневалот Мечкарите и особено нивните маски. Според изгледот на самата маска која е составена од превртени кожи, ѕвона околу појасот и реквизитите што ги ностат: стапови и торба со пепел, овие поворки може да ги поврземе со маскираните поворки од зимскиот календарски циклус.
Посебни карактеристики
уредиПосебноста овде се согледува со самата поставеност на маскираната поворка во народното календародносно врзувањето за празникот Прочка, додека најголем број од поворките во Р Македонија се врзани за празникот Василица и некрстените денови. Исто така во однос на поворките во Македонија, Мечкарите се единствени по врзувањето за одредена професија како што е касапската.
Во основа маската и нејзината функција се исти како кај поворките што се среќаваат за Василица, во Р Македонија како и кај повеќето Блакански поворки кои се среќаваат на преминот од зима во пролет, а кои своите маски ги темелат врз користењето на кожи од животни. Истото може да се каже и во однос на користењето на реквизитите како што е стапот и торбата со пепел. Посебноста овде во однос на другите маскирани попворки во Македонија, може да се согледа во делот од маската што го покрива лицето која е изработена со разнобојна монистра, додека кај другите поворки лицето се исцрнува.
Посебноста може да се согледа и во однос на верувањето дека Мечкарите се сметааат за заштитници на Прилеп. Исто така тие покрај тоа што одат по градските улици ги посетуваат и домовите на касапите, што претсвува посебност во однос на другите поворки во Р Македонија. Посебноста тука може да се согледа и во откупот на гревовите од страна на оние чии домови се посетувани од страна на Мечкарите.
Загрозеност на доброто
уреди- 1.Степен на загрозеност
- Мечкарските поворка во поблиското минато, а осбено денес сосема ја изгубила својата првобитна намена, тие денес се составен дел на Прилепскиот и другите карневали во земјата и во странство заедно со современите маскирани учесници.
- 2.Причини и фактори на загрозеност
- Причините за промените што се случуваат во врска со фоклорното наследство, а воедно и за неговата загрозеност од целосно исчезнување, е промената на функцијата што доброто ја има во животот на населението, а подоцна секако е условено и со некои надворешни фактори како што се:
-промената во начинот на живот на луѓето;
-промената на портребите на колективот;
-промента на начинот на живот и стопанисување на населението;
Презентираност и популаризираност на доброто
уредиГлавен репрезент на добото претствуваат настапите на здружението „Мечкари“ од Прилеп на карневалите во земјата и во странство. Доброто поширако е препознатливо и презентирано преку филмот на Соња Ризовска- Јовановска „Прилепски Мечкари“ Од научен аспект доброто се презентира преку учество на собири во земјата и во странство и преку објавување на трудови кои се однесуваат на доброто од фолклористи од земјата и од странство.
Негување на доброто
уреди- Организирани облици
Доброто се негува во Прилеп, преку организирањето на Прилепскиот карневал, во кој активно учество имаат и Мечкарите преку здужението “Прилепски Мечкари“. Манифестацијата што за празникот Прочка се организира во Прилеп го прави овој град дел од Европската асоцијација на карневалски градови, што подразбира учество на карневалски групи од различни европски градови во Прилеп и возвратно учество на Прилепските мечкари во карневалските настани што се организираат во тие градови.
Употреба на доброто
уредиДоброто во денешни услови се изведува со поинаква функција и намена. Во минатото Мечкарите имале симболичка и магиска функција за обезбедување на добробит на заедницата и простување на гревовите.
Денес намената е забавна и се остварува преку презентацијата на Мечкарите во карневалските настани во земјата и странство.
Но, и денес како и во минатото карневалите и поворките што се нивни составен дел имаат социјална фунција која е насочена кон кохезија на колективот .
Вредности и значење на доброто
уредиМашки поворки (Мечкари) како дел од архаичната култура имаат големо значење за зачувувањето на културното и фолклорното наследство на Р Македонија, за што сведочи големиот интерес за нивната презентација на карневалите во странство, а заинтересираноста на пошироката јавност за нив може се остварува и преку етнографскиот филм снимен за нив.
Несомнено е дека нитуедна културна вредност нема да ги исполни во целост своите идеали ако не продолжи да живее во иднината, и не се пренесе во свеста и активностите на наследниците и да заземе едно ое местата во арената која се вика традиција. Но, ништо не оди во традицијата ако не е вредно, осмислено, оргинално и потребнона идните поколенија. Бидејќи оваа фолклорно добро содржи богатството од форми и изразни средства, кои за фолклористите се постојана провокација за истражување на обредите поврзани сопразнувањето на Прочка, но исто така не помалку се значајни и интересни за истражување се нивните изведби и пред се начинот на кој традиционалните маскирани поворки се вклопуваат во современите општествени и културни настани во земјава и во странство.
Критериуми што се однесуваат на својствата на доброто
уреди- Автентичност– на Мечкарите ја согледуваме во тоа што се концентрирани во одреден географски араел, Прилеп и околината. Тие по низа свои карактеристики се издвојуваат од другите маскирани поворки: времето во кое се изведуваат, спецификата на маската особено делот што се става на лицето, даровите што ги добиваат и посетата на куќите на луѓето со одредено занимање - касапите.
