Википедија:Избрана статија/2010/09
Бурџ Калифа е облакодер во Дубаи, Обединети Арапски Емирати и е највисоката градба изградена од човекот досега. Изградбата на објектот започна на 21 септември 2004, а официјално заврши на 4 јануари 2010.
Градбата е дел од проектот „Центарот на Бурџ Дубаи“, кој се гради на површина од 2 km2, веднаш до економскиот центар во градот, а содржи и фонтана и уште неколку впечатливи градби. Архитект на кулата е Адријан Смит, кој соработува со компанијата Skidmore, Owings and Merrill од 2006. Оваа инженерска компанија, со седиште во Чикаго беше вклучена во спроведувањето на проектот. За изградба на кулата како главен градител била ангажирана јужнокорејската компанија Samsung C&T, која била ангажирана и во изградбите на кулата Тајпеј 101 и кулите Петронас, а компанијата Hyder Consulting за структурното и машинско инженерство. Според законите на ОАЕ, склучувачот на договорот и инженерот се заеднички одговорни и имаат обврска за изведбата на активностите во врска со изградбата на Бурџ Калифа. Поради тоа, и покрај конструкцијата од страна на компанијата Skidmore, Owings and Merrill, компанијата Hyder Consulting, правно е конструктор на градбата.
Владетелот на емиратот Дубаи, заменик претседател и премиер на Обединетите Арапски Емирати, Мухамед бен Рашед ал Мактум на отворањето на 828 метри високиот облакодер, во светот познат како „Бурџ Дубаи“, изјави дека во чест на претседателот на ОАЕ, шеикот Калифа бин Заид ал Нахјан, кулата ќе биде преименувана и во нејзиното име ќе биде вметнато неговото име. Во таа прилика, тој рече:
„Отсега и засекогаш, оваа кула ќе го носи името „Калифа“ — „Бурџ Калифа“.“