Изнајмена линија
Изнајмена линија – приватно двонасочно или симетрично телекомуникациско коло меѓу две или повеќе локации обезбедени согласно комерцијален договор.
За разлика од традиционалната телефонска линија во јавната комутирана телефонска мрежа (ЈКТМ), изнајмените линии не се комутирани линии, па следствено немаат телефонски број. Секоја од страните на линијата е постојано поврзана со другата страна и е наменета само за неа. Изнајмената линија може да се користи за телефонски, семрежни или други податочни услуги. Некои изнајмени линии се користат за сигнализација, а други за поврзување на куќни централи или мрежни насочувачи.
Вообичаено, изнајмените линии ги користат деловни корисници за поврзување на географски оддалечените ограноци. За разлика од комутираните врски, изнајмената линија е постојано активна. Првостепени чинители кои влијаат на претплатата за изнајмената линија се растојанието меѓу крајните точки и пропусниот опсег на колото. Со оглед дека оваа врска е наменска само за сообраќајот меѓу двете точки, операторот може да обезбеди одредено ниво на квалитет.
Семрежната изнајмена линија е премиум семрежна врска, која вообичаен се реализира преку оптика и обезбедува симетричен пропусен опсег со целосно дуплексен сообраќај. Истата е позната и како етернет изнајмена линија или приватна линија.
На пример, дигитален сигнал Е1 обезбедува максимална преносна брзина од 2,048 Mbit/s. Корисникот може да го растави Е1 сигналот на 30 канали за говорна комуникација, да го подели на дел за податочна и дел за говорна комуникација или да ги спои каналите во едно податочно коло.
Историја
уредиУслугите на изнајмени линии (или приватни линии) се дигитализирале во 1970-тите со претворањето на магистралната Белова мрежа од аналогна во дигитална. Ова им овозможило на AT&T да нудат дигитални податочни услуги кои почнале со воведувањето на ДМИУ и Т1 линиите до корисниците.[1]
Со проширувањето на дигиталните услуги во 1980-тите години во САД, изнајмените линии се користеле за поврзување на корисниците на мрежите на фрејм релеј или АТМ. Пристапните брзини се зголемиле од почетните Т1 на Т3 опција. Во 1990-тите години, со развојот на семрежјето, изнајмените линии се користеле за поврзување на корисниците со семрежните услужнуци, додека во следната декада следувала конвергенција на претходно споменатите услуги со MPLS интегрираните понуди.
Пристапните брзини драматично еволуирале до брзини од 10Gbit/s на почетокот на 21 век со семрежниот бум.
Примени
уредиИзнајмените линии се користат за градење приватни мрежи, приватни телефонски мрежи (со поврзување на куќни централи) или за пристап на семрежјето или на партнерска мрежа (екстранет).
Во текот на времето имало разни примени на изнајмената линија.
Податочно поврзување на локација со локација
уредиОваа изнајмена линија завршува со рутери на двата краја и на тој начин ги проширува мрежните можности помеѓу мрежните места. Изнајмените линии првпат биле употребени во 1970-тите од компании со сопствени протоколи како ИБМ и Диџитал екипмент и со TCP/IP на универзитетските и истражувачките мрежи пред семрежјето да стане широко достапно. Денес, податочните врски од точка до точка вообичаено се обезбедуваат преку ИКМ, Етернет или Слој 3 MPLS
Поврзување на куќни централи на различни локации
уредиКога изнајмената линија на двете страни завршува со куќна централа, им се овозможува на корисниците поврзани на истите да ја заобиколат ЈКТМ за телефонски повици меѓу двете локации. Ова им овозможува на корисниците да имаат свои сопствени нумерациски планови (и да користат кратки броеви за интерните/локалните телефонски броеви) како и да се заштеди доколку доволно говорен сообраќај се пренесува преку линијата (кога заштедите на телефонската сметка ги надминуваат фиксните трошоци за изнајмената линија).
Поврзување на локација со мрежата
уредиСо растот на барањата за податочни мрежи, телефонските компании почнале да воведуваат понапредни мрежи користејќи комутација на пакети над постојната инфраструктура. Така, бројни телекомуникациски оператори додале АТМ, фрејм релеј или ДМИУ во нивното услужно портфолио. Изнајмените линии се користеле за поврзување на корисничката локација со пристапната точка на телекомуникацискиот оператор.
Меѓународни приватни изнајмени линии
уредиМеѓународна приватна изнајмена линија функционира како приватна линија од точка до точка.
Алтернативи на изнајмена линија
уредиИзнајмените линии се поскапи од алтернативните услуги за поврзување вклучувајќи АДПЛ, ВДПЛ и др. заради тоа што тие се исклучиво резервирани за изнајмувачот. Некои семрежни услужници развиле алтернативни производи кои имаат за цел да испорачуваат услуга налик на изнајмената линија, со поумерен пропусен опсег преку стандардната национална широкопојасна мрежа. Додека изнајмената линија е целосен дуплекс, повеќето алтернативни изнајмени линии обезбедуваат само полудуплекс или во многу случаи асиметрична услуга.
Поврзано
уредиНаводи
уреди- ↑ Microsoft Encyclopedia of Networking, Second Edition. Microsoft Press. © 2002.