Делфи (метода)
Делфи — метода за предвидување, развиена од американската корпорација РАНД во 1963 година. Првата голема примена на методата потекнува од 1965 година, кога на група угледни научници и интелектуалци им била поставена задача да дадат предвидувања во повеќе различни области, како: во која година ќе се оствари економски прифатливо отстранување на солта од морската вода; во која година ќе се појават автоматски преведувачи на јазици; во која година ќе започне трансплантација на органи; кога ќе бидат можни прецизни прогнози на времето; кога ќе биде овозможена контролирана термонуклеарна сила; кога ќе биде можна контрола на временските услови; во која година ќе се појават лекови за зголемување на интелигенцијата; кога ќе биде можно економски да се искористат океаните со цел да се произведе најмалку 20 % од светското количество храна итн.[1]
Опис
уредиМетодата се состои во внимателен избор на организатор и на група експерти во одредена област. Во првата етапа, организаторот им поставува неколку прецизно дефинирани прашања на експертите, кои даваат свои одговори. Кога ќе ги собере одговорите, организаторот ги собира и ја пресметува медијаната (просечното предвидување), заедно со степенот на несогласување меѓу експертите (меѓуквартилниот опсег). Во втората етапа, експертите ги дознаваат просечните одговори и межуквартилниот опсег, по што секој експерт повторно го искажува своето мислење. Притоа, поединечните експерти можат да го променат (поправат) својот првобитен став или повторно да го искажат истото предвидување, меѓутоа организаторот не врши никаков притисок врз експертите за промена на нивното мислење. Притоа, секој ескперт може да даде објаснување зошто останува на своето предвидување. Во третата етапа, организаторот повторно им ги испраќа на експертите претходните одговори, заедно со резиме на аргументите на експертите со екстремни предвидувања. Потоа, секој експерт повторно го дава своето предвидување, со можност да даде дополнитени аргументи на својот став и аргументи против другите мислења. Овој процес може да продолжи во повеќе етапи, но обично завршува по три или четири етапи.[2]
На пример, на група од 12 експерти може да им се даде задача да ја предвидат годината кога ќе се појави некој нов производ на пазарот. Потоа, нивните поединечни одговори се подредуваат по ред, на пример: 1979, 1980, 1983, 1985, 1986, 1987, 1989, 1990, 1990, 1990, 2010 и никогаш. Организаторот ја пресметува медијаната (во овој случај, таа изнесува 1988). Подредените одговори се групираат во четири групи од по три одговори и така се пресметуваат првиот квартил (тој лежи меѓу 1983 и 1985, што значи дека изнесува 1984) и последниот квартил (кој лежи меѓу 1990 9 1990, што значи дека изнесува 1990), а нивната разлика го дава меѓуквартилниот опсег (1984-1990) кој го претставува интервалот на отстапување на одговорите на експертите.[3]
Критика
уредиПостојат повеќе критики на методата Делфи, како што се следниве: во практичната примена, учесниците најчесто се ангажираат во стратегиски игри, наместо длабоко да размисуваат за поставениот проблем, критички да дадат свои аргументи и да ги оспорат аргументите на другите учесници; поактивно учество може да се обезбеди само со ангажирање експерти кои веќе активно се занимаваат во некоја тесна област итн.[4]
Иако во предвидувањето учествуваат експерти, често се случува тие да дадат потполно погрешни предвидувања, особено ако се работи за долгорочно предвидување. На пример, учесниците на една конференција за предвидување, одржана во 1967 година, биле замолени да ги дадат своите одговори на следново прашање: Во која година, процентот на електрични автомобили ќе достигне 50 % од вкупните автомобили? Во првата рунда, просечниот одговор (медијаната) изнесувал 1990 година, а распонот на одговорите се движел од 1985 до 2012; во втората рунда, просечниот одговор бил 1995 година, а распонот 1985-2020 година, а во третата рунда, просечниот одговор бил 1995 година со опсег од 1985 до 2011 година. Како што може да се забележи, предвидувањата на експертите испаднале сосема погрешни.[5] Истиот исход се случил и во првата примена на методата Делфи во 1965 година, кога експертите предвиделе дека океаните ќе произведуваат барем 20 % од светската храна во 2000 година (со опсег 2000-2017 година) — предвидување кое воопшто не се остварило.[6]
Наводи
уреди- ↑ C. W. J. Granger, Forecasting in business and economics (second edition). Sand Diego etc.: Academic Press, 1989, стр. 219.
- ↑ C. W. J. Granger, Forecasting in business and economics (second edition). Sand Diego etc.: Academic Press, 1989, стр. 216-219.
- ↑ C. W. J. Granger, Forecasting in business and economics (second edition). Sand Diego etc.: Academic Press, 1989, стр. 217.
- ↑ C. W. J. Granger, Forecasting in business and economics (second edition). Sand Diego etc.: Academic Press, 1989, стр. 221.
- ↑ C. W. J. Granger, Forecasting in business and economics (second edition). Sand Diego etc.: Academic Press, 1989, стр. 217-2018.
- ↑ C. W. J. Granger, Forecasting in business and economics (second edition). Sand Diego etc.: Academic Press, 1989, стр. 219.