Лежипед
Лежипед — велосипед на кој велосипедистот се наоѓа во лежечка или полулежечка положба.
Лежечката положба има ергономска и аеродинамичка цел. Што се однесува до ергономијата, тежината на велосипедистот е распоредена по целиот грб на велосипедистот што ѝ погодува на удобноста на возењето и ја исклучува можноста за концентрација на поголема телесна тежина на помал дел на телото како што е случај со карлицата, дланките и стапалата како што е случај кај исправениот велосипед. Легнатата позиција на телото на велосипедистот прави помал отпор на воздухот во однос на исправениот велосипед и со тоа се зголемува брзината на движење.
Во 1934 година лежипедите се забранети на натпреварите под Меѓународната велосипедска унија (UCI) [1], па велосипедистите на овој вид велосипеди се натпреваруваат под Меѓународното здружение на возила на човечки погон (IHPVA).
Брзинскиот рекорд на лежипед, постигнат во 2016 година, го држи Канаѓанецот Тод Рaјчерт (Todd Reichert) – (142,04 км/ч) и (144,17 км/ч) [2], додека рекордот за возење во текот на еден час го држи Франческо Русо (Francesco Russo) со растојание од 91,56 km.
Лежипедите доаѓаат во различни конфигурации кои се разликуваат во однос на: меѓуоскиното растојание, комбинацијата и големината на тркалата, управувањето и погонот. Постојат и лежечки триколки, лежечки тандем што е продолжен лежипед за две или повеќе лица.
Конфигурации
уредиМеѓуоскино растојание
уредиВо однос на меѓуоскиното растојание начелно постојат три различни геометрии: долго меѓуоскино растојание, средно меѓуоскино растојание и кратко меѓуоскино растојание. Кај долгото меѓуоскино растојание погонот се наоѓа меѓу предната и задната оска. Кај средното меѓуоскино растојание погонот е многу блиску до предната оска или е над неа, додека кај моделите со кратко меѓуоскино растојание имаат погон пред предната оска.
Големина на тркалата
уредиЛежипедите доаѓаат со сите стандардни големини на тркалата, но особеноста е во тоа што за разлика од исправените велосипеди доаѓаат и во комбинација со различни големини на тркала. Вообичаено е кај комбинацијата со различни големини на тркалата предното тркало да е помало од задното. Предноста на помалото предно тркало е пониската позиција во однос на карлицата на велосипедистот што може да предизвика замор во нозете. Недостатоци на помало предно тркало е послабото држење на правецот како и пониската брзина.
Управување
уредиУправувањето кај лежипедите може да биде над или под седиштето. Управувањето над седиштето е директно управување при што управувачот е директно поврзана со виљушката на предното тркало. Тој може да биде на различна далечина од предната оска. Управувањето под седиштето е индиректно со оглед дека управувачот ја врти виљушката на предното тркало со помош на лостови. Кај овој вид на управување рацете се порелаксирани, но управувањето под седиштето има поголем полупречник на вртење од управувањето над седиштето.
Погон
уредиКако и кај исправените велосипеди поголемиот број лежипеди имаат погон на задното тркало, но постојат изведби со погон на предното тркало. Изведбата со погон на задното тркало има значително подолг синџир па кај кратките меѓуоскини растојанија при вртење може да дојде до контакт на петицата и тркалото што е неугодно[3]. Заради должината на синџирот може да се јави ефект на натегнување на синџирот, односно задоцнет пренос на снагата од погонот на задното тркало. Кај изведбата со погон на предното тркало синџирот е значително пократок, преносот на снагата е подиректен па е избегната можноста за допир на петицата со тркалото. Недостаток на погонот на предното тркало е можното пролизгување на предното тркало на угорница или на подлога со послабо триење.
Амортизација
уредиЛежипедите се произведуваат со амортизација во сите комбинации. Постојат модели без амортизација, само со предна или со целосна амортизација (и на предното и на задното тркало). За амортизација се користат сите видови амортизери и пружини како и за исправените велосипеди.
Историја
уредиПрвиот познат „полулежечки“ велосипед датира од 1895 година, а го направил Шарл Шалан, професор од Женева.[1] Го нарекол „нормален велосипед“ со оглед дека позицијата на велосипедот била понормална отколку кај исправениот велосипед. Велосипедистот седел над задното тркало кое било со стандардни димензии и директно управувал со предното тркало кое било со помала димензија. Во следниот период се појавиле лежипеди од други европски пронаоѓачи и во триесеттите години на XX век во Европа се јавил широк интерес за овој вид велосипеди. Во 1936 година Фреди Граб од Лондон го направил првиот лежипед според нацртите на В. Е. Џерард. Тој имал 20-инчни тркала, тежел 14 кг, управување под седиштето, неколку брзина и кочници на обрачите. Тој бил првиот лежипед кој има многу сличности со модерните лежипеди.
Шарл Моше, производител на лесни двоседи на четири тркала и погон на педали кои за својата популарност треба да ѝ заблагодарат на Големата економска криза, експериментирал и направил лежипед. За да ја докаже брзината на својот, како што го нарекол „велосипед на иднината“ (La bicyclette de l'avenir), Моше го хомологирал при Меѓународната велосипедска унија и го пријавил Франсис Фор, возач од втора категорија, да вози на натпревари. Фор бил доста успешен, победувајќи многу врвни европски велосипедисти како на друмски така и на натпревари на писта. На 7 јули 1933 година, на парискиот велодром, Фор возејќи лежипед на Моше го соборил рекордот стар 20 години во совладување на растојание во текот на еден час, поминувајќи 45,055 км.
Уплашени од овој факт производителите на исправени велосипеди извршиле притисок на Меѓународната велосипедска унија која на својата седница на 1 април 1934 година донела нова дефиниција на натпреварувачки велосипед која пропишувала колку погонската оска може да биде над тлото, колку може да биде поместена нанапред во однос на седиштето и колку може да биде блиску до предното тркало. Со оглед дека производители на лежипедите не можеле да ги исполнат наведените барања заради геометријата на самиот велосипед, не можеле повеќе да се натпреваруваат [1].
Забраната за натпреварување директно влијаеле на понатамошниот развој на лежипедите кој стагнирал сè до седумдесеттите години на XX век. Во 1976 година Честер Кај и Давид Гордон Вилсон го основале Меѓународното здружение за возила на човечки погон како отпор кон Меѓународната велосипедска унија.
Денес во светот постои голем број производители на лежипеди, но популарноста на лежипедите никогаш не била ни приближно на рамништето на исправените велосипеди.
Наводи
уреди- ↑ 1,0 1,1 „The History of the Recumbent Bicycle: Winning Forbidden“. Архивирано од изворникот на 2008-09-11. Посетено на 28 August 2008.
- ↑ New World Records at WHPSC 2016 на семрежното место на Меѓународната асоцијација за возила на човечки погон
- ↑ „Toxy ZR Race Recumbent“. Архивирано од изворникот на 2007-03-05.