ХИПЕРТЕНЗИЈА уреди

(Висок крвен притисок)

Хипертензија претставува зголемување на крвниот притисок во мирување и тоа зголемување на систолниот притисок над 140 mmHg, а на дијастолниот притисок над 90 mmHg. Зголемувањата на притисоците може да се случи со одделно зголемување на едниот или другиот или истовремено зголемување на двата крвни притисока.

Хипертензијата може да се подели на примарна или секундарна во однос на причината на настанување. Крвниот притисок има тенденција да се зголемува со зголемување на возраста, околу 2/3 од популацијата над 65 годишна возраст има хипертензија. Хипертензија може да се развие и за време на бременоста (Прееклампсија и Еклампсија).


Етиологија(настанување) уреди

ПРИМАРНА Хипертензија е почеста хипертензија (85%-90%) настаната од непозната причина, за оваа состојба се одговорни повеќе фактори. Генетската наследност се смета за предиспонирачки фактор, а факторите од околината како стрес, обезност (дебелина), зголемен внес на сол, намалена физичка активност, најчесто ги засегаат генетски предиспонираните.

СЕКУНДАРНА Хипертензија настанува како резултат на заболување на бубрежниот паренхим (хроничен гломерулонефритис или пиелонефритис, полицистична бубрежна болест, обструктивна уропатија), реноваскуларно заболување, Кушинг синдром, примарен алдостеронизам, феохромоцитома, хипертироидизам итн. Преголем внес на алкохол или користење на орални контрацептиви се честа причина за излечива хипертензија. Користење на симпатикомиметици, кортикостероиди, кокаин придонесуваат за развој на хипертензија.


Симптоми и знаци уреди

Хипертензијата е најчесто асимптоматска додека не се развијат компликации во засегнатите органи. Вртоглавица и нестабилност, зацрвенето лице, главоболка и слабост, течење на крв од носот се предизвикани од комплицирана хипертензија. Тешката и сериозна хипертензија може да предизвика различни кардиоваскуларни, невролошки, ранални и ретинални промени (промени на мрежницата на окото). Најран знак за хипертензивна срцева болест е појавата на 4ти срцев тон при аускултација со стетоскоп.


Дијагноза уреди

Хипертензијата се дијагностицира со сфигмоманометар, исцрпна анамнеза, физикален преглед, лабораториски испитувања (во урина - гликоза, протеини, седимент), во крвта - гликоза, уреа, креатинин, калиум, натриум, фосфати, HDL/LDL холестрол, триглицериди.,

основни технички испитувања: преглед на очно дно, ехографија на бубрези, надбубрежни жлезди, и аорта, ехокардиографија, холтер мониторирање, Doppler на периферните крвни садови.


Третман уреди

Примарната хипертензија нема лек, но затоа успешно се регулира на повеќе различни нивоа. Третманот овозможува запирање на развој на компликации, ограничување на болеста, доведување на крвниот притисок на нормална вредност < 140/90 mmHg.

Модифицирање на начинот на живот: регуларни физички активност минимум 30 мин/дневно(пешачење) без напрегање на срцето при угорнини, намалување на телесната тежина, престанок на пушење, исхрана богата со зеленчук и овошје, помалку конзумирање на масни продукти,ограничен внес на сол, ограничен внес на алкохол.


Медикаментозна Терапија: Доколку крвниот притисок не се намали и покрај модифицираниот начин на живот се оди кон медикаментозно контролирање на хипертензијата. Медикаменти кои се употребуваат за контрола на хипертензијата се: Диуретици, Бета-блокатори,Блокатори на Ca-канали,ACE инхибитори,Блокатори на ангиотензин 2, вазодилататори, адренергични модификатори.


Секундарната хипертензија се третира со третирање на заболувањето кое ја предизвикало.

Епидемиолошките испитувања покажуваат дека при нетретирана хипертензија смртноста се зголемува, пациентите со тешка хипертензија (систолен притисок >180mmHg, дијастолен притисок >110mmHg) најчесто умираат од мозочен удар, оние со средно покачен крвен притисок (систолен притисок 160-180mmHg и дијастолен притисок 100-110mmHg) умираат од компликации na исхемична болест на срце (срцев инфаркт).

ПРЕВЕНЦИЈА уреди

Многу важен момент во животот на секој човек е грижата за сопственото здравје. Превземање на чекори кон подобрување на исхраната и нејзино збогатување со многу зеленчук и овошје, редовни физички активности настрана од активностите за време на работните часови, релаксирање во природа,намалување на телесната тежина,намалување на внес на сол и алкохол, престанок со пушење. Сите овие чекори превземени и прифатени во нормалниот секојденвен живот спречуваат појава на хипертензија.

Наводи уреди

  • "Интерна медицина" том 1, Кардиологија, главен уредник Академик проф.д-р В.Серафимовски, Скопје 2003
  • "The Merck Manual of diagnosis and Therapy" 18 edition 2006
  • http://www.nhlbi.nih.gov/hbp/prevent/prevent.htm