Кралството Албанија (албански: Mbretëria e Arbërisë, латински: Regnum Albaniae) било основано од Карло Анжујски на териториите во Албанија кои тој ги освоил од Византиската империја во 1271, со помош на локалното албанско благородништво. Кралството Албанија било прогласено кон крајот на февруари 1272. Кралството се простирало од регионот на Дурацо (Дирахиум, денешен Драч) јужно до Бутринт. Позначаен обид да се навлезе на византиска територија била опсадата на Берат (1280–1281), која била неуспешна. Следувала византиска контраофанзива, по која Анжујците се повлекле кон внатрешноста во 1281. Кралството наскоро било редуцирано на мал регион околу Драч. Анжујците се држеле тука до 1368, кога градот бил заземен од Карло Топија. Во 1392, синот на Карло Топија го предал Драч на Венецијанците.