Глас (фонетика)
Во рамките на фонетиката, глас (наречен и фон) значи:
- говорен звук или гест кој се смета за физичка појава без разлика на неговото место во фонологијата на еден јазик
- говорен сегмент со карактеристични физички или восприемни својства
- најосновна единица изнесена по пат на фонетска говорна анализа
Фонетската симболика се запишува во [квадратни] загради.
Поделба на гласови
уредиГласовите во македонскиот јазик се делат на:
- самогласки (вокали);
- согласки (консонанти).
Самогласките се: а, е, и, о, у, но понекогаш се користи и сонант р. Се изговараат со поширокото отворена уста, за разлика од согласките и тие ја вршат слоговната функција во јазикот.
Р, има функција на самогласка, ако:
- се наоѓа меѓу две согласки;
- се наоѓа на почеток на збор и зад р има согласка;
- се наоѓа во состав на претставка која завршува на согласка.
Согласки се гласови при чие изговарање воздухот во усната празнина наидува на помали или поголеми пречки при изговорот.
Во македонскиот литературен јазик има 26 согласки.
Поделба на согласки
1. Според начин на образување
преградни(избувливи) | П | Б | М | Т | Д | Н | Њ | К | Г | ||
теснински(струјни) | Ф | В | С | З | Ј | Ш | Ж | Х | Л | Љ | Р |
преградно теснински | Ц | Ѕ | Ч | Џ | Ќ | Ѓ |
2. Според место на образување
уснени | П | Б | М | Ф | В | |||
забновенечни | Т | Д | Н | Л | Ц | Ѕ | С | З |
венечни | Љ | Ч | Џ | Ш | Ж | Р | ||
тврдонепчени | Њ | Ј | Ќ | Ѓ | ||||
меконепчени | К | Г | Х |
3. Според звучност
звучни | Б | В | Г | Д | Ѓ | Ж | З | Ѕ | Џ | / |
безвучни | П | Ф | К | Т | Ќ | Ш | С | Ц | Ч | Х |
сонанти | Р | Л | Љ | М | Н | Њ | Ј |
Гласовни промени
уредиЕдначење по звучност
уредиЕдна од најкарактеристичните појави во македонскиот јазик е гласовната промена едначење по звучност. Таа се случува при допир на две согласки со различна звучност. Кога во зборот ќе се најдат две согласки една до друга различни по звучност тие се изедначуваат — или двете стануваат звучни или двете безвучни. Тоа зависи од звучноста на втората согласка.
звучна + безвучна = две безвучни
б + безвучна = п, г + безвучна = к, д + безвучна = т, итн.
На пр.: близ + ка = блиска, пред + пријатие = претпријатие, од + скокне = отскокне
безвучна + звучна = две звучни
п + звучна = б, к + звучна = г, т + звучна = д, итн.
На пр.: сват + ба = свадба, гос + ба = гозба, с + града = зграда
Едначењето по звучност се бележи и кога зборовите се претставкираат, односно кога претставката завршува со звучна согласка, а зборот започнува со безвучна.
На пример:
зад + скрие = затскрие над + превар = натпревар под + свест = потсвест пред + чувство = претчувство без + куќник = бескуќник из + чезне = исчезне Овие претставки кога ќе се најдат пред зборови со исти согласки може или да се удвојат (оддава, раззелени, оттука, поттикне) или поради сраснатоста во зборот, едната да исчезне (одамна, бесмислен, бесмртен, исели, исече, расели, расече, расони).
Во неколку случаи едначењето по звучност не се одбележува:
- Кај гласот „в“ не се одбележува едначењето по звучност (во изговорот се изедначува и го изговараме како ф, но според правописот, пишуваме в):
На пр.: овца, вторник, мравка, бевте, читавте, Славка;
- Не се одбележува едначењето по звучност на гласот „д“ пред наставките: -ски, -ствен и -ство.
На пр.: судски, градски, охридски; производствен, следствено; судство, производство, соседство итн.
Не се одбележува едначењето на „д“ и пред множинската наставка -ци: предок — предци; крадец — крадци; очевидци, ороводци итн.
Исто така, не се одбележува едначењето на „д“ пред членската морфема -та: заповедта, жедта, исповедта.
- Пред членската морфема -та, не се одбележува едначењето по звучност и кај другите звучни согласки.
На пр.: надежта, скрбта, зобта.
- Не се бележи едначењето по звучност на гласот „г“ пред наставката: -ство и пред -пат: бегство, другпат.
Обезвучување на согласки
уредиОбезвучување на согласки е кога на крајот на зборот звучната согласка преминува во безвучна и тука настанала говорна промена.
На пр.
- леб - леп;
- мраз - мрас;
- крв - крф;
- љубов - љубоф;
- праз - прас.
Редување на согласки и самогласки
уредиРедување (замена) на согласки и самогласки е промена во коренот на зборот или во наставката при изведување нови зборови од ист корен или промена на форма на зборовите.
- роди - раѓа
- пренесе - пренос
- војник - војници - војнички
- воздух - воздушен
- монарх - монаси - монашки
- лист - ливче
- мост - мовче
- круша - крувче
- глусец - глувче
- фати - фаќа
Испуштање на самогласки
уредиИспуштање на самогласки настанува при промена на форма по род, број и член
еднина -> множина
- агол - агли
- потомок - потомци
- метар - метри
- театар - театри
- петел - петли
машки род -> женски род
- низок - ниска
- ведар - ведра
нечленувана форма -> членувана форма
- реализам - реализмот
- лакот - лактот
- мирен - мирниот
Испуштање на согласки
уреди- грозд - грозје
- лист - лисје
- радост - радосна
Поврзано
уреди- Фонема, збир гласови кои се когнитивно еквивалентни
- Алофон, еден од многуте гласови кои сочинуваат фонема
- Список на фонетски теми