Куќарката во Коломна
„Куќарката во Коломна“ (руски: До́мик в Коло́мне) — поема на рускиот поет Александар Пушкин, напишана во 1830 година за време на познатата „Болдинска есен“.
Содржина
уредиДејствието на поемата се одвива во петроградското предградие Коломна каде живеат една вдовица и нејзината ќерка Параша. По смртта на готвачката Фекла, Параша бара нова готвачка и во куќата ја носи Мавра. Во недела, вдовицата и Параша одат в црква, додека готвачката Мавра останува во домот. Во црквата, вдовицата се загрижува од помислата дека новата готвачка може да ги ограби и поради тоа се враќа дома, додека Параша останува во црквата. Кога влегува во куќата, вдовицата ја затекнува Мавра како се бричи и од глетката се онесвестува, додека Мавра (која очигледно е преправениот љубовник на Параша) бега.
Осврт кон делото
уредиПушкин, особено во прозата, ја прескокнал романтичарската етапа и го антиципирал реализмот, но без да го спротивстави на романтизмот, туку го надоврзал на рационалистичките примери од својата лектира. Кога овој реалистички начин го применил и во поезијата, како во поемата „Куќарката во Коломна“, остварил исклучително интересен резултат: тој го прикажува животот на малиот човек од предградијата, со што го антиципирал пристапот на Достоевски во неговиот роман „Бедни луѓе“.[1] Свесното спротивставување на романтичарските ставови кај Пушкин се гледа и во третманот на формата и содржината. „Куќарката во Коломна“ е испеана во романтичарската варијанта на октавата (со машки и женски рими), онака како што ја применил Бајрон во неговото дело „Дон Жуан“. Меѓутоа, содржината на помеата е претежно реалистична.[2]