ЖЕНСКАТА НОСИЈА ОД ЕТНИЧКИОТ ПРЕДЕЛ ОВЧЕ ПОЛЕ уреди

Етнички предел Овче Поле уреди

 
Детска носија од етничкиот предел Овче Поле, деца на училиште, облечени во традиционална облека.

Овче Поле е пространа рамнина сместена северно од Штипскиот крај. На запад граничи со Велешко, на североисток преку Пчиња со Скопско, на север со Кумановско, а на исток со Кратовско.

Како рамничарски крај, главно занимање на населението било земјоделието и сточарството. Во минатото овој крај бил важна житница за планинските краишта на северна Македонија. Негов главен центар бил Свети Николе. До 1870 година тој бил се уште селска населба, но од тој период постепено се формира во градче и стопански центар, за подоцна да стане административен центар на овој крај.

Населението во Овче Поле уреди

Според статистичките податоци кон крајот на XIX век, составот на населението го сочинувале главно Македонци - познати како Которци, и Турци кои се јавуваат како побројни во однос на првите. Во 1912 година се иселил дел од турското население, а наместо него се населиле Власи-овчари, како и Македонци од соседните предели (Осоговијата, Кратовско и Кривопаланечко).

 
Женска и машка овчеполска носија.

Бројноста на турското население во Овче Поле условила да дојде до израз турскиот вкус во облекуваьето, на што укажуваат повеќе примери од областа на домашното текстилно производство. Основните ткаенини од кои во голема мера се изработувала носијата, како на пример „алаџа“, „антерија“ и „кенарлија платно“ ја потврдуваат оваа констатација. Потврдување во тој поглед се специфичните тантели „сорки" - плетени во духот на турско-ориенталните тантели „ои"- познати како турска специфика.

Делови на женската овчеполска носија уреди

Кошула уреди

Кошула - од бело памучно платно или платно со „кенари“, долга до глуждовите. Кроена од преден и заден стан од едно „платно“, рамно кроени ракави, широко отворени или набрани со помош на „рокли“-манжетни, „ребрењаци“ - странични „платна" (клинови или бочници) и јака тесна лента пришиена околу вратниот дел. Во XIX век се украсувала со вез на долниот дел - „полите“ и околу долниот дел на ракавите во вид на тесна бордура (широка околу 4 см), дополнета со ширити и „сорки“.

Кошулите од првите децении на ХХ век се украсувани главно со разнобојни плетени тантели во вид на бордури, познати како „сорки“ или „цуцки“. Со наубави „сорки“ се украсувани ракавите на кошулата. Со цел да се постигне поголем декоративен ефект, на ракавите се пришивале и други ракави украсени исто така со „сорки“ ; се случувало еден ракав да биде дополнет со уште пет ракави кои се носеле превртени кон надворешната страна - со сорките нагоре.

Најмногу сорки се пришивале на ракавите на девојчинските кошули и оние за млади невести; кошулите за постари жени се украсувале со еднобојни сорки од жолт „немстен свилен конец“.

 
Овчеполски невести во носија

Ракавици уреди

Ракавици - плетени полуракави од волнена или памучна преѓа, орнаментирани; се носеле од китката на раката до лактите.

Манта уреди

Манта - вид грлинка, од бело домашно платно или од купечко индустриско платно (басма или свила); околу вратот со врвци за врзување.

Елек уреди

Елек - горна безракавна облека, од тенка домашна волнена ткаенина „алаџа" - во пруги (разни бои) на црвена или темно црвена основа. Од внатрешната страна поставен со домашна конопна ткаенина, полнет со памук и рачно прошиен во вид на штепови преку целата површина, така што е добиена брчкана релјефна структура. До половината е припиен до телого, а надолу ѕвонесто проширен со посебно нагласени страни (кон задниот дел) во вид на „големи уши".

Антерија уреди

Антериjа - горна облека со долги ракави, долга до под колена, од ист материал како и елекот, но во потемни бои поставена и на ист начин полнета со памук како претходната облека. Се носела зимно време над елекот.

 
Населението во овчеполското село Ѓуѓанци.

Пешкир уреди

Пешкир - скутина ткаена од волнена преѓа, составена од две хоризонтално поставени дипли; ткаена е на црвена основа и прошарана со дискретни шари во бордо или темно црвена гама; од страните орнаментирани појаси со геометриска орнаментика.

Ѕуница уреди

Sуница - четворно ткаен појас на црвена основа, долг 25 метри, широк околу 5-7 см, на краевите со исплетени реси во вид на плетенки, долги 15-20 см; се опашува над елекот.

Бришалка уреди

Бришалка - правоаголна бела крпа, на краевите орнаментирана, украсена со „сорки“. Се носела задолжително прикачена на појас од левата страна. Ја носеле жени на разни возрасти. Се сметало дека „девојче без бришалка у појас не е лично". Невестите носеле бришалки за „тавра“ и за гувеење.

Кога невеста гувеела, во двете раце над појасот држела по една здиплена бришалка. „Невеста без бришалка на појас не бива да искочи низ село". Освен на појас ги носеле закачени и врзани на чадор.

Чорапи уреди

Чорапи - плетени од волнена преѓа, орнаментирани во појаси на црвена основа со карактеристични орнаменти „кола“; во поново време се плетат на црна основа и со помалку шарки или чисто црни.

Опинци уреди

 
Овчеполски невести перат алишта на селската чешма во село Трстеник.

Опинци - изработувани од штавена кожа, со „опути“ - врвки за врзување околу нозете.

Шамија уреди

Шамија – изработена од бело домашно платно. Се носела врзана во двата ќоша под брадата или истите два префрлени кон темето.

Каврак уреди

Каврак – вид шамија, црн или во разни бои, на краевите украсени со разни сорки. На главата се врзувал предиплен дијагонално, двете “пера” вкрстени зад тилот се врзувале од десната страна над челото.

Коцла уреди

Коцла - вид плетенка од природна коса, долга до петиците, ја носеле невести на денот на венчавањето.

Вес уреди

Вес (фес) - висок околу 2-3 прсти, со пискул од црни реси (сличен на турски фес). Над него се носело тепелаче, жолто од „туч“, фесот се обвиткувал со чалма - „стамболско шамиче“, памучно (шарено со гранки).

Накит уреди

 
Овчеполска носија на собор во 2013 година

а) ѓердан, долг од грлото до пафтите;

б) „алпез“ - вид украс од нанижани сребрени пари што се ставал на главата, спуштен низ грбот;

в) „рафтови на груди“ - сребрен накит од неколку реда синџирчиња, поделени на две страни, накитени со стари пари; на среде со „тока“ - закачена за градите, а синџирчињата минуваат под пазувите, се вкрстуваат и закачуваат на рамената;

г) пафти „кубејлии“ и пафти „колвачести“ - сребрен украс за на појас;

д) „ќостек“ - украс за на појас плетен од монистра.