- Реткост – на доброто се препознава во неговата изведбата во еден регион на Р Македонија, а врските што можат да се воспостават со сличните поворки на Бакланот претставуваат црти кои водат потекло од подалечното архаично минато.
- Единственост - преку споредбата на овие игри со сличните во регионот се согледуваат како единствени, според организацијата, дејствата и функцијата што ја вршат во заедницата.
- Разновидност - Бидејќи станува збор за добро кое се изведува во одреден регион и има строго кодификувани правила на однесување, кои не претрпеле никакви измени, овде не можеме да зборуваме за разновидност.
- Интегралност- се согледува преку зачуваноста на доброто единствено во еден регион во Македонија.
- Зачуваност – доброто денес се изведува како организирана форма која не е точно или единствено врзана за празникот Прочка, што значи дека освен етнографски добива и други значења кои се надвор од изворното, но сметам дека покрај тоа во изведбите се содржи голем степен на зачуваност на изворноста на доброто, која се согледува во изработката на самата маска (од кожи на животни) и употребата на реквизитите (стапови, пепел).
- Старост - е тешко да се утврди но според претпоставките на истражувачите секако спаѓа во редот на нарјархаичните обреди во Македонија, но релевентни докози има за последните 200 години.
Критериуми што се однесуваат на функциите на доброто
уреди- Воспитно-образовна функцијa - Преку запознавањето со архаичните и современите функции што во својата средина ги остварувале овие поворки и преку усното пренесување на доброто на младите генерации тие се воспитуваат во духот на пораките што ги носат овие поворки да се делува и да се работи за добробита на заедницата, се едно дали тоа е магиско, обредно или практично значење .
- Научна функција - Научната функција се согледува преку истражувањето на доброто, кое дава значајни податоци за фолклористиката, етнологијата, етнотеатрологијата и др..
- Социо-културна функција - таа со текот на времето се менувала така во минатото таа била магиска и заштитна, а денес ја согледуваме како изразито забавна во карневалските настани.
- Комуникациска функција- Мечкарите, како и сите останати поворки своето постоење го темели врз комуникациската функција, т.е. интеракција меѓу изведувачите и гладачите. Но исто така за овој фолклорен жанр е карактеристично усното пренесување на знаењето.
Критериуми што се однесуваат на значењето на доброто
уреди- Културно значење- го наоѓаме во тоа што преку ова добро се согледува народната култура, но воедно дава драгоцени податоци и за неговите верувања и ставови и претставува еден комплексен жанр, кој опфаќа повеќе области.
- Историско значење- на Мечкарите во Р Македонија го согледуваме преку фактот дека тие според својата старост и намена, претставуваат документ на една цела историско-општествена епоха.
- Уметничко значење- ова значење може да се согледа преку избаотката на самите маски, особено делот што се става на лицето кои со својата разнобојност претствуваат изблик на креативноста на народниот творец. Но, исто така тие неретко претствуваат и инспирација за разновидни и уметнички креации во литературата, на сцената и во филмот.
- Научно значење - Истражувачите на фолклорот на Балканот уште од деветтнаесеттиот век особено внимание им посветуваат на овие машки поворки. Во науката нивното значење се согледува во спецификите што ги носат и во архаичните белези кои ни овозмиожуваат да истражуваме во подлабоките слоеви на архаичното минато преку споредбата на овие поворки во останатите поворки кои се присутни во истиот период на просторот на Македонија и Балканот.
Литература
уреди- Арнаудов Михаил, 1972, Studii vÍrhu bÍlgarskite obredi i legendi, Софија,
- Зборник Маски, 1998, Музеј на Македонија , Скопје
- Иљоски Васил, 1970, Варијанти со свадбени мотиви во фолклорниот комплекс обред, песна, игра и драма, МАНУ, Скопје;
- Јанковиќ Љубица, народни игри , Белград, 1948,
- Крстевски Христо, Карневалите во Македонија, Слово, Скопје, 1994,
- Народный театар, 1974, (редактор Гусев В.Е.), Министерство културы РСФСР, Ленинград;
- Пенушлиски Кирил, 1988, Одбрани фолклористички трудови, 1-4, Македонска книга , Скопје,
- Пенушлиски Кирил, Македонски фолклор, Исторски прегле, Скопје, 1999.
- Петровска-Кузманова Катерина, театарските елементи во фолклорот, Институт за фолклор „Марко Цепенков“- Скопје, 2006,
- Петровска – Кузманова Катерина, 2007, Етнотеатар, Маска, Скопје;
- Петровска – Кузманова Катерина, 2008, Карневалите во Македонија, Институт за фолклор „Марко Цепенков“- Скопје,
- TolstoŸ N. I., 1982, „Õlementì narodnogo teatara v Á`noslav®nskoŸ sv®to~noŸ obr®dnosti“, Tetararno prostranstvo , Moskva,
- Толстој Никита Иљич, Језик словенске културе, Просвета, Ниш, 1995.
- Цветановска Јелена, Игри со смртта, Матица македонска, Скопје, 2001,
- Чајкановиш Веселин, Мит и религија кај Србите, СКЗ, Белград, 1973,
- Шапкарев Кузман А., Сборник од б`лгарски народни умотворенија, Софија, 1968,