Mirko Vidoeski
Мирко Видоески (Тетово, 31 август 1957)- сликар, актер, поет, писател (автор на монографијата „Дваесет години матични дејности на Домот на културата „Иљо Антески-Смок“ Тетово (1996) и на книгата раскази "Боите на самракот" (2003), автор на комедиите "Цунами", "Женски затвор", "Чешит квиз", „Кој сака да биде-нека биде“ и „Прифатен центар“, на детските пиеси „Бен и неговите другари“, „Тетовски мајтапчии“ „Мрзливата невеста“ и „Двете мали самовили“ (играни во Тетово и на меѓународниот детски театарски фестивал во Јабука, Република Србија). Детската пиеса „Двете мали самовили“ беше поставена два пати. Како копродукциска на Драмското студио Тетово и Позориштанце „Мали Принц“ при Домот на Културата „Кочо Рацин“ Јабука го освои првото место на Општинските драмски смотри во Панчево (2012 година) и учествуваше на Меѓународниот детски театарски фестивал во Јабука (2012), а беше изведена и во Пландиште, Глогоњ и на ДАФ Кочани во изведба на Драмската секција на КУД „Иљо Антески-Смок“ Тетово, во 2014 година. Комедијата „Цунами“ е најмногу изведувана претстава на Драмското студио Тетово со премиера и десет репризи во Тетово (премиера Тетово, 2007), Ростуше (2008), два пати во Скопје (во Драмски театар во 2008 и во Универзална сала во 2011 година), Зрењанин (2008), Врање (2008), Јабука (2009) и Лесковац (2009) и учество на театарскиот фестивал „Смеата мелем на душата“ во Гевгелија во 2010 година. Детската пиеса „Мрзливата невеста“ (2014) покрај во Тетово и во Јабука беше изведена и во Велика Плана и Велико Орашје, Република Србија. Повеќето негови драмски текстови („Чешит квиз“ (2006), „Кој сака да биде-нека биде“ (2007), „Цунами“ (2007) и „Женски затвор“ (2008), како и детските пиеси („Бен и неговите другари“, 2010, „Тетовски мајтапчии“, 2011 и „Двете мали самовили“, 2012) Мирко Видоески ги поставил како режисер со Драмското студио Тетово, а како актер настапил во претставата „Далеку е сонцето“ (1985, Рашка), претставите на Драмското студио Тетово: „Рецесија“ (2010), „Братство Султан Сулејман“ (2011), “Амадеус“ (2011), „Љубовникот во голем стил“ (2014 година изведена во Тетово и во Народно позориште Белград) „Султанот се враќа“ (2012) и „Биолошки динамит“(2013) како и во детските пиеси „Бен и неговите другари“ (2010) и „Мрзливата невеста“ (2014). Режисер е на комедијата „Градот“ драматизација на неколку раскази од Гогољ (Рашка, 1985), на пиесата „Далеку е сонцето“, по мотивите на истоимениот роман на Добрица Ќосиќ (1985, Рашка) и на комедијата „Европјани“ од Миодраг Недовиќ, која беше прикажана во Тетово и во Драмски театар Скопје, во 2017 година, како и во Театар 78 Белград во 2018 година.
Како ликовен уметник-сликар Мирко Видоески има две самостојни изложби во Тетово (1983) и Рашка (1985) и учество на повеќе групни изложби во Тетово, Скопје, Краљево, Белград, Нирнберг, Цавтат, Хвар и Гостивар. Учесник е на ликовната колонија во Маврово (1995) и ментор на детските ликовни колонии во Јабука (редовно од 2007 до 2019 година), како и на детската ликовна колонија „Варвара“, во 2007, 2008 и 2009 година. Има живописано неколку цркви.
П Р Е Г Л Е Д НА ЖИВОПИСАНИ ЦРКВИ ОД МИРКО ВИДОЕСКИ
Во 1983 – 1984 година, изработени 7 фрески во нартексот на манастирската црква и една икона над влезната врата на манастирската црква „Св.Вмч.Ѓорѓија Победоносец“ с.Мала Речица, Тетово.
Манастирот е запален во 2001 година и сите фрески и икони се изгорени. Нема фото-документација.
Во 1988 година изработена иконата „Успение на Пресвета Богородица“ над влезната врата на црквата „Успение на Пресвета Богородица“ во с.Сараќино, тетовско.
Во 1990 година изработена иконата “Пресвета Богородица со малиот Исус“ на влезната врата на црквата „Пресвета Богородица“ с.Беловиште, тетовско.
Во 1992 – 1993 година, комплетно живописана црквата „Св.Никола Мирликиски Чудотворец“ во с.Слатина, тетовско.
Црквата е запалена во 2001 година и сите фрески и икони се изгорени. Нема фото-документација.
Во 1994 – 1995 година, комплетно живописана манастирската црква „Пресвета Богородица“ во с.Џепчиште, тетовско.
Во 2001 година фреските во олтарот се делумно оштетени.
Во 1998/1999 година изработени фреските „Св.Ѓорѓија на коњ“ и „Св.Климент Охридски“ во црквата „Св.Вмч.Ѓорѓија“ во с.Отуње, тетовско.
Во 2014 година изработена фреската „Св.Архангел Михаил“ во црквата „Св.Атанасиј Велики“ на Тетовското кале.
Од 2015 година комплетно ја живописува црквата „Св.Никола Мирликиски Чудотворец“ во с.Отушиште, тетовско. По план ќе бидат вкупно изработени 87 фрески и 21 икона. Досега се изработени вкупно 36 фрески, а во фаза на изработка се 13 фрески. Живописот на црквата ќе биде завршен до крајот на 2022 година.
Мирко Видоески од 1989 година до денес е претседател на Литературниот клуб "Кирил Пајчиновиќ" при НУ ЦК „Иљо Антески-Смок“ Тетово. Во 2009 година третонаграден на конкурсот на весникот "Нова Македонија" за расказот "Пронајди пријател". Во 2007 година добитник на највисоката награда на Општина Тетово 3 Март за посебен придонес за развојот на ликовната уметност и литературата во Тетово.