Википедија:Избрана статија/2008/23
Меѓународниот Црвен Крст и Црвена Полумесечина е меѓународно хуманитарно движење со околу 97 милиони доброволци ширум светот, чија мисија е да го штитат човечкиот живот и здравје, да обезбедат почитување на човекот, и да го оневозможат или олеснат човечкото страдање, без каква било дискриминација заснована на националност, раса, религија, класна припадност и политичко мислење.
Често слушаниот израз „Меѓународен Црвен Крст“ всушност е погрешен, бидејќи не постои таква организација. Во стварност, Движењето се состои од неколку одделни организации кои се правно независни, но се обединети во Движењето преку заеднички основни принципи, цели, симболи, статути и органи на управување. Деловите на Движењето се:
- Меѓународниот Комитет на Црвениот Крст (МКЦК), приватна хуманитарна установа основана во 1863 во Женева, Швајцарија. 25-члениот Комитет, според меѓународните хуманитарни закони, има уникатно право да го штити животот и достоинството на жртвите од меѓународни и граѓански вооружени конфликти.
- Меѓународната Федерација на здруженијата на Црвениот Крст и Црвената Полумесечина, основана во 1919 и која денес ги координира активностите меѓу 186 национални здруженија. Секретаријатот на Федерацијата е со седиште во Женева, Швајцарија. Федерацијата ги предводи и огранизира, во тесна соработка со националните здруженија, мисиите за помош во случаи на големи непогоди.
Национални здруженија на Црвениот Крст и Црвената Полумесечина постојат во речиси сите земји во светот. Во моментов, 186 национални здруженија се признаени од МКЦК и се примени како полноправни членови на Федерацијата. Секоја членка работи во својата земја според принципите на меѓународното хуманитарно право и статутите на меѓународното движење. Зависно од нивните конкретни околности и можности, националните здруженија можат да преземат дополнителни хуманитарни активности кои не се директно дефинирани со меѓународното хуманитарно право или со одредбите на меѓународното движење.