Елешец
Оваа статија можеби бара дополнително внимание за да ги исполни стандардите за квалитет на Википедија. Ве молиме подобрете ја оваа статија ако можете. |
Елешец е нова населба и составен дел на селото Елшани.
Постои голема веројатност Елешец да бил населен уште во најстарите времиња. Како потврда за ваквата можност треба да послужат поволните услови за живот, археолошките докази за населби во непосредна близина и народните преданија.
Најдени се и остатоци од гробишта од непознато време, а свежи се и сеќавањата на повозрасните луѓе за остатоци од црква во долниот дел од населбата Елешец на местото викано Купејнца на тумбата, чиишто темели за жал денес едвај можат да се најдат. Во повеќето ниви во населбата најдени се и ќерамиди со форма на лак од цилиндар на длабочина од 10 до 80 сантиметри. Најдени се и стари огништа за коишто постарите жители не веруваат дека е можно да постоеле на такви места.
Според народното предание, некогаш во Елешец постоело старото село Елшани, чии жители поради различни причини се иселиле во блиската околина и така се создале денешните села: Елшани, Пештани и Коњско. Во катастарските книги, местото од населбата е заведено под името Добро Село, но тој назив се користел порано и се споменува само при вадење на Уверение за движење на имот, за период постар од 40-тина години.
До средината на 20 век просторот околу денешната населба Елешец бил користен само за стопански дејности: земјоделство, сточарство и риболов.
Во современата историја на Елешец, во населбата главно имало трла за чување овци преку зимата, од повеќе сточарски семејства од Елшани, меѓу кои биле Никлевци и Кочовци. Така просторот на којшто сега се наоѓа населбата Елешец, во поголемиот дел од годината се користел за земјоделство ( одгледување на жито, пченка, овес, бавчи), а од Митровден до Ѓурѓовден, на тој простор биле стационирани Никлевци и Кочовци со нивните големи стада овци.
Кога и како настанала населбата Елешец?
Во периодот околу 1953-54 година многу семејства од Елшани, со некоја акција од државата, заминале да живеат во Битолскиот дел на Пелагонија со надеж за подобар живот во плодната [Пелагонија]. Таму живееле по десетина години, но носталгијата а и големите даноци на имот ги натерале повторно да се вратат назад во Елшани или во Охрид. Некои од нив останале да живеат во Пелагониските села, некои се вратиле во Охрид, а повеќето се вратиле во Елшани. Еден од нив бил и Климе Никлески кој после 10 години живеење во Будаково - Битола, со своето семејство се вратил, но не во Елшани, туку направил куќа во Елешец, во негов имот, каде што до пред десет години ги чувал овците во зимскиот период. Климе Никлески имал три синови: Димитрија, Ристо и Ѓорги. Димитрија најстариот се вратил во Елшани и таму сѐ уште живее со неговата фамилија. Ѓорги најмалиот се населил во Охрид и оформил свое семејство, а Ристо заедно со неговото семејство и со неговите родители Климе и Цвета, ја започнал современата историја на населбата Елешец. Тие сами живееле во оваа населба 5-6 години, кога почнале и други жители од Елшани да се преселуваат во Елешец. Неговата веќе поголема фамилија, предводена од синот Танче и денес живее во населбата.
Од 1970 година, населбата станува привлечна и за многу функционери и „видни“ граѓани коишто тогаш имале имале среќа со бенефициите што тогаш ги нудела државата, да купат плац и да направат викендичка. Така, покрај жители од селото Елшани и селото Пештани, населбата почнале да ја населуваат и граѓани од Скопје, Битола и други градови од тогашна Југославија.
Меѓу првите такви „доселеници“ биле политичарите Лазар Колишевски и Лазар Мојсов, како и писателот Славко Јаневски.
Населбата има стотина куќи, од кои постојано населени се само дваесетина. Повеќето жители се од Елшани, а само 3-4 семејства потекнуваат од соседното Пештани. Поради малубројното население, населбата нема изградено свои институции (црква, училиште и сл.).
Наводи
уреди- ↑ Мишо Јузмески: „Елшани - живот меѓу каменот и водата“, Елшани, 2009