Роден сум во с. Перово општина Ресен, на северното крајбрежје на самото ГолемоПреспанско Езеро (ГПЕ), на 17 јуни 1941 год., кога ГПЕ имало по втор пат во 20-тиот век максимално ниво на водата. Растев и живеевме со и од езерото. Основно четиригодишно училиште завршив во селското училиште “Цар Самуил”, а од петто до осмо во училиштето “Браќа Миладиновци” во с. Царев Двор. Мојата генерација беше последна што полагаше мала матура. Во учебната 1956/57 год. се запишав во средно техничко училиште “Здравко Цветковски”,архитектонско-градежен отсек во Скопје. Средното училиште го завршив во учебната 1959/60 год. Мојата генерација повторно беше пследна што полагаше голема матура. Во учебната 1960/61 се запишав на Архитектонско - градежниот факултет ,градежен отсек во Скопје. Факултетот го завршив во септември 1966 год. Сега мојата генерација беше прва што студираше по новата степенаста програма.
За време на студиите примав стипендија од тогашниот ССНО - ЈНА со обврска да работам во ЈНА најмалку 10 години. Од 01.10. 1966 год. до 30. 03. 1967 год. работев во воено градежната дирекција на скопската армиска област во Скопје. Од 01.04.1967 год. до 30.03 1968 год. бев на отслужување на воениот рок во школата за резервни инженериски офицери во Карловац( Хрватска).
Од 01.04 1968 год. распореден бев на работа во инженерискиот полигон од Косовска Митровица, унапреден во чин поручник на градежната служба, и на изградба на патот Гостивар -Кичево, делница Тајмиште- Сретково. Тука работев до крајот на 1970 год.
Во зимските месеци испраќан бев на обука и усовршување во Военотехничкиот институт на ЈНА во Белград, за подготовка и изградба на објекти за подготвување и уредување на територијата за одбрана.
:Од 01.01.1970 год. прекомандуван бев во военоградежната дирекција на скопската армиска облат во Скопје. Тука работев до распадот на СФРЈ и напуштањето на поранешната ЈНА на територијата на Р Македонија 07.03.1992 год., а после тоа во составот на АРМ, како градежна служба на АРМ, до пензионирањето, по сила на закон на 07.03. 2001 год.
Работењето на градежниот инжинер за потребите на армијата е специфично, посебно и поинакво од тоа во граѓанството. Мора да биде подготвен да лоцира ,проектира,контролира и изгради од наједноставен објект, пример полски клозет, до најсложениот, најодговорниот и најтешкиот, подземниот, командно, место или објект за врски на највисоките врвови на планините во земјата. Граничниот камен пак , ако е малечок, премногу е комплициран бидејќи е поврзан со вољата ,интересот на двете или трите соседни држави и меѓународното право,прописи и принципи. Во дадени моменти-ситуации и најскапото решение за целиот воен објект или поодделни негови делови, може/ат да бидат поефтини и пооправдани за резултатот- целта кој треба да се постигне: успех во одбраната, нападот, заштитата на живата сила, техниката, оружјето, населението,резервите и др. Затоа уште во време на мир, треба да се размислува,анализира,подготвува и изготвува решението и неговиот начин и средства за транспорт и дотур до местото на употреба.
Хиерархијата, строгата дисциплина, правовременоста и предвремената исполнителност, се посебна тежина и психолошка мора за градежникот.Работев како проектант, изведувач, надзор-контрола на градењето, на одржувањето на виталноста на објектите, во подготвувањето -мониторингот за проектирање и градење, надзор-контрола на проектирањето, ревидирање на проектните решенија, измени и дополнување на законската регулатива,прописите и др.
Војнички напредував спрема заслугата-успехот во работењето, законот и другите норми. Положив мајорски испит, кој што за нас беше и стручен државен испит и војнички стручен испит. Стигнав до чин потполковник на градежнта служба, кој го носев околу 17 години , до пензионирањето во 2001 год. Раководител бев на одделение, отсек,главен инженер на установата и началник на установата.
Видот на објектите на кои работев бројно е голем: станбени павиљони-касарни,интендантски објекти, санитетски, ветеринарски, технички работилници и сервиси, магацини и складишта од сите видови и намени, спортски и војнички наставни објеки и вежбалишта и полигони, стрелишта минијатурни, стационарни и за борбена обука со боева муниција, обалски езерски објекти, објекти за подготвување и уредување на територијата за одбрана и др. Посебна привлечност и грижа ми беа граничните објекти - караулите. Тие се самостојни и најоодалечени комплекси. Војниците и старешините во нив се во постојана борбена подготвеност,со муницијата во цевката на орушјето и постојано на терен, без разлика на временските услови. Заслужувааат и обврзно го сметав за нив максималното внимание.
За време на работниот стаж добитник бев на две Први награди, Златни плакети и една Втора, Сребрена плакета на ниво на ЈНА во СФРЈ.
Од посебно значение за мене во мојата работна кариера беше пристаништето за патролните чамци во езерската (морнаричка) караула Царина во с. Стење на Големото Преспанско Езеро. Имено, подготовките, мониторингот за неговото проектирање, проектирањето и за градењето ги спроведов јас. Во 1987 год. крајната точка на пристаништето беше длабока 8,00 метра. Во 1991 год. пристаништето беше неупотребливо-плитко. По војничката терминологија тоа веќе значеше диверзија. Мораше да се истражува причината. Тоа беше повод на повозрасни години да се запишам на постдипломски студии за Просторно планирање во институтот по географија при Природно математичкиот факултет во Скопје. Ова ми даде и охрабрување и потик да ја проверам интелектуалната моќ и да си докажам дека, доколку човекот сака, во секое доба може да создава. Магистерската тема: '"Осцилациите на нивото на водата во Преспанското Езеро и нивото влијание на просторното планирање на крајбрежниот простор", ја одбранив во 1995 год со највисока оценка. Заклучок беше дека човекот со своето некоординирано и прекумерно влијание, прилично ги избуричкал работите во Преспанскиот животен простор. На симпозиумите во 1997 год. во Корча и 2000 год во Отешево овој заклучок со детали беше потврден од страна на учесниците од Албанија и Грција (види дел Преспанско Езеро).Магистерскиот труд е објавен-печатен во 1997 год во Скопје. Во 2001 год е објавен трудот со дополнувања и нови сознанија под наслов “Преспа”.
Истражувачката работа е слатка зараза. Продолжив со истражување. Собрав доста материјали и нови непознати до сега работи. Нажалост, од недостаток на финансиски средства, тој материјал не можам да го објавам.
Оженет сум. Сопругата ми е дипломиран инженер технолог. Работниот 40-ет годишен век го помина во ОХИС Скопје. Беше врвен стручњак и специјалист за пластичните маси, ценет и почитуван. Извонредна сопруга. Голема мајка на три чеда, ќерка и два сина близнаци. Баба на четири внуци од трите свои деца. И двајцата сега сме пензионери, ама интелектуалната работа сè уште не ја “откажуваме”.