Кипарис (митологија)

Кипарис (старогрчки: Κυπάρισσος) во старогрчката митологија е син на Телеф кој живеел на островот Кеос (Киклади). Тој бил љубимец на богот Аполон и бил најубав во племето на Коите. Во Картајските полиња на островот Кеос, каде што владеееле убавите нимфи имало еден огромен свет елен со гранести рогови, кој со својата прекрасна глава сам си создавал сенка. Роговите му биле од злато, на вратот му висел ѓердан од дијаманти, на челото имал сребрен медалјон, а од ушите му виселе бисери. Еленот е роден бестрашен, слободно влегувал во домовите дури и на непознати луѓе и кротко го пружал вратот за милување секому којшто ќе посакал. Кипарис многу го сакал овој елен, често го водел низ росни ливади и го поел на бистри извори, венци од шарено цвеќе му ставал на златните рогови, а често и како коњаник јавал на грбот од еленот. Еднаш, младиот Кипарис не сакајќи со една остра стрела го погодил еленот. Кога видел како еленот умира од лутата рана, посакал и самиот тој да умре. Аполон го тешел да не плаче многу, да не страда повеќе отколку што е редно. Но Кипарис не можел да си ја стиши болката и ги молел боговите, како последен дар, да направат неговата болка вечно да трае. Од преголемиот плач, неговото тело станало бескрвно и попримило зелена боја, а косите му се накострешиле и станале крута шума, свртена со тенкиот врв кон небото. Тогаш, Аполон тажно воздивнал и рекол: „Вечно ќе тажиме, Кипарисе, ние по тебе, а ти вечно ќе тажиш по други, близу мртвите.“ Затоа дрвото „кипарис“ (чемпрес) најчесто го гледаме покрај вечните почивалишта на умрените — покрај гробовите.[1]

Кипарис

Поврзано

уреди

Наводи

уреди
  1. Древни митови - приредила Љубинка Басотова, Скопје 2010