Малострански раскази
Малострански раскази (чешки: Povídky malostranske) - збирка раскази на чешкиот писател Јан Неруда. Книгата се смета за неговото најдобро дело и за бисер на чешкиот реализам.
Содржина
уредиПоважни раскази застапени во збирката се:[1]
- „Една седмица во тивката куќа“
- „Господинот Ришанек и господинот Шлегл“
- „Доктор Расипувач“
- „Како се случи на 20 август 1849 година во дванаесет и половина да не се урне Австрија“
Критички осврт кон книгата
уредиПо појавата на книгата, поради неговиот топол тон, блага иронија и мирен хумор, дел од критиката го обвинила Неруда дека дава идилична слика на малограѓанскиот живот. И навистина, неговата критика не е остра, зашто тој верувал дека луѓето се одраз на општествените услови во кои живеат, т.е. кога општеството би било подобро и луѓето би биле подобри. Сепак, во неговите раскази, тој ја открива поразната вистина за „угледните“ жители на Мала Страна, кои навидум се мудри и сериозни, а во приватниот живот имаат сосема поинакви лица. На пример, во расказот „Една седмица во тивката куќа“ почитуваниот газда трепери пред Евреинот кој дошол да си го наплати заемот, а газдарицата шие платно за војската за да заработи некоја пара; на погребот на советникот Шепелер, присутните ја потиснуваат радоста поради неговата смрт, очекувајќи го својот дел од наследството („Доктор Расипувач“); двајца малострански угледни луѓе повеќе една деценија седат на иста маса во кафеаната без да си прозборат („Господинот Ришанек и господинот Шлегл“).[2]
Угледните господа од збирката на Неруда се срамат од мајчиниот јазик и глумат отменост, иако се дават во долгови. Наспроти нив, Неруда ги претставува обичните, сиромашни луѓе - слуги, продавачи, занаетчии, просјаци чии „чувства никогаш не се во ракавици“ и за кои „вистината вреди повеќе од најпикантните лаги“. Всушност, Неруда е првиот писател во чешката литература кои во книгите ги внел „обичните“ луѓе. Меѓутоа, при нивното сликање тој не употребува само светли бои, туку останува доследен на реализмот. Покрај тоа, одлика на неговото дело е тоа што умеел со малу зборови да каже многу, да ја запази секоја црта, секој важен детаљ и со лесен, мајсторски израз да ја претстави не само личноста, туку и атмосферата на околината и на моментот.[2]