Нема проверени преработки на оваа страница, што значи дека можеби не е проверено дали се придржува до стандардите.

Сервисот Вистиномер (Вистинометар) врши анализа на предизборните програми на политичките партии, преку која граѓаните имаат можност да дојдат до информации за активностите и резултатите кои се произлезени од партијата за која гласале, откако ќе дојде на власт. Вистиномер врши анализа на исполнетоста на предизборните ветувања и на вистинитоста во изјавите дадени од страна на политичарите.

Вистиномер
Основана2011, Фондација Метаморфозис
Мреж. местоwww.vistinomer.mk

Вистиномер, преку тим на стручни лица од соодветните области, ги анализира ветувањата на политичките субјекти и ги презентира во лесно читлива, агрегирана форма, заедно со систематски статистички податоци. Секое идентификувано ветување добива оценка според степенот на исполнетост: исполнето, делумно исполнето или неисполнето. Ветувањата кои се нелогични или искажани на начин што оневозможува да се проверат се означени како недоследни.

Преку запознавање со ветувањата и со аргументите од објасненијата, граѓаните се образоваат како да ги читаат и толкуваат изборните програми и платформи, како и самите да следат и да оценуваат колку од тоа што е напишано и ветено се исполнува.

Во моментов Вистиномер.мк содржи оценки за ветувањата дадени на изборите во 2008 и 2011 година од партиите кои ја освоија власта и имаа реална можност и да ги остварат тие ветувања. Вистиномер ќе продолжи да функционира долгорочно и ќе го следи остварувањето на предизборните ветувања на победниците, како и изјавите на политичарите кои може да се класифицираат како ветувања.

Основна намена на Вистиномер.мк е да го зголеми знаењето на граѓаните, медиумите, невладините организации, но и на партиите и нивните членови кои преку него имаат прилика да се запознаат и со низа аспекти на политичкиот процес од Македонија.

Ветувања

уреди

Ветувањата дадени во предизборните програми се издвојуваат како посебни ентитети и се поставуваат на мрежното место. За да добие ваков статус ветувањето од политичката програма мора да содржи:

  • конкретни цели – резултати кои партијата има намера да ги постигне по доаѓањето/останувањето на власт, како и
  • мерки – активности кои ќе бидат преземени за постигнување на целта.

Конкретни цели имаат ветувањата кај кои со сигурност може да се утврди кој резултат се сака да се постигне и кога тој резултат е постигнат. Тоа подразбира очекуваниот резултат да биде опишан на јасен, прецизен и недвосмислен начин, со јасно одредени параметри, т.е. индикатори врз основа на кои може да се мери исполнетоста на ветувањето. Прецизни параметри се оние елементи на ветувањето со кои поподробно се утврдуваат суштинските својства (квантитет, квалитет и составни елементи) на зададената цел, кои мора да бидат задоволени за таа цел да може да се смета за исполнета. Таквите параметри зависат од природата на ветувањето и може да опфаќаат:

  • Почетни и завршни големини: ако се ветува раст во одредена област – прецизни параметри за посакуваните стапки на раст и развој во однос на тековната состојба; при ветувања од финансиската сфера, параметрите опфаќаат конкретни суми/проценти на средства.
  • Доколку се ветуваат квалитативни подобрувања во одредена област, параметрите мора да го објаснат ветениот напредок во однос на постоечката состојба. Ако ветените промени не се мерливи со бројки (пошироки политики и стратегии, општествена клима, култура, системи на вредности, меѓународна соработка) параметрите вклучуваат детални описи на очекуваните промени со конкретни краткорочни и долгорочни мерки.
  • Институционални параметри – ако ветувањата се однесуваат на законските рамки, треба да содржат прецизирање на законодавните акти од кои може да се види кои области се уредуваат, во кој обем и со кои акти. Во случај на воспоставување институции, параметрите мора да укажат на нивното ниво и надлежности.
  • Наведување механизми за следење и контрола на индикатори на спроведувањето на ветувањата, ако тоа веќе не е покриено во рамки на постоечки институционални механизми.
  • Параметри за одредување на временската рамка за исполнување на ветувањата.

Конкретните мерки претставуваат активности кои носителот на ветувањето ќе ги преземе со цел остварување на дадено ветување, преку конкретни параметри кои покажуваат дека ќе дојде до остварување на поставената цел. Во зависност од самата цел, тие може да вклучуваат:

  • Прецизна правна рамка со која ќе се уреди дадената област или проблем
  • Најава на студии/истражувања, стратегии, планови со кои ќе се обезбеди ветениот резултат
  • Потекло и износ на средствата со кои ќе се обезбеди исполнување на зададената цел
  • Временски рокови за извршување на најавените мерки
  • Идентификување на постоечките или најава на воспоставување нови надлежни институции кои ќе ги спроведат наведените активности
  • Наведување механизми за следење на спроведувањето
  • Други активности кои треба да се обезбедат за остварување на ветувањето.

Ветувањата кои се нелогични или искажани на начин што оневозможува да се проверат се означени како недоследни.

Секое идентификувано ветување добива оценка според степенот на исполнетост: исполнето, делумно исполнето или неисполнето:

  • Неисполнето: доколку за даденото ветување нема никаква активност, односно ништо не е спроведено до дадениот рок.
  • Делумно исполнето: направени се неколку активности за негово исполнување
  • Исполнето: ветувањето е исполнето во целост
  • Во тек: започнато е да се работи на исполнување на ветувањето
  • Недоследно: нелогично ветување и за кое не постои начин да се провери

Анализите и оценките на ветувањата се објавуваат јавно на Интернет и по можност се доставуваат директно до партиите. Носителите на ветувањата, како и целата јавност имаат можност на увид и директен одговор на сите анализи, давање деманти, замерки, сугестии и дополнителни информации и аргументи врз основа на кои може да дојде до промена на степенот на исполнетост за дадено ветување, преку коментари на мрежното место или други форми на директна комуникација со аналитичкиот тим.

Изјави

уреди

Изјавите од политичари, јавни функционери или други носители на одлуки и творци на јавното мислење дадени во медиумите или пак на јавни настани се анализираат според истите критериуми и во рокот имплициран во самата изјава, по што се оценуваат со:

  • Невистина: изјавата е невистинита
  • Полувистина: изјавата е точна, но фалат важни детали или е извадена од контекст
  • Вистина: изјавата е вистина

Надворешни врски

уреди